Денис Теофиков: “Македонско девојче” е песна која ми лежи на срце (Фото)

На самиот почеток на летото ви претставуваме ексклузивно интервју со бугарскиот пејач Денис Теофиков. Идолот на многу тинејџери, отворено споделува за нас многу информации поврзани со неговото детство, љубовта кон музиката, плановите околу неговата кариера… и уште многу други работи кои ќе ги дознаете само ако го прочитате интервјуто.

За мене е големо задоволство, што ја имам честа прва да направам интервју со тебе од Македонија. Ти си ја наследил љубовта кон музиката и талентот по семејна линија, ќе ни раскажиш ли од кој?

Денис: Здраво на сите. Отсекогаш сум сонувал да се занимавам со оваа професија, со музиката и за мене е голема чест што го наследив талентот на моите родители, на мајка ми и татко ми, кои секогаш се до мене и ми помагаат. Во целина, горд сум што ја избрав оваа професија и со моите постигнувања досега.

Пред да склучиш договор со компанијата “Payner”, дали си пробал да се претставиш како пејач?

Денис: Да, јас учествував во шоуто “X Factor”, но и во “Бугарија бара талент”. Но, во шоуто “X Factor” стигнав речиси до самиот крај и таму отпаднав, за што се разочарав, бидејќи не можев да го направам она за што сонував цело време. Никогаш работите не се одвиваат онака како што сакаме ние да бидат.

“Грешка беше”, твојот дует со Цветелина Јанева е апсолутен хит кој те направи ѕвезда за само една ноќ пред неколку месеци. Ја определуваш ли таа песна како твоја визит карта?

Денис: Категорично да. Таа песна е мојата визит карта, затоа што таа е мојата прва запишана песна. Дури во мојот Инстаграм профил, во описот ми стои дека мојата прва песна е со Цветелина Јанева (се смее).

“Мило мое” се претвори во омилена песна на сите вљубени двојки и е една од оние песни кои успеаваат секогаш да го пронајдат патот до публиката. Задоволен ли си од нејзиниот успех?

Денис: Секако дека сум задоволен и не очекував дека една таква балада ќе постигне таков добар успех, затоа што ја пуштив во еден момент кога сите изведувачи пуштат брзи песни и конкуренцијата беше голема, тука беа Галена, Анелија…

Оваа година успеа да ја изненадиш пријатно својата публика, кога ги пушти двата дуети со Емилија – “Акула” (Ајкула) и “Тръгвай си” (Тргнувај). Како се справи за време на снимањето на двата нови видеоспотови, знаејќи дека треба да употребиш и актерска игра и да не бидеш само пејач?

Денис: Морам да признам дека беше тешко и уморно. Постојано требаше да учам реплики и имавме еден човек, професионален актер кој ни помогаше како да зборуваме и да се изразуваме, со каков тон да го кажеме самиот збор.

Според тебе, љубовта не се купува со пари, како што пеете во дуетот со Емилија или денес за жал тоа често се случува?

Денис: За жал, денес за половина луѓе парите се тие кои играат главна улога и за нив се се врти околу материјалните работи. Но, има и таков тип на луѓе кои бараат само љубов и ништо друго и се зависи од нас самите, од каков тип на карактер е човекот.

Ќе има ли трето продолжение на дуетите со Емилија?

Денис: Може и да очекувате, засега ништо не се знае.

Подготвуваш ли нова самостојна песна за летната сезона?

Денис: За таква песна се уште не сум започнал да размислувам, но многу брзо ќе започнам да работам над еден таков проект.

На YouTube излезе кавар на песната “Детство” во твое исполнување, кое е повеќе од одлично. Дали ќе продолжиш да снимаш кавари од светските познати пејачи и понатака?

Денис: Да, тоа мене ми прави големо задоволство и ќе продолжам да правам кавари на светски познати изведувачи и во иднина.

Имаш ли омилена македонска песна или пејач?

Денис: Дефинитивно најмногу ја сакам песната “Македонско девојче”.

Кога би имал можност, која македонска песна би ја снимил на македонски јазик и би ја вметнал во твојот репертоар?

Денис: Имено, песната како што ја спомнав погоре, а тоа е “Македонско девојче”. За мене лично таа песна е една од најдобрите и ми “лежи” на срце.

Откако го “скрши мразот” со твоите настапи пред неколку дена, каде ќе имаме можност да те видиме ова лето?

Денис: Ова лето ќе може да ме видите во клубовите и дискотеките покрај Црното Море и ќе имам многу настапи низ цела Бугарија. На некои ќе настапам со мојата колешка Емилија, а на некои сам.

Македонската публика те очекува со нетрпение, дали можеби за брзо време ќе имаш настап тука?

Денис: Со големо задоволство ќе дојдам кај Вас во Македонија. Ќе се забавуваме на моите песни и ќе направиме една одлична забава.

Нема како да не си позборуваме и за твојот изглед. Многу обожователи, а најмногу обожователки коментираат колку си згоден, а и изгледаш доста модерно. Те советува ли некој за твојот стајлинг?

Денис: Што се однесува до мојот сталјинг, се трудам да бидам во чекор со модата и модните трендови и има луѓе кои се задолжени за мојот изглед. Да бидам искрен, изгледот доста влијае врз работите во денешно време.

Каква личност е Денис Теофиков, кога не е под светлината на рефлекторите, имајќи го во предвид фактот дека за една ноќ се претвори во еден од најпознатите тинејџерски ѕвезди?

Денис: Јас сум едно нормално момче како сите останати. Сакам да играм игри, да гледам телевизија, да се забавувам и да излезам со друштво. Не сум ништо поразличен од останатите.

За крај, ти благодарам за оделеното време, со желби за се најубаво и уште поголеми успеси. Што ќе им посакаш на читателите на порталот Estrada World?

Денис: На сите ви посакувам од срце многу успеси и ќе се радувам со тебе еден ден да се видиме и да си позборуваме очи во очи за овие работи, а не само за интервју. Голем поздрав до сите.

Интервјуто го подготви: Наташа Секуловска/Estrada World

Повеќе на Музика24...