Јордан Митев: После 15 години музичка кариера, време е фамилијата да се проширува (Фото+Видео)

Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствувате секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата предновогодишна и празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Јордан Митев: Новогодишниот период од годината за мене, а верувам и за повеќето луѓе, е еден од најубавите периоди во годината, поготово доколку има и снег тогаш целата таа новогодишна приказна е совршена. Тоа е период кој трае некаде околу дваесетина дена, но тие денови создаваат една убава пријатна атмосфера и енергија, на некој начин луѓето за момент бегаат од реалноста и за среќа насекаде се чувствува љубов, среќа и радост. Има нешто позитивно што го нема во другите периоди од годината, со исклучок за Велигден. Можеби во тие периоди некако сме најблиску до Бога, па и затоа се издвојуваат од останатите денови и периоди од годината. Јас од секогаш сум го сакал новогодишниот и божиќниот период бидејќи има многу празници кои се значајни за нашата македонска традиција и култура, а токму во тој период е и мојот именден Војордание-Водици кој веќе со години се слави во мојата фамилија и се пренесува од колено на колено.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Јордан Митев: Кога човек во прилично рани години ќе се судри директно со реалниот свет, без некој да го штити и да му создава имгинација дека светот е како во бајките, тогаш тој човек не верува во многу приказни, но, приказната за Дедо Мраз е приказна која што живее во секое дете до одредена возраст и би сакал таа да остане таква како што е уште многу години бидејќи таа приказна носи среќа кај секое дете.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете си оставал празни новогодишни чорапчиња и си го чекал подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Јордан Митев: Па да бидам искрен не одеше нашата приказна за Дедо Мраз до тој степен со чорапчиња, пакетчиња под елката и слично. Ние, во моето семејство бевме онаа наједноставната верзија на Дедо Мраз, мала елка со некој лампион, едни мали сијалички и до неа две пакетчиња за мене и брат ми. Но јас бев благодарен и на толку, бидејќи сепак Дедо Мраз не не забораваше. Кога пораснав сфатив дека навистина не можел Дедо Мраз секаде да стигне и на сите исто да даде, поготово во Македонија хахаха (се смее).

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите сакани…?

Јордан Митев: Знаете како е во мојата работа, кога сите уживаат јас и таквите како мене треба да работиме. Среќен сум што мојата работа ми претставува големо задоволство па не ми создава непријатност во таквите моменти кога човек навистина треба да се опушти со фамилијата и со своите најблиски. Секако благодарејќи и на големото разбирање на целото мое блиско опкружување а тоа што го работам. А за специјалитетите е задолжена мојата сопруга која за среќа добро и одат од рака. Секако купувам и подароци, но не ми е тоа како некоја посебна обврска баш за новогодишниот период да купам за секого подарок, бидејќи јас знам да изненадам некогаш и кога никој ништо не очекува. Што би се рекло по наше, не сум скржаво човече хахаха (се смее).

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе ти е битно добро друштво, забава и добра музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Јордан Митев: Кога сум слободен секогаш кога треба јас да бирам помеѓу гужва и некоја помирна варијанта, скоро секогаш сум за втората, она помираната во која ќе можам да се одморам и да посветам внимание на мојот потесен круг од фамилијата, другари и пријатели. Моите настапи траат повеќе часови и често пати се доста исцрпувачки, затоа приватно барам помирно место кое може да ми ја наполни батеријата која ја трошам на секој настап до максимум.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Јордан Митев: Па не би можел да кажам конкретно со што, има многу начини и работи со кој што може да се изненади некоја личност. А и не е толку важно со што, важно е вниманието. А што би ме мене изненадило мене, навистина не знам. Кога ќе дојде човек до позиција да може да си дозволи да има тоа што сака, нормално во разумни граници, некако материјалното почнува да ја губи својата смисла, важно е вниманието, почитта, љубовта, лојалноста. Се друго е помалку вредно. А нормлано, кој не сака убав подарок.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Јордан Митев: Па ако треба сето тоа да го објаснам во една кратка реченица, за мене предновогодишната еуфорија и целиот тој период значи зближување на луѓето. Во текот на целата година сите некаде трчаме во својата борба за опстанок и напредок, а новогодишниот период е време за средба со саканите и блиските, дружба, добра храна и секако добра песна.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?

Јордан Митев: 2019-та година ќе ја испратам и ќе ја дочекам Новата 2020-та година на исти начин како што ја дочекав и 2019, на истото место. Работно во ресторант “Амор Палас” во Струмица. Тоа е еден прекрасен објект во Струмица во кој што гостував за дочекот на 2019-та и еве по желба на сопствениците и за дочекот на Новата година повторно ќе бидам таму. Се надевам како и лани ќе си поминеме одлично и со нова позитивна енергија ќе ја дочекаме Новата 2020 година.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Јордан Митев: За мене 2019-та година, фала му на Бога, беше доста успешна година со неколку успешно реализирани проекти, настапи, турнеи и сл. Не би можел да издвојам некој посебен настан бидејќи се што се случуваше кај мене веќе се има случувано и повторувано повеќе пати во изминативе години од мојата кариера.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видеоспотот кој што тебе ти остави најголем впечаток?

Јордан Митев: Сепак, од се што сработив во изминатата година би ја издвоил песната и спотот “Наздрави за љубов наздрави за среќа”, песна која почнува да живее кај сите слушатели на македонската фолк музика, што за мене како пејач и автор е најважно.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакал да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Јордан Митев: Како велат, од доброто има подобро, од лошото има полошо. Затоа јас скоја Нова година велам ако не биде подобра, барем да не биде полоша од претходната. Се надевам новата година ќе биде подобра за секој од нас и на секој ќе му се исполнат замислените цели и желби. За мене 2020 година ќе биде значајна година бидејќи заокружувам 15 години од мојата кариера. По тој повод планирам да направам еден поголем концерт кој ќе биде во Скопје и каде што ќе имам можност да се дружам со поголем број мои фанови и почитувачи на мојата работа. Не би сакал да откривам детали, бидејќи сеуште не знам прецизно кога, каде и се останато поврзано со концертот. Секако на време ќе биде информирана публиката. На професионално поле очекувам да има доста настапи според досегашните резервации и планови за 2020 година, а секако со јубилејот конечно ќе излезе официјално во продажба и моето ЦД на кое ќе се најдат десетина нови песни на кои што јас сум комплетен автор. На приватно поле, да сме здрави и живи и секако ако Господ даде, време е и фамилијата да се проширува.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Јордан Митев: На сите мои фанови и ваши читатели им посакувам најмногу здравје, а секако бидејќи здравјето често пати е поврзано со просперитетот и добриот живот, посакувам секој да го добие она за што се бори, труди, работи и тоа што го заслужува. Посакувам оваа наша држава да биде подобро место за живеење за сите граѓани, да не мора во секое семејство да има барем по еден иселен, а чести случаеви има и кога се иселуваат цели фамилии. Нека се радуваат на животот и секогаш да се гледа на позитивната страна, бидејќи на никого не му е, и никаде не е совршено.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...