Александра Јанева по вторпат е победник на “Макфест” со песната “За сто години” која ја потпиша Ристо Самарџиев. Таа воедно ја доби и наградата за најдобра вокална интерпретација која од годинава се вика “Драган Каранфиловски-Бојс” и секако 10 илјади евра.
Симона Попоска со песната “Ќе најдам друг” е второ пласирана и доби 7.500 евра, а воедно е и добитничка на наградата за најдобар сценски настап во вредност од илјада евра. Трето пласирана е младата Антонија Гиговска со темата “За нас” која доби 5 илјади евра и воедно е освојувач на наградата за дебитант која од оваа година го носи името “Душан Љубисавлевиќ-Дуле” во вредност од илјада евра. Најслушана песна меѓу двата фестивала е “Срце да се отвори” која заеднички ја отпеаја Зуица Лазова и Јоце Панов, а Дамер Имери е добитник на признанието за најдобар аранжман “Драган Ѓаконовски-Шпато”.
“Генерална оценка е дека годинава имаше голем интерес за “Макфест” и дека композициите вратија дел од сјајот на 31-то издание на фестивалот. Работата успешно ја заврши пред се уметничкиот директор Љупчо Мирковски кој успеа професионално да си ги заврши обврските и по две години, благодарение на неговиот голем ангажман ние конечно имаме и ЦД со сите композиции кои дополнително ќе потсетуваат на фестивалот. Ревискиот оркестар на МРТВ беше феноменален, изведувачите исто така, а сметаме дека одиме чекор натаму со самото тоа што по речиси неколку децении имавме и седум странски изведувачи со што “Макфест” имаше и меѓународен карактер. И тие беа воодуешевени од фестивалот, од организацијата и одлично се претставија пред публиката што резултираше со многу гласови за нив. Голема благодарност и до водителот Димитар Атанасовски и режисерот на преносот Перо Попов и целата екипа на МРТВ кои придонесоа “Макфест” да биде успешен. Ние се трудиме да ја продолжиме приказната за “Макфест”, бидејќи тоа е еден од традиционалните белези на Штип и фестивалот мора да живее бидејќи без него не губи само Штип, туку и македонската музика… и затоа толку се трудиме околу неговото опстојување и организација”, изјави Драган Ристов, од прес центарот на “Макфест”.
“Макфест” е во организација на Општина Штип и се оддржа на 2, 3 и 4 јуни со директен пренос на МРТВ. На него настапија 30 изведувачи од кои 7 од странство. Во двете полуфинални вечери беа изведени по 15 композиции, а во финалето 20. Се гласаше на три начина, со СМС, петчлено меѓународно жири во кое имаше и двајца странци а за првпат меѓу себе гласаа и пејачите.
Подготви: Редакција на Музика24