Балканленд

Џони Штулиќ го обвини српски СОКОЈ дека му должи десетици милиони евра

Легендарниот фронтмен на „Азра“, Џони Штулиќ, повторно се појави на својот YouTube канал и жесто ja нападна Организацијата на музички автори на Србија – СОКОЈ, за како што тврди нанесената неизмерна штета.

“СОКОЈ, што значи Здружение на композиторите на Југославија иако во тој случај треба да биде СКОЈ, но за да не сети рајата направиле мала промена. Тие го задржаа името и во новите околности, иако би било  поправилно според истиот принцип да се наречат СОКОС, затоа што Југославија повеќе не постои, а сега е организација на музички автори од Србија. Значи СОКОС, што треба да се чита Савез организованог криминала Србије, и тоа од обете страни, од лево надесно и обратно. Без разлика како, бидејќи ако козата лаже, не лаже рогот. – Ми предизвикавте неизмерна штета. Според тогашните закони, морав да влезам во СОКОЈ за да ги добијам моите авторски права и други сродни права, но сепак не ги добив. Јас веднаш, пред 40 години, ја прекинав секоја соработка со СОКОЈ, но и покрај тоа според истата шема, Вие (СОКОЈ) сепак баравте право да ми ги наплатите хонорарите до крајот на таа календарска година знаејќи дека никогаш нема да ми ги платите. Покрај тоа, тоа толку ви се заслади што не се симнувате од мојот грб до денес”, вели Штулиќ.

Штулиќ приложува и факсимил на писмо што СОКОЈ му го испратил во септември 1981 година, во кое се наведува дека ја прифатиле неговата оставка заради заштита на авторските права преку нивната организација и дека заштитата ќе заврши до 31 декември истата година.

Музичарот со холандска адреса тврди дека никогаш не добил динар од СОКОЈ. Тој наведува дека за втората половина на 1980-та година тие собрале најмалку 50.000 германски марки само од „Југотон“, во име на неговите авторски права, кои тој никогаш не ги видел, а во 1981 година многу повеќе.

“Сепак, не престанавте да ги собирате моите приходи дури и по истекот на 1981 година, но продолживте до 1994 година, кога ме предадовте на ЗАМП во замена за хрватската „Бура“. Ме оштетивте за милион евра секоја година, бидејќи и покрај тоа што знаевте дека немам ништо со вас, сè до војната имаше ознака СОКОЈ на секој носач на звук и, се разбира, моите приходи од радиодифузија се слеваа во вашите куфери. Сепак, тоа не значи дека не сте добри во математиката, напротив, лесно ќе пресметате колку се тие 13 години на милион евра, плус камата. И нема да Ви простам за таа година и половина, 80-та. и 81-ва. Тоа е што се однесува до главниот град од Југославија. И за овие други подоцнежни гревови, кои очигледно се протегаат од 94-та година до денес, уште 26 милиони, се разбира со камата, додека безмилосноста на вашата „деловна активност“ нема цена, затоа ќе ја отпишам”, додава Штулиќ.

Со одговор на прозивките на Штулиќ се огласи и СОКОЈ:

“Бранимир Штулиќ се повлече од организацијата во септември 1981 година, кога беше информиран дека оставката ќе стапи на сила од 1 јануари 1982 година. По напуштањето на СОКОЈ, г. Штулиќ не влезе во ниту една светска организација за колективно остварување на правата. Значи, цели 39 години, целосниот авторски репертоар на г. Штулиќ не припаѓа на репертоарот претставен од организацијата (ниту врз основа на директно членство, ниту според билатерални договори со други организации за колективно управување со авторските права). СОКОЈ не може да даде дозвола за употреба на делата на Штулиќ, што значи дека авторот треба да ги регулира своите права одделно со секој поединечен корисник, каде што законот дозволува, за секоја посебна употреба и евентуално да бара надомест на штета”, велат од СОКОЈ.

Можеби ќе ве интересира: