Игор Киров: Секој момент без разлика дали е празник или не е драгоцен поминат со најблиските (Фото)

Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш на целата празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Игор Киров: Еуфорија, лично баш и неверувам премногу во цела таа фамозна комерцијална сторија околу Нова година, поклони и слично. Но, драго ми е и се радувам кога гледам дека луѓето веруваат и се радуваат на тоа или кратко речено каде сите таму и ние.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Игор Киров: Уф… постои како не, а воедно и Снешко бел.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете, а зошто да не и денес, оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Игор Киров: Чорапчиња не сум оставал, бидејќи припаѓам на една генерација која немаше такви верувања или навики или пак моите не ме воспитале на тоа… За мене таквото верување припаѓа на овие помладите, денешни генерации, не дека сум престар за такви работи хахаха (се смее), но сепак, сето тоа што сега преку медиумите се доловува на помладите генерации, ние го немавме, или барем не јас. Знаевме што гледаме на телевизија, што читаме и во што треба да веруваме, а некако тие навики кој сега се актуелни не беа тогаш ин.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година?

Игор Киров: Целосно работиме на новогодишните претстави кои ги има 12 по ред на “Оревокршачка” и во меѓувреме и на неколку претстави за претставата Piazzolla/Stravinsky која премиерно беше поставена на 25-ти октомври минатата година, и кој во моментот ги имаме на репертоарот на ХНК Сплит. Значи секогаш работно и кога имам слободни денови јас секогаш работам. Секако дека секогаш наоѓам време и да се одморам и релаксирам, но не сум од оние кои се радуваат на тие слободни денови поминати со најблиските, бидејќи секој момент без разлика дали е празник или не, кога ќе бидеш и поминеш време со некој што го сакаш е драгоцено без разлика дали е празник или не.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се ти е битно добро друштво, забава, добра музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шали, смеа и потоа секако некој добар филм?

Игор Киров: Немам никаква специјална рутина за дочекот на Нова година. Тој ден може да биде секој ден поминат со убаво друштво и со луѓе кои ги сакаш и те сакаат. Секоја година дочекот е различен… некогаш знае да се биде во друштво, дискотека, ресторан, некогаш и дома со саканите. Се зависи од опциите и во кое расположение сум јас.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што очекуваш и најмногу би те изнанадило како подарок?

Игор Киров: Во градинка за Нова година доаѓаше Дедо Мраз и ни носеше пакетчиња за кои родителите даваа пари за да градинката ги набави хахаха (се смее), па редовно се сликавме, една заедничка слика сите од групата во градинката и една заедничка со Дедо Мраз. А исто и од работа на родителите се даваа пакетчиња на кој јас и сестра ми се радувавме. Значи некако добивавме околу 3 пакетчиња кои беа составени од истите продукти, бидејќи изборот во самопослугите не беше голем за да имаме 100 видови на чоколада, бомбони или слично. Поклоните секогаш ги добивав од моите родители зависно од тоа што ми беше потребно, дали нова монтка, патики, џинс… хахаха (се смее), или зимување со другарите од пионерскиот дом. Вообичаено беше да се иде на Пониква или Плачковица, нели тоа ни е најблизу. Секогаш со моето доаѓање во Македонија моите најблиски добиваат на било кој начин подарок од мене, така да не мора да биде Нова година за да им подарам нешто или пак тие мене да ми подарат нешто. Секогаш сакам да подарам нешто што некому му е потребно, не сакам да трошам пари на нешто што можеби ќе им се допадне. Секогаш сум директен кога станува збор за тоа. Сакам да ти подарам нешто што ти треба и што го посакуваш и обратно.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш старата и дочекаш новата 2020-та година?

Игор Киров: Сеуште не сум размислувал за дочекот на Новата 2020-та. Знам дека за Католичкиот божик ќе бидам во Германија, а можно е после тоа да видиме некоја last minute опција која би постоела и да летнеме некаде на неколку денови, но конкретни планови немам.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ќе ја одбележи 2019-та?

Игор Киров: Можам да кажам што за мене лично како кореограф ми ја одбележа годината во областа на музиката, а тоа е најголемото искуство во мојата досегашна кариера. Тоа е соочувањето со “Посветување на пролетта” од Игор Стравински како кореограф, мастерворк на музика, инспиративна, емоционална, бунтовна, тешка, заносна, енергична и моќна. Пет месеци ја создавав кореографијата во глава за да може да се биде музички поткована кога ќе влезам во студио и ќе се посветам на движењата, покретите и идејата која стои зад тоа. Да секој чекор биде поставен музички да секој играч знае музички каде се акцентите, бидејќи е тешко да се брои целата претстава, да секоја бура на музика биде поставена кореографски музички користејќи 30 играчи на сцена, а да се изведе сторијата на виделина, играчите бидат уиграни и да секој од нив знае музички каде и кога почнува и завршува.

Музика24: А кој е пак според твоето размислување хитот за 2019-та кој што ти остави најголем впечеток?

Игор Киров: Мислам ќе бидам еден од многумината кој ќе се повика на истата идеја, а тоа е дека песната “Proud” на Тамара Тодевска за Евровизија и целокупната еуфорија околу и за тоа се е дефинитивно хит за 2019-та. Ние си сакаме да дигаме галама и кога е нешто вредно и кога не е. Во овој случај вредно беше, достојно и моите 12 поени за песна на 2019 идат за неа.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли за твојата кариера и што е она што би сакал да ти се случи на професионално и приватно поле во Новата 2020-та година?

Игор Киров: Многу работи ми се случија особено на приватно поле. Задоволен сум и пресреќен што успеав да пробијам уште еден лед и да одиграме 55 претстави во сезоната што замина со претставата “Дервишот и смртта”. Да ја наполниме до последно место двораната “Лисински” во Загреб, и конечно после 98 години отвориме основно балетско школо. После 37 години пауза повторно да се постави претставата “Coppelia” на сцената на ХНК во Сплит. Контраверзната претстава, балет за една младост која одекна како ехо со неверојатен успех и завршивме со Стравински за крај на сплитското лето. Планови и идеи за новата 2020-та година има, но само здравје, а се друго ќе си дојде само по себе.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Игор Киров: На сите читатели на единствениот македонски музички портал Музика24, им посакувам да бидат здрави, живи, весели и среќни. Се најдобро во новата 2020-та година.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...