Балканленд

Денес во Штип стартува 31-то издание на “Макфест”

Денес 2-ри јуни во Штип почнува 31-то издание на фестивалот на забавна музика “Макфест”, кој според директорот на фестивалот, Љупчо Мирковски, годинава е со предзнак меѓународен, поради учеството на седум странски интерпретатори. Во трите фестивалски вечери, од четврток до сабота, за главните награди ќе се натпреваруваат и 23 домашни изведувачи.

“Ги имаме стандардните награди, а од оваа година наградата за дебитант ќе се вика “Душан Љубисавлевиќ” во чест на Дуле, кој настапуваше на “Макфест” како дел од дуото Дуле и Коки. Наградата за најдобра вокална интерпретација ќе го носи името “Драган Каранфиловски-Бојс”. Овие награди се во чест на нашите прерано заминати колеги кои беа дел од фестивалот”, изјави Мирковски.

Меѓународните гости можеби ќе ги препознаете и од изборот на песна за Евровизија, како претставникот на Ирска, Рајан Долан и норвежанката Лајла Самјуел. Од домашните пејачи, има голем број млади таленти како Ања Ветерова, Мартинијан Кириловски и Филип Божиновски, а ќе настапат и ветераните Џокси и Ѓоко Танески. Во ревијалниот дел ќе настапи словенката Хелена Благне, победничката на првото издание на овој фестивал од далечната 1986-та година, а Ревискиот оркестар на МРТВ, кој ќе ги придружува пејачите, по втората фестивалска вечер ќе има полноќен концерт.

Има измени и во начинот на гласањето поради минатогодишните шпекулации во врска со гласањето и атрактивните парични награди. Така годинава жирито ќе биде составено од четворица странци и еден професор на Музичката академија во Штип, секој пејач ќе може да гласа за тројца свои колеги, а публиката, како досега, ќе гласа преку телефонски јавувања. Инаку, странските учесници ќе пеат на својот јазик и ќе се натпреваруваат за наградите од 10.000 евра за првото место, додека второпласираниот ќе добие 7.500 евра, а третопласираниот 5.000 евра.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: