Не беше само Мајкл Џексон „Лошиот“. И новиот албум на извонредниот состав од Мостар – „Зостер“ го носи истиот наслов – „Најгори“. Секако, насловот е само во фигуративна смисла на зборот, бидејќи станува збор за еден од најдобрите албуми снимени оваа година во регионот, а според многумина, ова е албум на годината. За што станува збор?
По објавувањето на петте синглови “Kuda idu svi ti ljudi”, “Treba mi keš”, “Čovjek želi da je ptica”, “Čovjek zvani činjenica” и “Mozak na pašnjak”, групата Зостер го претставува својот долгоочекуван, петти студиски албум „Најгори“. Албумот го миксаше Ѓани Перван, мастерингот е на Горан Мартинац, музичкиот продуцент е Адис Сирбубало, а визуелните решенија за корицата на албумот се на Сандро Дриновац.

„Албумот „Најгори“ е во етерот. Тоа е тоа. Зостер кажа што имаше да каже. Од денеска почнуваме да работиме на нов албум“, вели фронтменот на бендот, Марио Кнезовиќ.
Покрај старите членови на бендот Атила Аксој и Горан Ребац, новите членови се Силвио Нуиќ (гитара), Анес Беглербеговиќ (тапани), а како гости Мирон Рафајловиќ (труба), Џони Гомез (перкусии), Едвин Хаџиќ (бас), Џани Перван (тапани), Лидија Кордиќ (придружни вокали). Албумот е достапен на сите дигитални музички платформи, а се очекува наскоро да излезе на винил и на цеде.
Во 2020 година, Зостер потпиша ексклузивен договор со Кроација рекордс за издавање на албумот „Најгори“, кој беше снимен во музичкиот центар „Павароти“ во Мостар, студиото „Барак“ во Мостар и студиото „Модра ријека“ во Сараево. Своето прво претставување албумот „Најгори“ на „Зостер“ во Македонија го имаше на брановите на Метрополис радио, во емисијата „Нова плоча“.