Таа е контролор на летање и малкумина би ја поврзале со она што го работи кога не е на Аеродромот во Скопје. Мајка е на две дечиња и сопруга на човекот што се и значи во животот. Зад себе има голем број на хитови, поп пејачка која често знае да биде скромна кога се опишува себе си.
Наташа Крстевска – Мијата е дел од денешното новогодишно и божиќно празнично интервју. Што вели таа за 2020-та година, по што ќе ја памети и што си посакува за новата 2021 година, прочитајте во продолжение.
Музика24: Што е она по што ќе ја паметите 2020-та година, годината која што е веќе наше минато?
Мијата: 2020-та ќе ја паметам секако по короната и по заминувањето на мојата баба Зорка. Моето семејство помина доста време во село Долно Дупени минатата година и мислам дека допирот со природата и корените нѐ спаси од лудило.
Музика24: Дали има нешто што посебно Ви се случи во текот на 2020-та година и вам Ви остави посебен впечаток?
Мијата: Оваа година беше посебна, бидејќи многу работи испливаа на површина и многу разрешници се случија.
*посветена на сите што изгубиле некој близок изминатата година
Музика24: Која е според Вас најслушаната песна за 2020-та година?
Мијата: Најслушана песна според мене е “Дајте музика”, насловната тема од истоимениот серијал. Барем во нашиот дом со гаранција е така (се смее).
Музика24: Што би си посакале во новата на себе, на своите блиски и најсакани и секако на читателите на единствениот македонски музички портал Музика24?
Мијата: За себе и моите најблиски посакувам добра благосостојба, авионите да се вратат во полн ек, и втор албум сакам да издадам оваа година. А на читателите на Музика24 им посакувам што побезболно да ја поминат короната и да продолжат со животните активности кои ги исполнуваат и прават среќни.
Подготви: Редакција Музика24