Интервју на Музика24: Давор Гобац – “Психомодо поп” (Фото)

Екипата на музичкиот портал Музика 24 од Битола имаше ексклузивна можност пред самиот концерт на “Психомодо поп” на фестивалот “Битола отворен град” да поразговара со енергичниот, харизматичен и секогаш расположен Давор Гобац – фронтменот на “Психомодо Поп”. Бендот кој скоро четири децении е незаобиколен музички арбитер на овие простори. Нивните хитови: “Ја волим само себе”, “Секси магазин”, “Фрида”, “Рамона”, “Кад сам имао 16″… ги пеат различни генерации веќе 35 години.

Музика24: Добре дојдовте во Битола. Ова е Ваш прв настап овде. Како се чувствувате?

Давор Гобац: Добро, сега се разбудив. Баш беше удобен крвететот не е премногу мек (се смее).

Музика24: Неодамна го промовиравте Вашиот нов сингл “Дежа ву” како најава за нов албум. Кажете ни нешто повеќе за новиот албум?

Давор Гобац: Да, “Дежа ву” е првиот сингл од новиот албум кој веројатно ќе се вика “Дигитално небо”. Нашиот монтажер додека ние настапуваме го монтира спотот. Веројатно додека заврши нашиот вечерашен концерт ќе биде готов. Албумот е предвидено да излезе во октомври оваа година.

Музика24: На сцената сте повеќе од 30 години, која е тајната формула за неколку децениското успешно постоење на “Психомодо поп”?

Давор Гобац: Потребно е да се има некаква публика и хитови. Да бидам искрен ние живееме од ова. Ова е работа која јас најмногу ја сакам. Баш уживам во концертите, а попатно ова ти доаѓа како некој тренинг, бидејќи треба два часа да скокаш и викаш. Еве ова ние е 36-та година на сцената, и еве преживеааме.

Музика24: Со Вашата песна “Ја волим само себе” станавте први југословенски изведувачи чиј спот е емитуван на MTV, што тоа значеше тоа за Вас и Вашата кариера?

Давор Гобац: Јас мислам дека можеби сме први. А можеби “Лајбах” се појавија пред нас. Тоа беше англиската верзија на “Ја волим само себе”, “I am in love with Go(r)bac”. Јас сум Гобац, но во тоа време Горбачов беше на власт па тие напишаа Горбац како шега.

Музика24: Дали можете да издвоите една од Вашите песни која Ви е омилена и ја одбележа Вашата кариера?

Давор Гобац: Па незнам, можеби “Пинокио”, бидејќи тоа е една класична рок песна со три хармонии. Мислам дека оваа песна е класика на хрватскиот рокенрол. Исто ја сакам, а и многу е слушана “Surf punk”.

Музика24: Автор сте на повеќето песни на “Психомодо поп”, а истовремено Ваша голема љубов е сликањето. Што е она што Ве инспира и дали Ви е потребна некоја посебна атмосфера за творење?

Давор Гобац: Немам поим тоа само ми доаѓа. Не можам да речам дека само една или друга работа ме инспирира. Некогаш може да те инспирира една единствена реченица. Кога сликам сакам да бидам сам. А кога пишувам песни некогаш заедно со бендот а некогаш сам. Ќе ја земам гитарата и ќе ми дојде некоја идеја. Немам некаков одреден начин, тоа е секогаш различно.

Музика24: Кажете ни некоја интересна анегдота од Вашата кариера.

Давор Гобац: Па еве “Ramones” присуствуваа на еден цел наш концерт. Потоа отидовме да се запознаееме беше навистина возбудливо. Уште една интересна случка, мислам дека свиревме во Ереван во Ерменија. Таму беше забрането пушење, ни велеа “не курить на сцене” (руски). Кога излегов на сцената публика почна да ни фрла цигари. Нафрлаа цел куп. Тоа беше симпатично. Тоа беше во 90-те години пред распадот на СССР, тогаш Горбачов беше на власт.

Музика24: Исто така работите на синхронизација на анимирани филмови. Како дојде до тоа и колку досега имате синхронизирано?

Давор Гобац: Па незнам точно, направив сигурно десетина филмови. Но повеќе не го работам тоа, бидејќи им се мали хонорарите.

Музика24: Колку ја пратите регионалната и македонска музичка сцена?

Давор Гобац: Не одам на концерти, се “наконцертирав” во текот на животот. До мене допираат новостите од поважните изведувачи и бендови. Македонската сцена секогаш била музикална и интересна. Се сеќавам кога настапувавме на “Пивофест” јас бев изненаден од бендовите. Имаше еден македонски бенд кој свиреше ска панк, неможев да верувам дека се македонски бенд. Мислев дека се некои странци.

Музика24: Што е клучно за добар концерт, како се подготвувате и дали имате некој ритуал пред концерт?

Давор Гобац: Се молам на бројаница. Се шегувам, обично ќе се најадам и одам да спијам да не ми биде тешко.

Музика24: Што би им препорачале на младите кои сакаат да започнат музичка кариера, што е клучно за успех?

Давор Гобац: Морате да си набавите добар менаџер кој нема да ви ги краде парите. Па тогаш можеби и ќе успеете.

Музика24: Каде следно настапувате летово?

Давор Гобац: Следно настапуваме на фестивал во Сплит. Ќе свириме низ многу градови и острови на хрватското приморје. Имаме доста настапи летово.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Фото: МКЦ – Битола

Повеќе на Музика24...