Културо

Танго магија со Астор Пјацола во Филхармонија

Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва” од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и „Песна и танец” од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава” од полскиот композитор Војчех Килар.

Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго” (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика. Војчех Килар (1932 – 2013) е еден од најзначајните современи полски композитори, автор на класична и филмска музика. Добитник е на повеќе награди за неговата музика за филм, а негово најголемо остварување е музиката за „Дракула” на Френсис Форд Копола. Автор е и дел од музиката за филмот „Пијанист” на Роман Полански. Томе Манчев (1950 – 2020) е еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20 и 21 век. Автор е на обемен творечки опус во речиси сите музички жанрови, но главниот белег го остави во оркестарското творештво.

Анна Кришталева Коловска е родена во Армавир, Русија, во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и на домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф. Михаил Бојко. Во 2014 година, пак, се запишува во Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија – Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика. Инаку, Анна Кришталева редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…” Кришталева е добитник на Гранд при на натпреварот „Акордеон плус” во Ростов на Дон, Русија, во 2012 година, потоа победник е во сениорска категорија за класична музика на Интернационалниот натпревар „Кастелфридардо” во Италија во 2015 година, а има освоено и прво место на вториот Интернационален натпревар за хармоника во Алкобаса, Португалија, како и прво место на натпреварот „Гридин” во Курск, Русија, во 2016 година.

Можеби ќе ве интересира: