24 ИНТЕРВЈУ: Маја Бабиќ – претседател на Асоцијацијата на Ивент индустријата

Специјализираниот македонски музички портал – Музика24 од почетокот ги подржува барањата на ИВАП – Асоцијација на Ивент индустријата. Асоцијацијата на ивент индустрија ИВАП е официјално и регистрирано здружение на правни лица каде членуваат 40 компании од овој сектор. Важноста на концертите, театарските и оперски претстави и сите јавни културни и забавни настани  ја потенцира и Светската здравствена организација која истакнува дека не се работи само за забавно-рекреативни настани туку тие имаат важно влијание врз психолошката благосостојба на голем број на лица.

На прашањата кои ја интересираат не само асоцијацијата туку и илјадници луѓе кои уживаат и егзистираат од јавните настани ни одговори Маја Бабиќ – претседател на ИВАП и долгодишен менаџер за настани во позната агенција за менаџирање настани “Баги комуникации”.

Музика24: Вашата асоцијација во изминатиов пероиод оствари неколку средби со претставници на Владата на тема протокол за организација на јавни настани во Македонија. Што е договорено на средбите?

Маја Бабиќ: Во текот на вчерашниот ден остваривме состанок со потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, Мила Царовска, на која разговаравме за протоколот за организација на јавни настани во време на пандемијата. Денес бевме на состанок со комисијата за заразни болести, на која ги преставивме нашите предлог протоколи. Истите содржат детални предлог мерки под кој би се одвивале настани отворени за публика и јавност. Во овој момент не би ги споделувале бидејќи не се одобрени од Комисијата.
Нашиот заклучок од средбите што ги имавме деновиве е дека постои расположение и разбирање кај Владата за ре-отворање на овој сектор но со сериозна претпазливост кон здравјето на населението. Нашите контакти како Асоцијација ќе продолжат и наредните денови со интензивна динамика и сметаме дека ќе излеземе со прифатливо решение за сите.

Музика24: Која временска рамка се спомнува на Вашите средби во Владата за почеток на организирање на јавни настани?

Маја Бабиќ:  Во врска со временската рамка, тоа ќе го знаеме кога ќе биде прецизирана безбедноста по здравјето и капацитетите на број на луѓе и кога ќе се усогласат протоколите. Нашата заложба е што поскоро.

Музика24: Дали сметате дека постои простор за летово да се одржи голем настан од типот на концерт, фестивал ?

Маја Бабиќ:  Веројатно ќе се почне со помал обем на настани и доколку сите се однесуваме одговорно, и организаторите и публиката, можеме да очекуваме и да разговараме за поголеми настани, концерти и фестивали.

Во оваа прилика ги повикуваме нашите читатели и бројната публика која со нетрпение ги очекува концеритите, фестивалите, претставите и сите јавни настани заеднички да се однесуваме одговорно за што поскоро да се дружиме и уживаме на настаните кои ги организраат сите културни установи и членките на ИВАП.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.