Имам нешто да те прашам

Филип Шурбeвски: Тимпаните и удирачките инструменти ми го диктираат темпото на животот (Фото)

Со удирачките инструменти се сретнал кога имал само 5 години. Тапанот бил негов прв избор, а тимпаните животна професионална определба. Вработен е во Македонската Опера и Балет, како тимпанист, а поривот да твори и музицира го носи во многу музички состави, стилски и жанровски различно обоени. Во 2011-та го формира “Филип Шурбeвски-Езгија трио” кое продуцира чалгиска музика. По првиот албум насловен “Македонска чалгиска музика”, Филип Шурбевски-Чорба открива дека во подготовка е нов материјал. Од детството до денес, музиката за него останува да биде возбудлива приказна која секојдневно ја живее. Тој ексклузивно за музичкиот портал Музика24 ја раскажа својата приказна.

Музика24: Како започна твојата приказна со музиката?

Филип Шурбeвски: Во мојот живот музиката била отсекогаш. Потекнувам од музичко семејство, а прв пат седнав зад тапани на мои 5 години. Од детството паметам дека многу често бев во МОБ, ги следев пробите, концертите, и додека моите детски мечти велеа дека еден ден ќе бидам пилот, се фатив себеси дека не можам без магијата на театарската сцена, театарската прашина, како да бев навлечен на музиката која одекнуваше од концертната сала. Тоа беше љубов која мораше да се негува. По две години од запишувањето во нижото музичко училиште во 1987 година, со другарите од генерацијата го оформивме првиот бенд, а потоа следеше и првата игранка на која свиревме за целото училиште. Паметам, тогаш сакав да бидам рокер… Кога бев осмо одделение бев повикан од другари кои беа прва година во средното музичко училиште и така влегов во првиот посериозен бенд со кој ми започнаа и првите професионални настапи. После нижото, и јас се запишав во средното музичко училиште. Во 1996 освоив прва награда на државниот натпревар на Република Македонија. Веќе во третата година од средното образование го имав првиот концертен настап на удирачки инструменти во Македонската Опера и Балет. Бев најмлад таму и тогаш сфатив колку е поинаку на сцената отколку она што го изведував во училница. Ме збунија поискусните и повозрасни колеги кога ме прашаа: Сигурен ли си? Ја сфатив тежината на прашањето кога започна концертот. Како од тој миг да почнав да учам се од почеток. Никогаш нема да заборавам дека на крајот од тој прв настап со МОБ, каде диригент беше Ангел Шурев, бев мокар од пот до гола кожа. Тоа беше најтешкиот настап во мојот живот. Една година подоцна, со “сите мои 18 години”, веќе бев ученик во 4-та година средно училиште, дел од МОБ, но и дел од Македонската Филхармонија и во неколку камерни состави. Дипломирав во 2001 година на ФМУ-Скопје на одделот за удирачки инструменти и таа приказна – ритамот, инструментот, музиката, се уште трае.

Музика24: Покрај редовните ангажмани како тимпанист во МОБ, покрај настапите во Македонската Филхармонија и изведбата на бројни класични дела, во вашата богата биографија се запишани учества во бројни музички состави, дел од нив оформени од вас. Она што може да се забележи е една огромна шареноликост во поглед на музичките стилови и правци.

Филип Шурбeвски: Да, бев дел од ансамблот за современа музика “Алеа”, ансамблот “Св. Софија”, неколку години свирев со блех оркестарот “Блезери”, а во 2002-та го оформив составот “Percussion Band” кој негуваше техно-хаус музика со елементи на латино. До 2009-та настапувавме низ скопските кафулиња, дискотеки, ноќните клубови. Од 2007-та сум постојан член на оркестарот “Фамес” кој работи на филмска музика. Пред една година се одзвавме на поканата и бевме на промоцијата на филм во Дубаи, каде беше користен наш 17 минутен музички материјал. Беше едно незаборавно искуство… Години наназад свирам на Виенскиот бал. Паралелно, со сета моја љубов кон традицијата и македонскиот ритам, ја негувам и македонската народна музика. Зад мене се и многу фестивали како “Валандово”, “Охрид Фест”, “Тетово-Лешок” каде настапував заедно со “Џубокс бенд”. Во 2011 го формирав чалгискиот состав “Филип Шурбевски-Езгија трио”, со цел да го вратиме тој звук кај слушателите. Заедно со Ристе Апостолов на виолина, Митко Наумовски на џумбуш и јас на тарабука, обработивме и изведовме повеќе староградски песни. Во септември минатата година издадовме албум насловен “Македонска чалгиска музика”.

Музика24: На првиот албум се наоѓаат обработки на голем број популарни песни како “Чифте чифте”, “Во влашкото маало”, “Ој зарино”, “Там дека има високи чардаци”… Во моментов, “Филип Шурбевски-Езгија триo” подготува нов материјал. По што ќе се разликува од првиот?

Филип Шурбeвски: Наспроти попопуларните, веќе одомаќинети староградски песни кои се најдоа на првиот албум, за вториот, кој е во подготовка одбравме песни кои се многу малку или воопшто не се изведувани веќе подолг период. Се работи за исклучително квалитетна музика чиј звук заслужува да се врати меѓу народот. На првиот компакт диск, песните беа во наша вокална изведба, а имавме и двајца гости, Мајкл на кларинет и Мартина како вокал. За нашиот втор проект, планираме песните да бидат изведени од повеќе различни вокални изведувачи, како гости на “Филип Шурбевски-Езгија трио”.

Музика24: Колкав дел од вашиот живот е музиката? Имате ли омилен бенд, омилена песна? Што слушате за своја душа?

Филип Шурбeвски: Музиката не е само дел, таа е мојот живот. Со музика се будам, со музика заспивам. Тимпаните за мене се многу повеќе од само работа. Тие се посветеност, љубов, баланс на техника и креативност, секојдневна преокупација, инспирација… Моето секојдневие е исполнето со проби, концертни настапи и секојдневно вложувам голем дел од себе. Ќе споменам само дека зад мене се преку 2000 настапи, околу 800 оперски и балетски претстави. Мојата професија е таква што работата не завршува заедно со работниот ден. Музиката останува и си ја носиш во себе. Впрочем, и она што го работам надвор од работното место е повторно музика. Тимпаните попладнето ги заменувам со тарабука, кога имаме проба со “Езгија трио” или со тапани ако имам закажан настап. На крајот од денот, кога ќе завршам со сите обврски, си пуштам музика. Она што го кажавте, за своја душа. Тогаш бирам да ги слушам “Queen”, “Deep Purple”, понекогаш класична музика. И да не заборавам, песната која е првата што ја отсвирев “I just call to say I love you”. На неа постојано се навраќам.

Музика24: Кој е Филип Чорба кога не е на сцена?

Филип Шурбeвски: Јас сум семеен човек, сопруг и татко на два прекрасни сина. Целата енергија што ја носам со себе ми доаѓа и ја црпам од нив. Среќен сум што поголемиот син, Стефан веќе го трасира својот пат во светот на ударните инструменти, а активно се занимава и со кошарка. Помалиот, Виктор засега е се уште само активен слушател на она што татко му го работи.

Интервјуто го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: