Балканленд

Евровизија 2016: Калиопи одлична на првата проба во Стокхолм

Македонската евровизиска претставничка Калиопи вчеравечер на големата сцена во Глоуб арената во Стокхолм ја одржа првата техничка (некостимирана) проба. После едномесечната и многу успешна промоција низ регионот и Европа, конечно “Дона” загрме и на евровизиската сцена. Низ класичен, елегантен сет и игра на светла, Калиопи заедно со своите придружни вокали брилираше уште во првата изведба. Според мислењето на многубројните новинари во прес центарот Калиопи на евровизиските фанови им го даде токму она што сите го очекуваа и сакаа да го слушнат и видат од неа – врвна интерпретација, елегантна сценска драматургија и вонсериска енергија којашто обзема и плени. Во стилот на добра домаќинка Калиопи ги нагости новинарите во својата дневна соба.

После првата проба во прес центарот Калиопи беше пречекана од бројни претставници на медиумите со громограсен аплауз. Интересот за Калиопи и овојпат беше огромен и штом се појави пред нив беше сосема јасно дека станува збор за средба со стари пријатели и познаници. Калиопи на општо одушевување им се обраќаше на сите новинари по име, а кога ја запрашаа како успева да ги запамети сите, таа објасни дека тоа за неа е навистина лесно:

“Ве паметам сите поради енергијата која што ја разменуваме од срце и душа! Вие мислите дека јас ви давам многу, но дали може да замислите колку јас добивам од вас и со какви спомени живеам од Баку? Па како да не ве паметам?”, одговори Калиопи, по што следуваше уште еден голем аплауз.

Калиопи неуморно одговараше на новинарските прашања, но сите ги интересираше истото, која е “Дона”? Низ својата добро позната насмевка Калиопи мистериозно одговараше: “Ќе ви откријам за “Дона” и нејзиното право значење во финалето. Сепак ќе кажам дека “Дона” е симбол на соединување на луѓето во добрината и среќата. Дона може да биде нашиот ангел чувар во животот, некој којшто ни дава сила…”, одговори Калиопи, а потоа следуваше изненадување за новинарите.

Имено, последните месеци на интернет кружи шега на сметка на песната “Дона”, каде што рефренот се толкува како “Donut” односно “Крофна”. На првата пресконференција Калиопи на претставниците на медиумите им објасни:

“Дона се пее, а “donut” се јаде, и во тоа име го повикувам мојот тим да ве почести. Потоа сите беа послужени со вкусни крофни, а овој момент и самата прес конференција долго ќе се паметат и прераскажуваат”, додаде таа. Говорејќи за својот настап и песна Калиопи истакна дека таа и Ромео Грил со оваа песна сакале да направат омаж на евровизиската песна воопшто и што таа значела од самиот почеток на овој натпревар па досега! Следната проба на Калиопи е закажана за сабота, 7-ми мај, а финалниот настап публиката ќе може премиерно да го погледне на 12-ти мај, во втората полуфинална вечер.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: