Културо

Погледнете: Која е овогодинешната програма на “Бела ноќ”

Како што сите знаеме, во сабота 7-ми октомври ќе стартува 13-то издание на “Бела ноќ”, манифестација која со разно-разни културно забавни активности на разни локации низ ценатарот на Скопје, ќе се анимираат пред се младите и сите оние кои сакаат да поминат една интересна и невообичаена луда бела ноќ во центарот на главниот град. Во продолжение, на нашиот музички портал прочитајте ја програмата за време на “Бела ноќ” и детално дознајте што ќе се случува во текот на оваа вечер.

Детална програма за 13-то издание на “Бела ноќ 2017”:

Изложба: Салвадор Дали – “Помеѓу ѕвездите и басните” со почеток во 20 часот во Галеријата МКЦ

Изложбата е организирана во соработка со “Висконти уметничка галерија” од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад и претставува серија од 11 нумерирани и потпишани графики, кои ги илустрираат басните на Жан де Лафонтен, како и неговиот портрет, виден со очите на Салвадор Дали и тринаесет графики од серијата Зодијак. Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како “Гавран и лисица”, “Коњи и волк”, “Лавовиот двор”, “Болниот елен”. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Ќе бидат изложени и дела од опусот “Вечерата на Гала”, “Божествена комедија”, и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена “Жена жирафа”. Вкупно 29 дела од овој мајстор на уметноста.

Музички перформанс: Таго – Корејски тапан 2 со почеток во 21 часот на Плоштад “Македонија”

Заборавете на стресот и вратете ја назад вибрантната енергија во вашиот живот. Одличен микс на корејски традиционални инструменти, почнувајќи од огромни тапани до мали перкусии со доза на древни боречки вештини, чија цел е да го збогатат перформансот со динамични движења. 30-на актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција, ќе не почестат со свој 70-минутен перформанс носејќи не во сосема друг свет. Ова гостување во рамките на “Бела ноќ” е во соработка со фестивалот “МОТ”, т.е. во “МОТ+” програмата.

Поставка во Природнонаучниот музеј

Постојаната поставка на Музејот опфаќа површина од 1700м2. Во неа се изложени околу 4.000 оригинални експонати, со над 270.000 примероци од геата, флората, фунгијата и фауната на Македонија.

Сексот и револуцијата, Македонски културен центар – горно фоаје

“Последното прибежиште овозможило сексуална револуција”, тврди Џери Рубин, американскиот антивоен лидер од 60-те. Теоретичарите на сексуалната револуција сметаат дека таа започнала во 20-те со забрзаниот развој на технологијата, медицината и филмот. Жените ги кратат косите и здолништата, а мажите бараат карта повеќе за последното седиште во кината. Роза Луксембург во Берлин му пишува на драгиот Лео писма и бара повеќе секс, заедно со револуцијата. Марлен Дитрих игра на шанк на геј-клубовите и носи различни жени и мажи во кревет.

Авторски тим:
Катерина Станковиќ – Бјеговиќ, ликовна уметничка
Јелена Живковиќ, историчарка

Инсталација: “Танцување на природата” од Марија Светиева, Младински културен центар – долно фоаје

Самостојна изложба на Стефан Димовски, Дом на културата “Кочо Рацин”

Роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство, сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995-та година. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепија).

Антонио Пирковски – “Ремеморирање”, Музеј на град Скопје
Кодирање: Кристиан Цветковски и Маја Лилчиќ – Машински инженери

Проектoт “Ремеморирање” е кодирана интермедијална амбиентална инсталација. Светлосните и звучните стимулатори, кои се рефлектираат од инсталацијата низ дразбите ја симулираат невронската слика на мозокот, во кој постојано се емитуваат сигнали од милиони неврони бомбардирајќи ја човечката свест. Шематски поврзаните елементи и ефектите од инсталацијата, визуелно се синхронизираат со невидливата улога на невроните-канали. Информациите низ електричните сигнали-нервни импулси се пренесуваат на друг нерв или на некоја ефекторска клетка преку синапсите во кои е складирана меморијата.

Музичка програма – Младински културен центар:

Alex Jønsson Solo, Данска со почеток во 21 часот во Џебното кино

Плато – Младински културен центар:

Концерт со почеток во 21.30 часот на кој ќе настапат: Barbarisms од Шведска, Conquering Lion од Македонија и Ninos du Brasil од Италија.

Сала 25-ти Мај – Концерт на кој ќе настапат: I tpame i tvrame и Uj Pa Gaz од Албанија, Kanton6 и Нино Наумов од Македонија.

Филмски маратон: 24 часовен филмски маратон во Кино “Милениум” стартувајќи од 12 часот напладне.

Градот Скопје како и секоја година, и оваа традиционално обезбеди бесплатен превоз со автобусите на Јавното Сообраќајно Претпријатие започнувајќи од 19 часот на сите линии кон центарот на Скопје.

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: