Биба Додева: Кога срцето не ти пее, не може да се глуми (Фото)

Изминатиот викенд во Охрид се оддржа Интернационалниот музички фестивал “Охрид фест – Охридски трубадури” по 26-ти пат. И оваа година како и изминатите имавме прилика да слушнеме голем број на хитови, но како најголем од сите нив и како победник на поп и интернациолната вечер според бројот на гласовите, апсолутен победник на фестивалот беше прогласена Биба Додева со нејзината совршено добра балада “Како некогаш”.

Нашата пријателка и колешка од интернет порталот “Свет-Австралија” подготви интересно интервју, кои иако кратко, сепак доволно впечатливо за да Ве потикне сите Вас да го прочитате она што следува.

Уште на техничката проба кога за прв пат ја слушнавме песната јасно ни беше дека во прашање е апсолутен хит што разбудува најубави чувства, а после завршувањето на поп вечерта побрзавме да и честитаме на Биба заљ сугестивниот настап интересирајќи се дали и таа го дели нашиот впечаток?

Биба Додева: Знаете мене ми беше најважно добро да ја претставам песната. Тоа не е скромно, затоа што на сите овие фестивали имам по неколку пати победено и мојата идеја воопшто да дојдам после 5 години повторно на сцената ми беше предизвик и чест, зошто “Охрид фест” е еден од фестивалите на кои сум започнала и сакав токму тука да го презентирам она што ќе го правиме во иднина со Дојчин и целата екипа што го подготвува новиот албум, а песната е дел од него и мислам дека вака презентирана е вистински погодок и дека луѓето ја препознаа емоцијата.

На сцената се забележуваше една леснотија при самата изведба на песната. Немаше патетика ниту драматични покрети, туку едноставно излеговте и во стилот на вистинска дива ја отпеавте песната.

Биба Додева: Мене ми е драго што Вие тоа сте го забележале и секогаш оставам компетентни луѓе тоа од страна да го перцепираат. Јас никогаш не сум била глумец и секогаш сум се водела од своите емоции. Често умеам да се нашалам дека тоа особено е присутно после четириесетата кога веќе знаеш што сакаш, а што не сакаш и едноставно уживаш во себе си.

Ги споменавте годините, но кога човек ве гледа вака од блиску неможе да ја забележи возраста, вие изгледате идентично како кога се појавивте на сцената за вас како да застанало времето?!

Биба Додева: Да, меѓутоа знаете ли колку сум богата? Само што се симнав од сцената првото што го направив беше видео повикот со мојот внук кој што има две години. Така да емоцијата и она како што се чувствувам е одраз на мојот физички изглед, а од друга страна се чувствувам навистина исполнето како да имам 80 години.

Ве немаше подолг период на сцената, на што се должеше таа пауза?

Биба Додева: Да, едноставно сметав дека еден момент немав што да кажам. Последна беше победата на “Макфест 2014”, а песната беше прогласена и за балада на годината од страна и на радиостаниците, а после тоа се случија многу други премрежја во мојот живот приватно. Мајка ми почина, па ми се роди внук, борбата со ракот како претседател на здружението “Борка” и сите тие активности кои имаа предност во тие моменти. Едноставно знаете… кога срцето не ти пее не може да се глуми. Јас ниту сум била ниту ќе бидам личност што сака по секоја цена да ја има во јавноста и тоа беше тоа што ме натера да се повлечам во изминатиот период. Сега имам што да кажам и зошто да се појавам и еве ме повторно на сцената.

Секогаш сте позитивна и насмеана, а сте главен активист, односно, претседател на здружението за борба против ракот “Борка”. Имате голема мисија која подразбира една долготрајна борба, но имате и обврска да разведрите луѓе кои се соочуваат со тешки дијагнози. Како ви поаѓа од рака да ја комбинирате музиката и “Борка”?

Биба Додева: Ух не е лесно. Можеби е слично на музиката. Кога ќе ја слушнеш сакаш да промениш некои чувства да ги расположиш луѓето, да извлечеш нешто од нив преку емоцијата што ја предизвикува музиката. “Борка” навистина е многу тешка, не е едноставно да се води една таква голема организација особено на една тема каде што никогаш не знаеш што ќе се случи, никогаш не знаеш што ти носи следниот ден. Меѓутоа тоа што го научив е дека треба да го цениме секој ден. Го научив и потешкиот пат, како е да се загуби човек и како е да се живее затоа што ракот не е само болест на индивидуиата, тоа е болест на целата фамилија и никој не може да остане имун на тоа и едноставно знам како им е на сите тие луѓе што поминуваат. Можеби исто како и во музиката, тие ја гледаат мојата искреност и тоа што им го кажувам, се трудам на максимален можен начин да им помогнам не само со совет и со тоа што сме тука во центарот на “Борка” за нив во секое време, туку и институционално да смениме некои работи за да се олесни тој пат, затоа што кога знаеш каков е да се поминува, а имаш сила некои работи да смениш со поддршка на сите “Борки” од цела Македонија и сакам тоа да го направам и за нас и за генерациите кои што доаѓаат.

Да преминеме на некои поведри теми. Убаво е што сте и духовита, последно беше актуелен вашиот статус кога се пошегувавте на сметка на вашата двојничка Катица Јанева, па напишавте: “Кој се опекол на Катица ќе дува и на Биба”.

Биба Додева: Им реков дека не сум дала рекет на “Охрид фест”, ама сериозно тврдам… Се шегувам се разбира… Духовитоста мора да е присутна. Едноставно животот не смее да се сфати толку сериозно. Јас се трудам како што и вие рековте да не бидам патетична зошто животот е суров сам по себе и треба да го уживаме секој ден. Се трудам ос ситуациите во кои се наоѓаме да најдам една хумуристична нота и така да променам некои доживувања па дури и да ја нема ќе ја измислам. Затоа што тоа не води. Зошто без насмевка, без духовитост животот нема смисла.

Вечерва (поп вечер) носите многу убава црвена тоалета. Кој е заслужен за овој ваш фестивалски стајлинг?

Биба Додева: Да, фустанот е по мој цртеж изработен. Ете и тоа ќе ви го открија, наскоро планирам да направам и плус сиже колекција. Конечно некој да се осмели да ги стилизира и покрупните луѓе. Јас одамна цртам. Мојата баба, Бога да ја прости, беше шнајдерка и голем број на тоалети што сум ги носела биле изработени според мои нацрти. И овој пат ми помогнаа да ја реализирам мојата замисла моите долгогодишни пријатели од кројачкиот салон “Близнаци” и Андријана која што е со години со мене и за неколку победнички сцени ми го шиела фустанот.

Феноменално изгледате исто како девојка, никој не би можел да претпостави дека сте веќе баба, велат тоа е привилегија на позитивните луѓе. И за крај да ве прашам, дали ќе се појавите на предстојниот “Макфест”?

Биба Додева: Ви благодарам, но и вие изгледате многу убаво. Што се однесува за “Макфест” би требало да се појавам, но не сум сигурна поради тоа што со “Борка” сме избрани за “Country champion” на светско ниво и треба да одам таму. Дали на 12-ти или на 13-ти, сеуште очекувам да ми потврдат. Имаме композиција, но навистина ова е нешто кое што не би смеела да го пропуштам, затоа што ја претставувам својата држава на светско ниво, на единствениот светски конгрес за рак и тоа е голема привилегија и чест за мене да ја претставувам нашата земја.

Интервјуто го подготви: Билјана Крнческа/Свет-Австралија

Повеќе на Музика24...