Филип Василевски: Сакам да снимам дует со Марија Шерифовиќ (Фото+Видео)

За себе вели дека е голем тремаџија, омилен музички идол му е нашиот Тоше Проески и секогаш со задоволство ги слуша и пее неговите песни, верува во љубов на прв поглед, моментално е заљубен, а во слободното време ужива во друштво на своите пријатели и девојката. Неодамна настапи во музичкото тв шоу “Ѕвездите на Гранд” каде не помина многу славно, но сепак зад него веќе стои познатата Марија Шерифовиќ.

Ви го претставуваме 24 годишното момче, секогаш насмеаниот, позитивен и симпатичен Филип Василевски, фронтмен на “Адреналин Бенд” препознатлив по неколкуте познати хитови, како и големиот број на снимени кавер верзии на познати македонски и балкански хит песни.

Пред неколку дена екипа на музичкиот портал Музика24 стапи во контакт со Филип, а што тој одговори на нашите скокотливи и интересни прашања, прочитајте во продолжение.

Музика24: Се повеќе и повеќе станува актуелно учеството во разно-разни реални музички шоу-а и натправарувања. Кажи ни, која беше твојата инспирација и желбата да се пријавиш и настапиш во “Ѕвездите на Гранд” и дали сметаш дека со самото појавување и настап на нивната грандовска сцена, популарноста ќе се зголеми?

Филип Василевски: Имав желба да се пријавам и пред се да си докажам некои работи себе си, бидејќи сум голем тремаџија и ете решив оваа година да се пробам. Се надевам дека ќе постигнам што поголем успех. А што се однесува до популарноста… Мислам дека “Ѕвездите на Гранд” се една продукција, една голема институција која работи со години и кое е најгледано на овие простори.

Музика24: Македонската публика те запозна како вокал и фронтмен на “Адреналин Бенд” , веќе добро позната и надалеку докажана македонска група. Зад себе имаш голем број на кавери, што од македонската музичка сцена, што од Балканот. Имаш навистина одличен вокал, па тука би те запрашале зошто кога имаш совршен беграунд истиот не го искористиш и не отпееш некоја позната македонска народна или забавна песна, која секако на нашите соседи им е драга, позната и поблиска, и секако прифатлива?

Филип Василевски: Да, секако дека ќе отпем македонска песна, може нема да биде само една. Со голема одговорност, желба и емоции ќе го исполнам тоа.

Музика24: За жал политиката замеша прсти и во музиката. Такво искуство неодамна имаше и ти при снимањето на емисијата во која што и самиот учествуваше. Дали би можел накратко да раскажеш за тоа што и како се случи, односно, за што поточно станува збор.

Филип Василевски: Додека ја снимавме емисија во која што јас учествував, имаше дел каде што ме прашаа од каде доаѓам, односно, дали сме ние Северна Македонија. Јас им одговорив дека за мене секогаш е само Македонија и се разбира, тој дел не го дадоа на тв. Политиката и музиката мислам дека не треба да се ставаат во пакет.

Музика24: Како што веќе видовме твој ментор е Марија Шерифовиќ, ти сам ја одбра. Дали досега со Марија како твој ментор сте имале контакт, сте се слушнале и дали воопшто досега сте разговарале за Вашите заеднички планови што се однесува до твојот иден настап во тв емисијата, изборот на песни и слично?

Филип Василевски: Засега сеуште се немаме слушнато. Не сме се слушнале, бидејќи сеуште трае снимањето на кандидатите од првиот круг.

Музика24: Веќе споменавме дека имаш одличен вокал, со што навистина и треба да си горд. Кажи ни твое размислување, дали сметаш дека со Марија Шерифовиќ како твој ментор ќе успееш да стигнеш до финалето, а зошто да не и во самото финале?

Филип Василевски: Секако, доколку ја победам тремата и стравот верувам и сум убеден, нели како и секој кандидат, дека и јас ќе бидам дел од финалето, а зошто да не и победа. Инаку, верувам дека со мојата менторка Марија заедно би стигнале до финалето.

Музика24: Вокал си и препознатлив лик од “Адреналин Бенд”. Долго време функционирате заедно, снимате кавери, песни, често имате настапи, свирки и слично. Кои се Вашите идни планови и што може да очекуваме од Вас во следниот период?

Филип Василевски: Моментално “Адреналин Бенд” снима нов проект со што сме окупирани периодов. Проект кој што содржи музика за сечиј вкус и се надевам дека ќе им се допадне на нашите фанови, како и на македонската публика.

Музика24: Имаш 24 години и веруваме дека досега на настапите кои што си ги имал си отпеал многубројни познати македонски, балкански хит песни. Но, која е твојата омилена песна без која што не можеш да го започнеш денот, песна која што често ја пееш на твоите настапи и која е дел од твојот живот?

Филип Василевски: Омилена песна… хм. Искрено немам некоја омилена песна која што би можел да ја одвојам за омилена, но секако, најомилени песни ми се оние од мојот идол Тоше, посебно баладите и тоа така ќе остане засекогаш.

Музика24: Досега немате, односно, немаш снимено ниту еден дует. Со кој македонски или балкански познат пејач или пејачка би сакал да снимиш дуетска песна?

Филип Василевски: Дуетска песна би сакал да снимам со мојата менторка Марија Шерифовиќ, а што се однесува до македонската сцена… тука би ги издвоил Калиопи и Елена Ристеска.

Музика24: На сите досега ни се случило, сакале или не, да погледнеме некоја личност и да се заљубиме од прва. Колку Филип верува во љубов на прв поглед и сметаш ли дека доколку си близок со некоја женска личност, другарка, пријателка… може другарството да прерасне во љубов?

Филип Василевски: Јас моментално сум заљубен и да, верувам во љубов на прв поглед затоа што сум го доживеал тоа, а што се однесува во врска со другарството и љубовта… сметам дека другарството после извесен период, сакале ние или не, прераснува во љубов.

Музика24: Освен што знаеме дека си вокал и дел од “Адреналин Бенд”, каков е Филип кога не е тоа што е, како го поминува своето слободно време?

Филип Василевски: Филип е обичен човек како и сите останати луѓе… а слободното време го поминувам стандардно, со пријателите, малку во кафена, со девојката, спортувам…

Музика24: И за крај на овој наш разговор, интервју… што би ги посоветувал сите оние кои сакаат да се занимаваат со музиката и едноставно мислат дека имаат талент и знаат добро да пеат?

Филип Василевски: Би ги посоветувал само да веруваат во тоа што го сакаат, да го прават и да работат на тоа да го негуваат својот талент, бидејќи без работа и труд нема резултати.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...