Деспина Спасовска – Ново лице на македонската музичка сцена (Фото)

Таа е симпатична, згодна, мила, едноставно девојка која што само на 17 години одлично пее, свири гитара и пијано и ужива и се забавува во животот како и сите останати на нејзина возраст. Младата и надежна Деспина Спасовска учи во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, а истовремено е ексклузивец на “Кактус студио” под раководство на познатиот музичар, продуцент и композитор Горан Милошески. Во подготовка на настапот на претстојниот “Канео фест” кој ќе се оддржи на 29-ти овој месец и “Охрид фест” во почетокот на месец септември, екипа на музичкиот портал Музика24 накратко поразговара со Деспина за нејзината музичка кариера, што и како планира, што очекува од своите настапи, каква девојка е, што најмногу сака да прави во текот на денот… и многу повеќе во продолжение.

Музика24: Имаш само 17 години и веќе си дел од ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, кажи ни од кога се појави желбата за музиката, за она дека сакаш да си дел од музичкиот свет, да пееш и да создаваш своја музичка кариера?

Деспина: Желбата за музиката ми се појави уште како многу мала. Уште во основно започнав да одам на хор, оној училишен хор. Потоа се запишав на нижо музичко училиште. На хор почнав кај наставничката Марија во “Гоце Делчев” (воедно ја поздравуваме), и потоа се запишав средно училиште и започнав да одам на часови кај Ана Костова. И сега после подолг временски период часови и наобразба околу музиката, сум ексклузивец на “Кактус студио” на Горан Милошески.

Музика24: Откако си дел од музиката и таа дел од твојот живот, дали досега освен наобразбата и сето она што го имаш изучувано си имала и јавни настапи, настапи пред публика и слично?

Деспина: Да, досега се имам појавено на фестивалот “Езерски бисери” и тоа две години по ред 2017-та и 2018-та, а освен тоа имам пеено и по училишни натпревари, настани и концерти.

Музика24: Веќе си дел од “Кактус студио”, но како си задоволна од досегашната соработка со твојот ментор и учител Горан Милошески и дали освен каверите кои досега ги имаш снимено, а рака на срце се одлични, имаш намера да снимиш и своја песна со која што ќе се претставиш пред македонската публика?

Деспина: Откако почнав со часови кај мојот ментор Горан Милошески за речиси два месеци научив многу повеќе од она што го научив за оние две години што претходно одев на часови. Ми се допаѓа начинот на предавање и начинот на комуницирање и имаме одлична дружба за време на часовите и со другите ексклузивци (се смее). А освен овие кавери што веќе можат да се најдат и видат на YouTube, планираме и снимање на песни, видео спотови… и поголема музичка кариера, но се по ред.

Музика24: Во разговор со твојот ментор дознавме дека ќе настапиш на можеби и единствените поголеми летни музички фестивали во Македонија, “Канео фест” на 29-ти јуни и “Охрид фест” во почетокот на месец септември. Што очекуваш од настапите, дали воопшто имаш трема и секако дали очекуваш можеби некоја награда?

Деспина: Според мене искуството е најбитно. Секој еден фестивал е ново искуство и ново запознавање како со дел од учесниците, така и со сите оние кои се дел од тој музички фестивал. А за наградите… (се смее), незнам, ќе видиме.

Музика24: Инаку, каква музика најмногу сакаш да слушаш?

Деспина: Слушам секаква музика, освен турбо-фолк.

Музика24: А која е твојата омилена песна, неважно дали станува збор за македонска или странска?

Деспина: Па, сите песни на Фанк Шуи од македонските, а од странските искрено немам.

Музика24: И покрај тоа што си само 17 години, сепак, дали си заљубена?

Деспина: (се смее) Моментално не, бев, но веќе не сум.

Музика24: Вие сте неколку ексклузивци на “Кактус студио”. Дали досега си размислувала на дует со некој од ексклузивците и која песна би ја преработиле, ако не е тајна?

Деспина: Доколку би снимала дует тоа би го направила со Дамјан, еден од ексклузивците и воедно мој добар другар. А што се однесува до песната… размислуваме, би можело тоа да биде познатата песна на Маријана и Росана испеана заедно со Тоде Новачевски “Ако не исчезнам” испеана на “Макфест 89”.

Деспина, исто како и останатите ексклузивци на “Кактус студио”, кон крајот на летото ќе учествува и ќе биде дел од големиот концерт на оваа продукција, каде што ќе можат да се слушнат песни во изведба на овие млади и надежни млади музички лица, за кои допрва ќе се пишува и зборува.

Подготви: Редакција Музика24

Повеќе на Музика24...