High Voltage: Многу сме среќни што сеуште постојат фестивали како “Underfest”

Организаторите на големиот најавен музички фестивал “Underfest” ексклузивно  и дозволија на екипата на музичкиот портал Музика24 да подготви интервју со една од попознатите македонски бендови кои ќе се појават на овој музички фестивал. High Voltage е бенд формиран во 2016-та година од четири млади рокенрол ентузијасти, од различни градови (Охрид, Струга, Битола). Овој неафирмиран млад бенд има големи амбиции кој свири хард рок музика.

Досега се имаат претставено во многу кафе клубови во Скопје, Охрид, Битола, Струга, Кичево итн, а исто така и на неколку фестивали – “Пиволенд” (2016 и 2017), “Школка во звук” (2017), “Punk Recharge за Грицко” (2017) итн. Нивниот албум е целосно спремен една година, но сеуште не е снимен. Членови на бендот се Јован Чифлигароски (соло гитара), Јован Јованоски (ритам гитара и вокал), Климент Петроски (тапани) и Марина Ангелоска (бас гитара).

Тие на овогодинешното издание на “Underfest”, односно, на 6-ти април ќе застанат на сцената пред македонска публика. Што одговорија за музичкиот портал Музика24, прочитајте во продолжение.

Бендот е формиран во 2016 година, како се запознавте и како дојдовте до идеја да формирате бенд?

High Voltage скоро две години беше бенд од Битола, таму се запознав со Стефан Трајановски (бас гитара) и Јован Јовановски (тапани), инаку поранешни членови на бендот, на општински натпревар на средни музички училишта. Запознавањето беше интересно. Мое друштво од школото во Битола ме одведе во куќата на Стефан каде што забележав бас гитара и појачало, го познавав само десетина минути кога му предложив да ја земе гитарата и да свириме, јас земав акустична гитара и џемавме така пола час и веднаш се навикнавме еден на друг и беше многу добро, од тука дојде идејата за формирање бенд. Потоа се приклучи Јован Јовановски (тапани) и Јован Јованоски (вокал/ритам гитара). Интересно беше што тројца од бендот се викавме Јован. После некое време заради одредени несогласности имаше промени во нашиот состав… Стефан Трајановски беше заменат со Марина Ангелоска и Јован Јовановски со Климент Петроски, тоа е и сегашната постава на нашиот бенд и со тоа High Voltage сега е бенд од Охрид. Целосен респект кон старите членови на бендот, без нив немаше воопшто да постои овај бенд, момци фала ви!

Дали планирате издавање на албум?

Дефинитивно имаме големи планови за издавање на албум, албумот е спремен веќе две години и со нетрпение чекаме да го снимиме материјалот, да обезбедиме средства, да дадеме се од себе за албумот да биде запаметен и слушан.

Бидејќи доаѓате од Охрид, како ја оценувате алтернативната сцена во вашиот град и општо алтернативната сцената во Македонија?

Алтернативната сцена во нашиот град според нас е добра, значи има некои бендови, има луѓе што слушаат алтернативна музика, има неколку кафичи што ги поддржуваат алтернативните бендови и артисти и што имаат таква публика, но сепак веруваме дека може да биде уште многу подобро, и би сакале да придонесиме за тоа. Алтернативната сцена во Македонија според нас е посебно истакната во Скопје, затоа што стварно има добри места, настани, фестивали каде што бендови можат да се докажуваат и промовираат, со тоа има и повеќе публика. Во нашиот град искрено нема многу места и не ни се дава често шанса да се докажеме

Каде се имате настапувано и дали можете да издвоите еден настап кој ви останал во сеќавање?

Од градови имаме настапувано во Охрид, Струга, Битола, Кичево, Скопје, Гевгелија. Од фестивали можеме да ги издвоиме “Пиволенд” – Скопје (2016 и 2017), “Школка во Звук” – Скопје (2017), “Punk Recharge” – Битола (2017), “Пајнца Фест” – Битола (2017), “October Youth Festival” – Кичево (2017), “Гитаријада 100ЈАКОВО” – Стојаково, Гевгелија (2018) и други. Настап кој најмногу ни остана во сеќавање е настапот на “Школка во Звук” во 2017 во Скопје, презадоволни сме од организацијата на тој фестивал, исто така и нашиот настап на “Гитаријадата” во Стојаково, исто така супер организација.

Во април оваа година ќе настапувате на фестивалот “Underfest”, како дојде до тоа и што мислите за овој тип на фестивал кој трае три дена и кој е целосно посветен на изведувачи од Македонија?

Се пријавивме на “Underfest” затоа што могу сме задоволни од нашата публика во Скопје и долго време не сме свиреле во Скопје затоа што не сме имале прилика, исто така се пријавивме со цел да претставиме дел од нашата авторска музика на која што веќе долго време работиме и сметаме дека фестивалот е многу добра шанса за тоа. Очекуваме многу познанства на фестивалот, презадоволни сме од организацијата – брзи одговори, целосна посветеност и големо благодарам од нас за тоа што ни обезбедија шанса да се докажеме, многу сме среќни што сеуште постојат фестивали од овој тип, односно фестивали што се организираат со цел промовирање на Македонски изведувачи. Едно големо благодарам од мене во име на сите македонски изведувачи, бендови и артисти. Респект!

Повеќе на Музика24...