Интервју на Музика24: Тина Мицковска – ПР на јубилејниот 10-ти “Пиволенд” (Фото + Видео)

Како и секоја година, традиционално и оваа 10-та по ред, ќе се одржи големиот и препознатлив настан за Градот Скопје – “Пиволенд”. Оваа година во пресрет на големиот фудбалски настан Супер куп кој што ќе се одржи во Скопје, “Пиволенд” ќе се одржи од 7-ми до 12-ти август со богата музичка програма, забава за сите присутни, разни вкусови на пиво… и што уште не. По тој повод, екипа на музичкиот портал Музика24 ден пред почетокот на овогодинешното издание на “Пиволенд” во опуштена и пријатна летна атмосфера разговараше со девојката без која што овој настан не би било тоа што е… ПР-от на “Пиволенд” со години наназад Тина Мицковска.

Музика24: Годинава прославувате 10 години јубилеј од единствениот и оргинален скопски фестивал на пивото “Пиволенд”. Која е официјалната програма и со што се планирате да ги изненадите скопјани, како и сите оние кои ќе бидат дел од вашиот настан и ќе дојдат во Скопје за време на Супер купот?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: Имаме доста интересна програма на главниот стејџ како и алтернативниот стејџ каде што ќе се престават млади и надежни бендови и диџеи. Ќе пиеме пиво и ќе ги слушаме Ван Гог, Сарс, Неверне Бебе. Ќе има и женска вечер со Трибјут то Бијонси и македонски диџејки, а во петок вечерта е резервирана за голем концерт на САФ, како и најдобрите македонски диџеи. За фудбалските фанови пак првите два дена ќе бидат посветени на најважната споредна работа на светот, а Супер купот ќе го гледаме на голем видео бим.

Музика24: Освен нашите препознатливи пива и скара, кои се други врсти на пива кои присутните ќе имаат можност да ги дегустираат и каква се скара ќе може да се вкуси на “Пиволенд”?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: За сите гурмани, секако неизбежни се македонските специјалитети, но и германски колбас кој одлично оди со пиво, како и американски хот дог. Сите овие деликатеси одлично одат во комбинација со над 100 видови пиво кои ќе може да се пробаат на “Пиволенд”. Од белгиски, англиски, германски, преку мексикански и пива правени од калуѓери.

Музика24: Освен официјалната програма, што се друго планирате со што би го задржале вниманието на сите ваши фанови, присутни на големиот јубилеј?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: Самата атмосфера која ја нуди Скопското Кале е уникатна, па затоа и традицијата на “Пиволенд” продолжува на оваа локација. Покрај фудбалот ќе има и низа други забавни активности, како и игротека за возрасни.

Музика24: Изминатиот период на големо се зборуваше за зголемувањето на цените по повод Супер купот во Скопје, во хотелите, мотелите, останатите сместувачки објекти како и насекаде. Кое е Вашето мислење во врска со сето тоа како случување, знаејќи дека и Вие како манифестација сте дел од целата спортско-фудбалска еуфорија?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: “Пиволенд” како бренд нема никогаш да дозволи зголемување на цените. Драго ми е што поради гостопримството што го покажаа дел од скопјаните нудејќи бесплатно сместување ќе дојдат голем број навивачи кои веќе се најавија дека ќе го посетат и фестивалот. Секако ќе се покажеме во најдобро светло, а како и секоја година ќе има промоции на одредени пива и реални цени.

Музика24: Дали имате посебно катче, дел или програма на овогодинешното издание на “Пиволенд” со што ќе ги анимирате странците кои знаеме дека ќе бидат во голем дел присутни кај нас, а истовремено ќе бидат и дел од Скопското Кале и сличните настани и манифестации во Скопје?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: Конкретно, во вторник кога се одржува Супер Купот ќе имаат организирано следење на натпреварот, а и музиката е прилагодена за гостите од странство. Одбравме одлични бендови кои ги полнат скопските дискотеки, а за кои сум сигурна дека ќе им се допаднат на навивачите. Посакувам многу дружби на “Пиволенд” и незаборавни моменти за сите странски гости. На фестивалот дефинитивно ќе се уверат во македонската љубезност, дружељубивост и отвореност за нови пријателства.

Музика24: 10 години јубилеј, како се чувствувате и кога би се вратиле наназад, што е она што би го издвоиле како нешто посебно и најдобро во изминатите години за време на “Пиволенд”?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: Искрено мене најмногу како гостин, а не ПР на фестивалот најмногу ми недостига Silent Disco моментот кој неколку години беше дел од “Пиволенд” и се надевам повторно ќе успееме да го вратиме. Секоја година од 2008-та па навака си има посебен шмек и ниту една не можам да ја одвојам како најдрага. Многу настапи ќе ми останат во глава како феноменални: Џајковски, Лолобриџида, Бајага, Забрањено пушење, Лака, Стерео МС, Кошин, а секако да не ги заборавам покојните наши легенди Есма Реџепова и Гоце Арнаудов кои направија одличен штимунг пред неколку години.

Gepostet von Пиволенд am Freitag, 28. Juli 2017

Музика24: Кои се Вашите очекувања од овогодинешното јубилејно 10-то издание?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: Најмногу сакам уште еден куп убави спомени кои ќе се прераскажуваат со години. Емотивно сум врзана за “Пиволенд” уште пред да станам ПР на фестивалот и посакувам позитивната енергија која ја нуди да можеме да ја пренесеме и во Охрид на пример. Не очекуваат шест дена забава, па што би рекле Србите: “Kо преживи, причаче” (се смее).

Музика24: По завршувањето на “Пиволенд”, што е она што го планирате и организирате следно, а што скопјани и сите граѓани што живеат во него ќе бидат изненадени и воодушевени од истото?

Тина Мицковска – “Пиволенд”: Нареден е омилениот вински фестивал на скопјани “Вино Скоп” кој ќе се одржи на крајот на септември. Спремаме многу изненадувања за оваа “празнична недела на виното”, како и изведувачи со чија музика одлично лизга добра чаша вино. За крај би сакала да ги поканам сите читатели на Музика24 да дојдат на “Пиволенд” и да бидат дел од 10-от роденден, кој ветувам уште долго ќе се памети.

Интервјуто го подготви: Александра Блажевска

Повеќе на Музика24...