Ѓоко Танески, Наде Талевска, Верица Пандиловска, Наташа Малинкова, Марјан Стојаноски, Даниел Дан, Еги, Горан Наумовски, “Браво бенд”, Бојана Атанасовска и “Рафинерија” се дел од пејачите што ќе настапат на годинашниов “Макфест 2015”, кој ќе се одржи во јуни, во Штип. На конкурсот што го објави фестивалот, стигнаа 34 песни, од кои се примени 20. Ова е првпат во последните 15 години најголем дел од песните да се изберат преку конкурс, за разлика од претходните години, кога се избираа по нарачка.
“Ова зборува за квалитетот на песните, но и за сериозноста на авторите кога е “Макфест” во прашање. Лани имавме 85 песни кои пристигнаа на конкурсот, но беа избрани само 5. Оваа година, очигледно, авторите, поучени од ланското искуство, се потрудиле и направиле подобри песни. На конкурсот пристигнаа 34, а се прифатени 20. Во последните 15-20 години, не се случило на конкурс да има песни со задоволителен квалитет во толкав обем. Другите 10 композиции за “Макфест” ќе се обезбедат со договори, со нарачки кај одредени автори, исто како и досега”, изјави Драган Ристов, шеф на прес-службата на “Макфест”.
Концептот на фестивалот останува ист, две полуфинални и една финална вечер.
Извор: Дневник