Балканленд

„Парни ваљак“ ја објави првата песна со новиот пејач Игор Дрвенкар (Видео)

Денес и во македонскиот радиски етер, како и долж целиот регион, беше емитуван новиот сингл на загребскиот легендарен состав Парни ваљак – „Моја глава, моја правила“. Во Македонија, синглот ексклузивно го емитуваа: Македонско радио – прва програма, Радио Г, Метрополис Радио Мрежа, Бубамара и Скај радио.

Ова е прв сингл на Парни ваљак, снимен без сјајниот вокал на Аки Рахимовски, кој лани ненадејно почина. Овој пат во улога на новиот пејач на Парни ваљак го слушаме младиот и талентиран Игор Дрвенкар.

Во продолжетокот го имате официјалното соопштение од најголемата дискографска куќа во регионот, Croatia Records, која всушност е и издавачката куќа на Парни ваљак.

„Продолжуваме понатаму“, велат членовите на Парни ваљак. По неколкумесечни шпекулации и исчекување, еден од најголемите рок бендови на овие простори претставува нова авторска песна. „Моја глава, моја правила“ е нивниот нов сингл кој го отпеа музичарот Игор Дрвенкар, за кој беше објавен и придружно видео.

„Ги надминавме дилемите, продолжуваме понатаму, бидејќи без свирење немаме цел. Аки секогаш ќе биде присутен во нашиот дух, а во Игор препознавме одличен човек со кој тргнуваме во нова авантура“, велат членовите на бендот и го потврдуваат продолжувањето на нивните активности.

Музиката и текстот за новиот сингл „Моја глава, моја правила“ се напишани од Хусеин Хасанефендиќ Хус, авторот на безвременските песни на Парни ваљак, кои воспитаа генерации слушатели. Песната е напишана пред неколку месеци, го бараше својот глас, а во кадарот се појави токму Игор Дрвенкар кој со својата енергија, пристап и глас ги освои симпатиите на членовите на бендот.

Тој е еден од најдобрите млади вокали кој ја воодушеви јавноста со настапите во шоуто А-страна и во мјузиклите „Убавицата и ѕверот“ и „Исус Христос суперстар“, а сега му претстои ново поглавје:

„Замислете ја ситуацијата кога одеднаш, од публика, ќе се најдете на сцената, заедно со најголемиот бенд на овие простори. Секое утро се штипкам за да се уверам дека ова не е сон и свесен сум за одговорноста што ја носи оваа улога“, вели Игор.

Фото: Динко Чвориќ – Доринго

Можеби ќе ве интересира: