24 Интервју – Илија Гојовиќ: Македонија претставува мојот втор дом

Пред речиси половина месец во нашата метропола, во Скопје во Домот на АРМ се оддржа еден од постарите Интернационални фестивали во Македонија “Еврофест”. Освен многубројните гости од европските земји, Русија и останатиот дел од светот, повторно на овогодинешното издание на овој наш познат фестивал настапи и нашиот добар пријател од Црна Гора, познатиот и популарен црногорски поп пејач Илија Гојовиќ. Со него македонската јавност односно читателите на музичкиот портал Музика24 имаа задоволство и привилегија да се запознаат пред неколку години кога тој ексклузивно имаше интервју за нашиот музички портал.

Истото можете да го прочитате и воедно да се запознаете со овој познат црногорски поп пејач кликнувајки со маусот на следниот линк: Илија Гојовиќ – Црногорскиот донжуан со уметнички и музички ракопис. Разговорот со него кој што го водеше нашата екипа е направен за време на одржувањето на фестивалот, пред прогласувањето на победниците. Инаку, Илија оваа година ја освои првата награда на “Еврофест”.

Што тој овој пат изјави за нашиот музички портал, како е задоволен од пречекот на македонските организатори, што очекуваше од својот настап на “Еврофест”, што работи и што подготвува во моментов… прочитајте во продолжение.

Музика24: До сега имаш неколку пати настапено на Интернационалниот фестивал “Еврофест”, зошто повторно се враќаш во Скопје и зошто повторно “Еврофест”?

Илија Гојовиќ: Морам да признаам дека за мое огромно задоволство секогаш се враќам во овој прекрасен град и на одличниот фестивал “Еврофест”. Тука запознав голем број на прекрасни луѓе, а воедно и мојата музичка кариера започна токму од тука. Одтогаш започна некако таа приказна и соработка и од тој ден па веќе 10 години наназад ја градам и надоградувам својата музичка кариера создавајќи композиции и текстови и воопшто она што сум јас на музичката сцена. Македонија е мојата прва љубов тука во срцето, и без оглед на тоа каде живеам и каде се досега сум настапувал или работел, секогаш со задоволство се враќам тука и Македонија претставува мојот втор дом.

Музика24: Со која композиција ќе се претставиш вечерва пред македонската публика?

Илија Гојовиќ: Со оглед на тоа дека неодамна снимив нова композиција со која сакам вечерва да се претставам и премиерно да ја слушне македонската публика, а веднаш потоа и црногорската, песната чии наслов е “Трагови” музиката и текстот се мои, додека аранжманот го работеше младиот автор Немања Петровиќ. Една сосема поинаква енергија, повторно тој мој препознатлив ракопис, сепак се баладите мојот омилен жарн каде најдборо можам да се изразам и истите да ги претставам. И покрај тоа што за моите колеги како и за сите оние кои тоа го сакаат, компонирам и создавам и побрза поп музика, етно-поп музика, сепак кога јас пејам сакам тоа да биде создадено некако од душа, од срце. Се радувам и мило ми е што секогаш кога ќе дојдам во Македонија има луѓе што ја разбираат, почитуваат и сакаат мојата музика.

Музика24: Дали оваа песна со која премиерно ќе се претставиш пред македонската публика е можеби биографска?

Илија Гојовиќ: Па во сите песни досега јас малку давам од своето или туѓото искуство и емоции. Во оваа песна конкретно се зборува за љубовта, во некои песни тоа се убави емоции, во некои тоа се тажни емоции… оваа љубовна песна зборува за вистинските вредности, така да секогаш кога создавам одредена композиција се трудам текстот односно музиката да се секогаш најдобри, емотивни и реални. Верувам дека во оваа песна ќе се пронајдат многумина и дека со задоволство ќе биде прифатена и слушана кај дел од македонската публика.

Музика24: Овој разговор го водиме пред самиот старт на “Еврофест”. Кажи ни што очекуваш од твојот настап, можеби награда или…?

Илија Гојовиќ: Јас не сум од оние да се појавувам на настапи, фестивали… колку само да се појавам и да ме има. Не, јас секогаш во јавноста се појавувам само тогаш кога има што да презентирам, да претставам што е она ново од мене и мојот тим. Овој пат имам нова песна, ќе видиме како ќе помине, важно е да биде примена и прифатена од луѓето кои имаат добро срце, кои добро слушаат и ги разбираат и сакаат убавите ноти, впрочем и вие имавте прилика денес да ја слушнете новата композиција па и самите можевте да слушнете и да видите за што станува збор.

Музика24: Дали и за оваа композиција, како и речиси за сите останати, планираш да снимиш видео спот и дали можеби си размислувал тоа да биде Македонија, Скопје или Охрид?

Илија Гојовиќ: Тоа би било навистина многу убаво. За песната со која што настапив пред две година на “Еврофест” јас и моите соработници размислувавме видео спотот да го снимиме тука, но за оваа нова песна спотот ќе се реализира во Њу Јорк, Чикаго така да ќе се соберат најубавите и најинтересни моменти од моето патување таму кое би требало да се случи за брзо време. Јас не се водам од тоа моите спотови да бидат со големи ефекти или буџети, јас секогаш се водам од тоа самиот видео спот да има своја приказна, ваѓно е да веруваат и да го сакаат луѓето она што ние го работиме. Емоциите како водилка се всушност вистинскиот начин за искажување на истите. Што се однесува до Македонија јас секогаш велам, тука се најдобрите пејачи, најдобрата публика и секогаш се радувам што секогаш го препознаваат вистинскиот квалитет и музика.

Музика24: Дали си размислувал, дали можеби планираш да снимиш дуетска песна со некоја македонска позната поп пејачка или пак пејач?

Илија Гојовиќ: Тоа би било убаво. Јас сум секогаш расположен за соработка и да ги споделам моите емоции со некоја македонска поп пејачка. Тоа би било навистина убаво да се реализира.

А во продолжение на ова кратко интервју со нашиот пријател, музичар, композитор и поп пејач од Црна Гора Илија Гојовиќ, ви ја претставуваме и ви предлагаме да ја преслушате неговата најнова песна “Трагови” отпеана на Интернационалниот фестивал “Еврофест” кој се одржа во Скопје пред речиси половина месец. Уживајте!

Подготви: Александра Блажевска

Повеќе на Музика24...