Елена Андоновска: Се радувам на мали нешта… најважно е вниманието! (Фото)

Сме ја гледале и слушале по разно-разните музички емисии. Нејзиниот прекрасен глас не само што плени, туку што и да работите во тој момент мора да погледнете која е таа девојка која што толку убаво, милозвучно и нежно пее. Пејачка Елена Андоновска годинава ќе ја памети по одличниот успех на “Фолк Фест Валандово” и песната со која што освои неколку награди, а освен тоа, верува во Дедо Мраз и сака сите да се среќни и весели, а своите дечиња ги учи да бидат добри, умни и паметни за да го добијат посакуваниот подарок од дедото со бела брада.

Што друго ни откри оваа позната македонска етно-фолк пејачка, прочитајте во продолжение.

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби како некое мало дете се радуваш на целата предновогодишна и празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Елена Андоновска: Секако дека не се само обични денови. За мене едни од најубавите во годината. Ме потсетуваат на семејство, љубов, среќа, позитивна енергија, убави моменти. Елката е накитена уште на први декември со сите дополнителни декоративни елементи во мојот дом. Целата еуфорија околу овие празници им ја пренесувам и на моите деца, ги учам да се радуваат на се што е убаво и да го сакаат животот, а тие ми помагаат да го одржувам детето во себе!

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Елена Андоновска: Верувам во убави нешта! Сакам да постои.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете, а зошто да не и денес, оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Елена Андоновска: Како дете го правев тоа, а сега ги учам моите деца да му дадат посебно значење на подарокот за Нова Година! Чорапчињата се дел од новогодишните акцесоари во мојот дом, а желбите се веќе испратени.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година, како и сите оние денови кои што ни доаѓаат, а се дел од целата таа празнична адмосфера?

Елена Андоновска: Во принцип се трудам сите обврски да ги завршам неколку дена пред да започнат празниците за да можам повеќе да уживам тој период. Обично тие денови сум ослободена од концерти и други ангажмани па комплетно му се препуштам на семејството. Сакам спонтани моменти затоа не размислувам за детални подготовки.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се ти е битно добро друштво, забава, музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шали, смеа и потоа секако некој добар филм?

Елена Андоновска: Пријатели, убава атмосфера и тоа трае повеќе денови, не само за дочекот на Новата Година – да може истата подобро да не запознае…

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што очекуваш и најмногу би те изнанадило како подарок?

Елена Андоновска: Јас сум Баба Мразица, а мојот сопруг Дедо Мраз кога се во прашање нашите деца и нивните желби тука сме да ги исполниме. Секогаш се трудиме да ги изненадиме блиските со убави подароци особено оние најмладите. Сакам подароци и се радувам на мали нешта… важно е вниманието!

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична новогодишна еуфорија? Дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Елена Андоновска: Самиот дочек ни прави различно секојдневие. Не вади од рамка, прави да се чувствуваме посебно, бидејќи и самиот момент на дочекувањето на Новата година е посебен. Еуфоријата дали е реална или наметната кај секој човек е индивидуална и секој одлучува колку ќе придаде значење на овие денови. За мене се посебни, единствени, уникатни…

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш старата и дочекаш новата 2020-та година?

Елена Андоновска: Со семејството и пријателите. Многу деца на едно место… ќе биде лудо, забавно и интересно.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ќе ја одбележи 2020-та која што пополека, но сигурно си заминува?

Елена Андоновска: Имаше повеќе настани, но ќе го издвојам “Фолк Фест Валандово” и мојата прва авторска песна “Седма зима” со која добив награда за најдобра вокална изведба и трето место од стручно жири и публика. Ова беше воедно и мое прво фестивалско претставување кое ќе го паметам по убавото искуство и секако освоените награди.

Музика24: А кој е пак според твоето размислување хитот за 2020-та и видео спотот кој што ти остави најголем впечеток изминатата година

Елена Андоновска: Тешко можам да издовјам нешто кое би ми ја одбележало 2019-та. Има долг список на убави песни и спотови кои се реализираа и на македонската музичка сцена. Навистина тешко прашање.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли за твојата музичка кариера и што е она што би сакала да ти се случи на професионално и приватно поле во Новата 2020-та година?

Елена Андоновска: Има повеќе проекти на кои планирам да работам во наредната година. Размислувам за втор албум, а ќе се посветам и на авторската музика. Пред се сакам да не служи добро здравје, а успесите доаѓаат во зависност од тоа колку работиме. Имам енергија и добра организациска способност. Можам да се справам со сите обврски професионално и приватно и најважно ја имам поддршката од моите најблиски а тоа ми претставува дополнителна мотивација

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Елена Андоновска: На сите им посакувам многу здравје и радости во Новата година. Верувајте во Дедо Мраз, сакајте се себе и вашите блиски.
Слушајте ја… и сакајте ја македонската музика!!!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...