Балканленд

“Пред да се раздени” е новата песна што ќе не претставува на Евросонг во Малме

Новата евровизиска песна на нашите претставници Есма Реџепова-Теодосиевска и Влатко Лозаноски-Лозано, ќе биде претставена пред македонската публика вечерва во 20.45, во шоуто “Танц со ѕвездите” на Македонската телевизија. Нумерата вчера беше изведена во студиото М1 на снимањето на шоуто на кое присуствуваа и претставниците на медиумите. Јавноста ќе може да ја слушне вечерва на државната телевизија.

Текстот за новата песна, чиј назив најверојатно е “Пред да се раздени”, е на Магдалена Цветковска-Ена, а музиката е на Дарко Димитров и на Лазар Цветковски. За делот од нумерата (текст и музика) што ќе го изведува Есма бил задолжен Симеон Атанасов. Kралицата на ромската музика ќе пее на ромски јазик. Kомплетниот аранжман на нумерата е на Димитров. Новата композиција е налик на трендовските европски хитови. Втората евровизиска нумера е направена откако првата, “Империја”, промовирана минатиот месец, наиде на лоши реакции од публиката.

Македонската радио-телевизија, која е организатор на изборот, реши да ги повлече песната и спотот. Евровизиската тема МРТ треба да ја предаде најдоцна до 18-ти март, кога во Шведска ќе се одржи состанокот на шефовите на делегациите од сите земји-учеснички на изборот. Спотот за новата евровизиска песна ќе биде готов до крајот на месецот. Есма и Влатко ќе пеат во втората полуфинална вечер, која ќе се одржи на 14-ти мај, во арената во Малме.

Годинава, на Евросонгот во Шведска, како што веќе претходно пишувавме, ќе се промени начинот на оценување на нумерите. Секоја песна ќе биде бодирана, а изведувачите еднакво ќе се борат за гласовите на публиката и на жирито. Стручната комисија ќе гласа за сите композиции, од почеток до крај, со исклучок на песната од сопствената земја. Истата процедура ќе се повтори и за гласовите на публиката. Редните броеви ќе се собираат и 12 поени ќе добие кандидатот со најмал збир. Целта на новиот систем на бодирање е да се избегне соседското гласање, т.е да се намали влијанието од гласовите на публиката, која редовно им даваше 12 на соседните земји, без разлика на квалитетот на песната.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: