Интервју на Музика24: Јелена Томашевиќ (Фото)

Водечкиот македонски музички портал – Музика 24 имаше ексклузивна можност пред концертот на Фестивалот на музика од светот во Битола да направи ексклузивно интервју со една од најпопуларните српски пејачки, Јелена Томашевиќ. Со убавата и шармантна Јелена разговаравме за нејзината кариера и плановите, за македонската музичка сцена, за талент шоуата, но и за сопругот Иван Босиљчиќ.

Музика 24: На Фестивалот на музика од светот настапувате со Битолскиот камерен оркестар. Како ја оценувате соработката со нив?

Јелена Томашевиќ: Многу е мило што вечерва сум во Битола и ќе го имам својот прв концерт тука. Сакам да му се заблагодарам на Центарот за култура за поканата да настапам. Голема чест е за мене да настапувам со Битолскиот камерен оркестар, за нив сум слушала се најдобро. Со Маестро Владимир Димовски соработував на концерт во МОБ, Скопје. Така да многу се радувам на концертот и дружењето со публиката, посебно откако ми кажаа дека влезниците се распродадени за неколку саати. Тоа е голема возбуда за мене, а верувам и за публиката.

Музика 24: Колку ја пратите македонската музичка сцена? Со кого сте соработувале досега и со кого би сакале да работите?

Јелена Томашевиќ: Секако дека многу ги сакам македонските пејачи и македонската народна музика. Народната музика ми е посебно блиска бидејќи одев на фолклор во КУД “Абрашевиќ” во Крагуевац, каде играв и пеев. Доста македонски изворни песни се наоѓаат на мојот репертоар, ова е поднебје кое изобилува со убава музика со ритам. Речиси целиот мој албум “Име мое” го работев со Дарко Димитров, тој композитор и аранжер на многу мои песни. Многу сакам да соработувам со Дарко, а за Вашите пејачи е непотребно да се зборува. Самиот факт што од оваа земја е Тоше Проевски кој еден од најдобрите пејачи на сите времиња од овие простор, кажува многу повеќе од она што јас можам да го кажам за пејачите од овие простори. Со Калиопи веќе сум настапувала на самите мои почетоци. Со Елена Ристеска сум соработувала, таа гостуваше на мојот концерт во МОБ. Остварив соработка и со Браќата Тавитјан за нивниот албум со обработки, за кој ја снимив една од моите омилени песни “Судбо моја судбино”. Со Каролина не сум соработувала, но би сакала. Тамара и Тијана се исто така фантастични. Имате многу добри пејачи за кој треба да слушне целиот свет. Многу ми е жал што со Тоше не стигнав да соработувам. Дел надоместив со тоа што ја преработив песната која тој ја пишуваш “Где да одем да те не волим” за албумот “Тоше и пријателите”.

Музика 24: Вашиот сопруг Иван Босиљчиќ освен што е меѓу најдобрите актери во Србија, тој е добар и вокал и е исклучително музикален. Колку разговарате за кариерата со Иван? Дали сте размислиле за некоја соработка?

Јелена Томашевиќ: Се разбира кога живеете со некој толку години нормално дека освен што сте сопружници станувате и пријатели. Многу сакам да го слушнам неговото мислење за се во мојот живот. Како и тој моето мислење се разбира. Сеуште не мислиме дека треба да соработуваме но ако еден ден го смениме мислењето мислам дека сите тоа со задоволство ќе го прифатат. За сега не го мешаме приватниот и професионалниот живот.

Музика 24: Дали Вашата ќерка Нина покажува некој афинитет кон професијата на Иван или можеби кон музиката?

Јелена Томашевиќ: Нина има 7 години и е многу музикално дете. Сега се избори со срамежливоста, мислам дека за тоа придонесе училиштето во кое оди, друштвото и музичкото училиште во кое учи да свири клавир. Клавирот многу ја интересира и покажува интерес кон музиката. Има многу убав глас, но незнам дали тоа ќе ја интересира во животот и дали ќе сака да се занимава со тоа. Во секој случај сакам таа одлука што ќе биде нејзина животна определба  да и ја препуштам неа.

Музика 24: Бевте член на жирито на неколку талент шоуа. Што мислите дали има премногу такви шоуа? Дали се работи за давање можност на талентите или се работи само за бизнис?

Јелена Томашевиќ: Секако сте во право дека во еден период имаше премногу вакви шоуа. На некој начин таа хипер продукција на никого не му се исплаќа. Од друга страна убаво е да се види дека иако во однос на светските сили сме бројчано помалку, а на мало поднебје имаме толку таленти кои сакат да танцуваат и пеат. Некои од овие таленти професионално ќе се остварат, а некои не.

Музика 24: Освен со музика работевте во театар, на филм а и синхронизиравте анимирани филмови. Какви искуства имате од овие ангажмани?

Јелена Томашевиќ: Тоа е баш интересно и нешто што досега не сум го правела. Така да, тоа е голем предизвик за мене. Голема гордост ми е особено тоа што го синхронизирав ликот на мајката во една од моите омилени книги  – “Малиот принц”. Потоа го синхронизирав ликот на Баба Мразица, а ликот на Дедо Мраз го синхронизираше Никола Којо. Навистина тоа се работи кои ние пејачите ги прифаќаме како предизвик бидејќи сепак и има и нема допирни точки со мојата професија. Тоа се убави излети во нешто ново. Како пејачка, но и со актерка точка работев и на мјузиклот “Бели ждралови” на актерката Ивана Жигон. Со овој мјузикл гостувавме и во Белорусија.

Музика 24: На што работите во моментот? Каде настапувате за Нова година?

Јелена Томашевиќ: За новогодишната ноќ ќе бидам во Бања Лука. Имам закажни концерти до крајот на оваа година. Би сакала да ја завршам песната која ја започнав, се надевам ќе успеам до Нова година ако не следната. Исто така собирам и нови песни за новиот албум.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Повеќе на Музика24...