Благој Баже Маротов: Позитивните реакции ми даваат слобода да размислувам за чекор кон хрватската естрада (Фото+Видео)

Денеска, 29-ти јули, на денот кога во Хрватска, а и пошироко ќе се оддава почит на легендарниот Оливер Драгојевиќ, македонската публика за прв пат ќе има исклучителна можност да ја слушне премиерната изведба на вашата најнова кантавторска мелодија “Роман за нас”, чија промоција ја врзувате за спомен на легендата. Неодамна малку откривте на јавноста, сега е време да ја слушнеме целата приказна, се за вашата необична инспирација.

Благој Баже Маротов: “Да, идеата всушност дојде, за жал, со почетокот на пандемијата, кога почнав поинтензивно да работам на компонирање на нов материјал. Оваа композиција ја имав од порано како музика, и почнав да размислувам за текст, првата идеа требаше да биде на македонски јазик, и ако цело време музиката ме влечеше кон медитеранскиот мелос, каква е и самата мелодија, и одеднаш, го оставив македонскиот текст, почнав со идеа да направам текст на хрватско-далматински, па ми се отвори, зошто не, на Сплитски. Потоа се случи се поголемиот замав на вирусот, се дојде во прашање, иако и од комисијата ми вратија дека им е ок песната, но што ќе правиме со настап. И така остана да го чека денешниот момент. Сакав промоцијата да ја посветам на легендата Оливер Драгојевиќ, кој ми беше и своевидна инспирација , чест е.

Да, токму така. Задоволство е да се слушаат, пеат и спомнуваат песните на Оливер, а ја имавте честа да запеете нешто со големиот мајстор. Кога се случи тоа?

Благој Баже Маротов: “Ооф, тоа иако беше одамна, уште ги евоцираме спомените за таа незаборавна вечер во ресторанот “Камник”, и денес кога ќе се сретнам со луѓето од таму сите како вчера да било, се уште со радост се присетуваат на таа ноќ, а еве зошто. Јас и Јуле настапувавме таму редовно, и ни кажаа “вечер по својот концерт ќе дојде цела екипа на Оливер”, па, ние се подготвивме, дојдоа и синовите Бојан и Гоце. Во тој период ние веќе бевме трио со класична музика со два контрабаси и клавир, и на почеток му понудивме изведба на неговите песни со кбас и пијано (клавинова) и како влегуваа беа изненадени. Јас ги свирев солата на кбасот (помислувам дека можеби подоцнешните негови проекти со Стјепан Хаузер, му беа инспирација од таа вечер, нивното дуо се роди година подоцна подоцна). Ноќта траеше до 6 часот наутро, со лудо натсвирување, пеење, па и самиот тој кога му ја претставив “Магдалена” на македонски превод, скокна од место и седна на клавиновата, па потоа јас на контрабасот подоцна се приклучија Грашо, Маја Оџаклиевска, а имавме мала спонтана збунка. Со Бојан тогаш ја свиревме познатата “Кариби” од Мишел Камило, Бојан, како што е фасциниран од Оливер му побара автограм, а Оливер сосем сериозен од тоа што слушна, му вели, “али си свесен, јас од тебе барам автограм како свириш”. Пееше со нас, ни аплаудираше. Ни ја побара да му ја отпееме и познатата “Барселона”, песна која се сеќаваше дека на негово барање ја пеевме и на една поранешна слична средба во Скопје, во 1997 година.

Додека тече промоцијата во Македонија, во неговата родна Вела Лука тој ден, а и два дена пред тоа и потоа, ќе се одржуваат бројни настани во чест на нивниот славен сограѓанин. На главниот концерт, на 29-ти јули, ќе запеат најголемите хрватски ѕвезди. Останува да ги следиме преку интернет, оваа година ситуацијата си го направи своето.

Благој Баже Маротов: “Да, и оваа година како и лани и преклани се организира концерт во чест на Оливер. Ние бевме и двете лета таму, лани билетите ги купи цела група од Словенија и немаше, иако ги нарачаме. Во Вела Лука луѓето се многу гостопримливи, лако и во цела Далмација, имав прилика една вечер, пееше неговата “Клапа”, им пријдовме, одма не прифатија, па им запеав една песна од Оливер, велат па ти подобро ги знаеш неговите песни. Потоа пеевме и од нашите “Јовано Јованке”, “Елено ќерко” и веднаш добив покана за следната вечер во соседното место, Блато, да настапам со нив. Беше прекрасно.

Прва медитеранска песна, Сплитскиот фестивал останува за подобри времиња, а можеби размислувате и за уште хрватски песни или албум, вашата конекција со Далмација е веќе врежана.

Благој Баже Маротов: Па, искрено помалку бев со резерва, како ќе се разбере кај нас, зошто хрватска песна, но сега после позитивните реакции ми дојде поголема слобода да размислувам и во таа насока, иако во хрватската естрада има и одлични пејачи, автори, и секако не е едноставно да се стапне таму. Но, вреди да се обидам и да верувам во тоа што го нудам.

Поддршка добивте и од Здружението на Хрватите во Македонија, и претседателката Костовска. Какви се нивните првични коментари?

