Балканленд

Тридневна програма за јубилејниот “Д Фестивал”

Започнаа подготовките за “Д Фестивал 2015”, еден од најуникатните летни музички фестивали во Македонија, кој оваа година ќе го прослави своето јубилејно петто издание. Од многуте изненадувања кои се подготвуваат по овој повод, за почеток ви откриваме дека оваа година фестивалот ќе се одвива од 17-ти до 19-ти јули во Дојран, односно, во своето јубилејно петто издание “Д Фестивал” прв пат ќе трае полни три дена. Покрај тоа за своите посетители годинава обезбедува и посебен камп простор на автентичното дојранско крајбрежје.

Изминатите четири изданија, дел од “Д Фестивал” беа бројни музички ѕвезди кои привлекоа повеќе од 14.000 посетители, па паркингот “Гранит” во Дојран на моменти се чинеше премал за сите бендови, имиња, дополнителни содржини и публиката која со својата позитивна енергија веќе прерасна во уникатно одбележје на фестивалот.

“Д Фестивал” претставува квалитетно фестивалско доживување кое ги следи желбите на своите посетители и кое растејќи секоја година, докажува дека најдоброто на овој фестивал е секое негово следно издание. Дека овој музички фестивал е уникатно музичко случување на овие простори, сведочи и листата на изведувачи кои настапија изминативе четири години. Од британските ѕвезди “Стерео Ем-Си’с” и Соник кои настапија како главни ѕвезди на фестивалот, преку најголемите имиња на регионалната сцена како “Дубиоза Колектив”, “С.А.Р.С.”, “Дискобајаги” или гостите од Холандија “Амарици” и “Баилца” од Грција кои беа своевидно откритие на фестивалот, па се до исклучителните имиња на домашната сцена. Изминатите изданија на Д Фестивал понудија незаборавен настап на Кирил Џајковски, одлични концерти на “Бернајс Пропаганда”, “Конкеринг Лајон”, “Стринг Форсис”, долго очекуваниот настап на легендите “Зијан”, од најголемите имиња на поп-рок сцената ги видовме “Ареа”, една од најенергичните забави беше со “Суперхикс”, а уште се паметат и настапите на “Пеперминт”, “Дивизија”, Владич (Инфјуз) и други.

Без сомнеж, “Д Фестивал” со секое свое издание чекори напред, а со своето петто издание ветува дека ќе исчекори уште подалеку во згаснување на жедта за незаборавно летно фестивалско доживување. Она што е уште сега сигурно е дека јубилејното издание ќе биде уште подобро, многу поголемо и застрашувачки забавно. Наскоро ќе биде објавена целосната програма на фестивалот, а како и секоја година за своите најверни фанови ги подготвува “earlybird” влезниците со најповолни цени.

Почнете да се подготвувате, “Д Фестивал 2015” е настанот на ова лето!

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: