Интервју на Музика 24: Ален Исламовиќ (ФОТО)

Како што веќе објавивме по повод свеченото отворање на казиното FlaminGO во Скопје свој концерт одржа легендарниот бенд “Бијело дугме“. Музика 24 беше присутна на настанот каде што направивме ексклузивно интервју со прославениот Ален Исламовиќ од “Бијело дугме“ а претходно и “Дивље јагоде“.  Прочитајте ја тајната за долгогодишното постоење на музичката сцена и неговата виталност. Ален ни открива колку има вистина во фразата “Секс, дрога и рокенрол“. Во продолжение дознајте и што мисли Ален за новите auto-tune музички трендови.

Музика 24: На сцената сте со децении, која е тајната формула за успех и долгогодишно опстојување на сцената?

Ален Исламовиќ: Нема формула, човек мора да биде упорен но и да постои квалитет за да се опстои со години. Жанровите доаѓаат и поминуваат, рокенролот во 40-тина години повеќе пати заминуваше и се враќаше. Секогаш го чекам и се занимавам со рокенролот.

Музика 24: Голем дел од својата кариера го имавте во поранешна Југославија, дали сте југоносталгичар?

Ален Исламовиќ: Беше тоа убаво време, тоа не беа мали простори и јас тогаш градев кариера за 27 милиони луѓе. Кога ќе достигнеш едно ниво и добиеш статус на популарен човек или ѕвезда, тогаш те знае голема маса на луѓе и имаш можност за големи концерти и турнеји. Поранешната Југославија го даваше сето тоа.

Музика 24: Свиревте со некои од најпознатите бендови во регионот, дали сте задоволни од својата кариера или можеби нешто би промениле?

Ален Исламовиќ: Не жалам за ништо, јас си повлеков свои чекори и одлуките си ги носев самостојно а не под влијание други. Јас мислам дека сите мои одлуки беа многу добри во вистински смер, го постигнав она што го сакав. Да дојдам со самиот врв каде што пеат најдобрите пејачи од Југославија. Во таа борба и градење на самиот себе нормално дека останаа тие песни кои и ден денес се слушаат.

Музика 24: Пред неколку години најавивте своја автобиографска книга, каков е статусот на книгата денес?

Ален Исламовиќ: Книгата е завршена но е во фаза на мирување. Се уште допишувам по нешто но околу 90 % е готова. Не брзам со издавањето на книгата, може тоа издавање да го пропарти и ново CD.

Музика 24: Многу е позната фразата “секс, дрога и рокенрол“. Колку има вистина во тоа? Вашите поранешни колеги од бендот претходно изјавија дека ова било нивна реалност во екот на популарноста. Дали ова беше и Ваша реалност?

Ален Исламовиќ: За мене тоа никогаш не беше реалност. Јас пеев во еден од најпознатите хеви метал бендови “Дивље јагоде“. Ние снимивме три жестоки хеви метал албуми но никој од нас дури не беши ниту алкохоличар. Во тоа време од 1980 до 1985 година ако пиевме едно пиво го пиевме сите четворица, а камоли дрога. Никој не ни помислуваше на дрога, ниту некого го интересираше. Тоа што го велат овие “окорели“ рокери дека со рокенролот оди дрога тоа е за нив.

Музика 24: За Вас се вели дека не сте се промениле и не сте остареле. Која е тајната за Вашиот добар изглед и виталност?

Ален Исламовиќ: Јас и ден денес се занимавам со спорт. Играм тенис и живеам здраво, не сум човек кој оди по кафеани бидејќи тоа доста го уништува животот.

Музика 24: Многу пати сте настапувале во Скопје и Македонија? Има ли некоја посебна емоција пред концертот?

Ален Исламовиќ: Секогаш постои некоја доза на тој адреналин пред скопската публика бидејќи Скопје има таква клима.

Музика 24: Што мислите за новите музички трендови во регионот и користењето на Auto-tune?

Ален Исламовиќ: Јас тоа не го следам ниту ме интересира.  Бидејќи знам дека е тоа едно помодарство и тоа ќе помине. Тоа ти е исто како кога ќе отвориш кисела вода, таа после некое време ќе се изветрее. Ова можеби ќе биде актуелно уште 1-2 години и ќе помине. Таа музика не остава траги. Тоа е музика без музика, музика без вокали и пеење.

Музика 24: Кои се Вашите професионални планови? Каде настапувате за Нова година?

Ален Исламовиќ: За Нова година ќе настапувам во Сомбор во Војводина со својот бенд. После тоа одам на зимски одмор на скијање во Австрија на некои 15 дена во првата половина на јануари. Јас обожувам скијање со семејството и пријателите. Во пракса јануари и февруари се мртва сезона за концерти и поминувам доста време со снегот.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Повеќе на Музика24...