Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: The Chicks

Неодамна на македонската музичка сцена се појави нов женски бенд, нешто што можеме да кажеме дека е вистинско освежување после толку години. Иако тие, The Chicks или едноставно Девојките, досега се имаат претставено пред македонската публика, со нивната последна песна “Ах, тие очи” го привлекова вниманието речиси на сите кои сакаат добра и квалитетна македонска музика. Слушајќи ја песната, гледајќи го видео спотот кои искрено потсетуваат на она преубаво старо време кога се беше едноставо толку убаво, посакавме да исконтактираме со овие интересни, симпатични и сериозни девојки, кои знаат што и како сакаат.

За тоа што велат за новата песна, видео спот, за идните планови и многу повеќе прочитајте во продолжение.

Музика24: Чија беше идејата за Вашата прва песна, која да бидеме искрени многу потсетува на оние безвременски хитови од 70-80-те години?

The Chicks: Идејата беше изворно наша. Веќе три години егзистираме како кавер бенд, што ни помогна да стелнеме многубројна публика низ цела македонија, па и во странство. Самото тоа што постојано и редовно музицираме, не порасна музички на некој начин и природно се создаде потребата да искомпонираме нешто авторско. За истото сакавме мала асистенција во делот на музиката и се обративме до Сашко Костов, музичар и композитор од Велес. Текстот на песната е наш, а аранжманите ги делиме со него. Идејата и вајбот за песната се плод од кохезија на нашите енергии. Така се доживуваме ние. Сметаме дека музиката е азбука преку која само даваме еден личен израз на нештото кое го носиме во себе, а колку таа порака стигне до пошироката маса, до секоја категорија на слушатели и донесе светла искра е успех. Бар за нас. Ова е втора по ред наша авторска песна, но прв видео спот. Првата е “Боите на љубовта”, со која се претставивме на “Макфест” во 2017-та година и добивме награда за најдобри дебитанти.

Музика24: Каде е снимен видео спотот за Вашата последна и најнова песна и од каде ја црпите и која е Вашата мотивација за таа позитивна, чудна, но сепак убава енергија?

The Chicks: Видео спотот е снимен на две локации, првата е еден руфтоп на зграда во Велес, која што ни изгледаше многу кул идеја од страна на режисерот, а втората локација е едно житно поле на патот од Велес спрема Св.Николе. Оваа локација пак, дава еден природен амбиент, асоцира на безгранична слобода и е доста инспиративен дел од целиот проект. Инаку, енергијата ја црпиме од слободата и љубовта сфатена во најчиста форма, доаѓа од внатре, а се шири кон надвор кога зборуваме низ чиста мисла за нашите настапи.

Музика24: И за крај на овој наш прв, краток, но се надеваме не и последен разговор со Вас. Што планирате во идниот период, летово… Планирате ли можеби да се појавите на некој од големите познати музички фестивали?

The Chicks: Моментално работиме на албум кој ќе се појави како соработка со еден одличен тим, но за тоа е рано да откриваме. Напоредно тековно имаме солидна агенда со настапи низ Македонија. На фестивал би сакале да се појавиме, дефинитивно, но се во свое време. Сега имаме фокус на тоа што го работиме во моментот, па последователно ќе се инволвираме и на некој фестивал. Благодариме за интересот и одвоеното време на единствениот македонски специјализиран портал во Македонија.

Можеби ќе ве интересира: