Музичари во политиката: Овие пејачи го заменија микрофонот за фотелја

За 10 дена во Македонија ќе се одржат нови вонредни парламентарни избори, впрочем многу држави ова лето ќе имаат избори поради одложувањето за кризата со Ковид-19.

На престојните избори во 5-та изборна единица кандидат за пратеник е оперскиот пејач Игор Дурловски. Тој е предводник на листата за таа изборна единица и многу веројатно ќе освои мандат во парламентот. Дурловски не е ниту прв, а веројатно ниту последен музичар кој сцената ќе ја замени за некое претставничко тело. Кралицата на ромската музика, Есма Реџепова, беше советник во Советот на Град Скопје неколку години.

И во околните земји пејачите политички се ангажирале и се ангажираат. Пејачот Мирослав Шкоро е исклучително активен во Хрватска која на 5-ти јули одржува парламентарни избори, а пред половина година одржуваше претседателски избори на кој тој беше кандидат. На овие парламентарни избори во Хрватска, кандидати за пратеници се и фронтменот на “Хладно пиво”, Миле Кекин, но и поранешната пејачка на “Магазин”, Лилјана Николовска.

Уште еден рокер беше пратеник пред неколку години. Имено фронтемнот на “Галија”, Ненад Милосављевиќ, имаше свој мандат во парламентот на Србија. Пејачот Жељко Васиќ беше активен на локално ниво како советник во Советот на град Зрењанин.

Легендата на шлагерите во БиХ, Исмета Дервоз – Крвавац, беше активна во Претставничкиот дом на БиХ. Ален Исламовиќ од “Бијело дугме” пак се подготува за канидатура во локалните власти во родниот Бихаќ. Како што велат сите споменати музичари нивен мотив за политичка кариера е подобрување на состојбите во нивните градови и држави, а не привилегиите кои следуваат со изборот.

Повеќе на Музика24...