Благој Баже Маротов: Да пријатно сум изненаден, па дури малку збунет. Претседателката на хрватското здружение во Македонија, со многу пофални зборови упатени за композицијата, за начинот на изведба, за хрватскиот изговор, со едно големо “Браво”, па дописничката на ХТВ реномираната Мирјана Василева, искоментира, “го слушнав Оливер”, за мене е голем комплимент, иако, не би сакал споредби, но добро е на слушателите да им се допаѓа песната… Па новинарската екипа на Македонското радио, и посебно тимот на радио Бубамара, кои, и на мојата претходно обновена “Не е љубов тоа” дадоа сесрдна подршка, а сега и уште поголем респект кон оваа “Роман за нас” што посебно ми значи. И би сакал да нагласам дека првата промоција ќе се случи на фрекфенцијата на Радио БубаМара и оваа прилика ги поздравувам, посебно кон господинот Ранко Петровиќ.

Овој период е дефинитивно ваше време. Пролетоска промовиравте неколку успешни преработки преку вашиот етно проект, а сега најавувате и нешто ново. Она што се забележува е дека во нив не учествува вашата музичко брачна сопатничка Јуле, а навикнати сме на вас како дует. Јуле е повлечена периодов, станува збор за некои нови комбинации? Можеби и таа прави свои песни?

Благој Баже Маротов: Да Јуле не е вклучена во овие проекти (освен со придружни вокали). Во моментот ја билда својата енергија, и се надевам дека наскоро ќе сними и таа нешто што ќе биде на нејзино задоволство. Имам за Јуле веќе две композиции и го чекаме моментот на инспирација, за да влезе во свој проект..

Интересно е семејството Маротов. Кај Вас се е песна, вие, синовите, а сега и снаата Лена. Пријатно не изненади што таа се појавува и во улога на сценарист на вашите спотови. Сигурна сум дека не може да се каже финансиите ви се проблем за да друг ви ги снима спотовите, а не вие, мора причината да лежи во нешто друго.

Благој Баже Маротов: Да. Прво да кажам нешто веќе е широко познато дека Лена е одличен вокал и изграден интерпретатор, но причината што е дирекно вклучена во изработката на моите видео записи, не случајна, таткото на Лена господин Звонко Заткоски е професионален фотограф. Па Лена наследила “добро око” за ловење на убавиот кадар и се покажа одличен соработник.

По сите овие музички активности, друг фокусен момент е и новата песна со спот, што ќе ја промовирате на Втори август, на Илинден во Крушево. Оваа најава навистина нè прави љубопитни.

Благој Баже Маротов: Во ист момент презентирам две композиции преку три дена, стилски сосема различни. Овде станува збор за латино тема “Бенг, бенг, кратко одговори” тема која ми дојде така спонтано како ретко до сега, во ист момент и музика и текст. И не можев да ја оставам за подоцна, почувствував дека треба да ја снимам. Песната е летен хит, весела, сосема спротивна на хрватската, која е балада, па немав никаква причина да чека друг момент за презентирање. Илинден е денот Д, за посвета на песна за нашата публика. За оваа песна истотака снимивме видео спот со една разиграна аудио и видео атмосфера, се надевам дека ќе и се допадне на публиката. Веќе кажав, договорено е промоцијата да се случи на денот на нашиот голем нацонален празник Илинден, и тоа баш во Крушево. Исконтактираме и добивме охрабрување од градоначалникот на Крушево господинот Томе Христоски, благодарност до него и “градот на Тоше”, а посебна благодарност и до господинот Шапе во Крушево, во чиј култен етно ресторан и ќе биде промоцијата, изведена симболично и по протокол.

Сево ова беше очекувано, по долгата кариера, успешниот пробив во српското шоу “Никад није касно”, сега и хрватската песна. Што друго е уште важно што треба да знаеме од вашиот долг список на музички ексклузивни кои ќе следуваат?

Благој Баже Маротов: “Би рекол дека сум среќен и благодарен, што ми доаѓа желба идеа и енергија, за работа. И во изминатиот период, имав проекти, што ми беа предизвик како музиката за филмот на браќата Манаки, што ми беше голема чест, што ни ја доверија да ја работиме со Бојан, проект со кој, имавме една доста успешна турнеја по неколку европски филмски фестивали… Анталија (Алтан фестивал, Истанбул, Варшава, Скопје, премиера на Манаки фест Битола). Тука би го спомнал, покрај, творењето на поп музика, претходно работата со трио-М кантабиле, (нестадарден трио состав од два Контраабаси и пијано, со Гоце и Бојан) каде свиревме од класика до поп и денс обработки за таков состав, па серикалот “Еден бакнеж” на ТВ Алфа. Во последниот проект кој го насловив како “Класика-М”, ми дојде идеа да обработувам стари изворни македонски песни на еден понов изведувачки начин, пред се аранжмански и изведувачки, каде сакам стилот да биде препознатлив по звукот на фретлес басот, кој од неодамна го набавив. Проект преку кој, сакам да придонесам кон зачувување и обновување на музиката од нашите дворови, која е неизмерно богатство и наш идентитет насекаде во светот на кој било начин да се изведува. Со нашата македонска музика сум од најраната возраст, и чувствував желба, а и обврска да дадам свој израз и свое доживување на тоа наше богатство.

Многу проекти, многу авторство, браво. Остана да упатите порака до обожавателите, за оваа прилика, а она што останува е уште многу да се зборува за вашата кариера која се движи спонтани, но со вистински и одмерени чекори.

Благој Баже Маротов: Би порачал, да се вложува повеќе во издигнување на културата, уметноста, музиката од сите жанрови, и од сите меридијани, но пред се да повеќе да се почитуава домашната музика, нашите изведувачи, автори, тие го заслужуваат тоа, ништо помалку од останатиот свет, посебно на помладите генерации, на кои не им посветено соодветно внимание.

Интервјуто го подготви: Валентина Ѓоргиевска Парго

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.