Наташа Секуловска: Кога се сака нешто, се се постигнува и се наоѓа време (Фото)

Меѓу мноштвото портали на македонскиот интернет простор, сигурни сме дека веќе знаете, постои и еден музички блог, сајт или како сакате вие наречете го, но тоа е место каде што веќе 5 години можете да се информирате за се она што се случува како на македонската музичка сцена, така и на балканската. Но, специфично за овој сајт е тоа што само тој и ниту еден друг медиум во Македонија соработува со познатите бугарски продукции, радио и тв станици кои и ние тука имаме можност да ги гледаме, но ништо повеќе од тоа.

Таа е млада, згодна и убава девојка, а од неодамна и одлична адвокатка и вели дека со љубов ја работи својата професија, но освен тоа, таа е “виновникот” што Estrada World постои 5 години.

Во продолжение уживајте во интервјуто со основачот и сопственик на овој музички сајт, Наташа Секуловска.

Музика24: Веќе си дипломиран адвокат и тоа го работиш извесно време, но малку ќе се навратиме наназад. Која беше мотивацијата, желбата и инспирацијата да стартуваш сајт кој што освен македонската и балканска музика, голем дел од информациите да бидат посветени на бугарската музичка сцена?

Наташа Секуловска: Најпрвин благодарам за поканата. За мене е чест и задоволство што ме поканивте за интервју, со оглед на фактот да не се истакнувам премногу во јавноста, дека токму јас сум основачот на сајтот Estrada World кој денес прославува пет години. Мојата желба да стартувам свој сајт произлезе од тоа што од 2011-та година јас соработувам со музичката компанија “Пајнер” и трите телевизии како нејзин бренд Planeta Tv, Planeta HD и Planeta Folk Tv, но и со останатите компании од соседна Бугарија како што се “Ara Music”, “Diapason Records” и добив замисла сето тоа да го претворам во можност да го чита и македонската публика и да биде повеќе запознаена со животот и работата на сите оние естрадни изведувачи кои ги гледаме на ТВ, затоа што имав можност дотогаш до 2014-та година да работем за хрватскиот сајт “Folk Estrada” и за многу други бугарски сајтови. Имено, јас започнав со новинарството како на шега, кога во 2011-та година, благодарение на тогаш главната уредничка на списание “Нов Фолк” Маргарита Лозанова добив можност да напишам статија за албумот на Преслава – “Как ти стои”, па со оглед на фактот да статијата беше една од најчитаните добив работа и своја рубрика “Балкански новини” во списанието и едноставно добив понуда за соработка со компанијата “Пајнер” и од тој момент моите соништа станаа реалност и благодарение на целиот тим на “Пајнер”, пред се на главниот ПР менаџер Љубомир Костадинов сум денес тука, со зад себе голем број на интервјуа и вести.

Музика24: Читаме интересни и ексклузивни текстови и интервјуа од многу познати музички имиња потпишани со твоето име, но кажи ни која е Наташа приватно? Што прави во слободното време, каде излегува, има ли хоби… што е она што те исполнува, те прави среќна во текот на еден ден, освен адвокатската работа и пишувањето текстови, нормално?

Наташа Секуловска: Хмм, Наташа приватно е една млада девојка која си ги следи своите соништа (се смее). Во овој момент работам како адвокатка во Битола, но никогаш не го запоставив и новинарството. Сакам да шетам, да истражувам нови места, тоа ми е најголемо хоби, едноставно сум авантурист по природа. За мене не постојат граници и тоа и многу пати го имам и докажано со пишувањето.

Музика24: Многу од нашите колеги, а претпоставувам и читатели би сакале да знаат како и на кој начин контактираш со и не така малите музички ѕвезди? Сите ние претпоставуваме дека тие се арогантни, самобендисани, недостапни, но всушност која е тајната?

Наташа Секуловска: Напротив. Никој досега од нив не ми откажал за интервју, затоа што најважен е пристапот кон нив. Имам одлична соработка со сите и не да се фалам успеав да направам интервјуа со т.н. ѕвезди кои не даваат никакви изјави во Бугарија. Едноставно пред сѐ се поставувам пријателски кон нив, не поставувам прашања кои произлегуваат од жолти весници и не ризикувам да ја изгубам нивната доверба. Имам направено интервју со доста изведувачи, меѓу кои Анелија, Теодора, Галена, Цветелина Јанева, легендата Тина Ивановиќ (која ја викам кума на мојот сајт, затоа што таа прва ми даде интервју, кога го започнав), Денис Теофиков, Јунона, Татјана, Јаница, Румина, Џулија, Соња Немска, Нелина, Борис Дали, Лорена, Джордан, Алисија, Емануела, Славена, Джена, Ваља, Теди Александрова, Марина Тошиќ, Ивелина Колева, Фики, Галин, со позната Глорија, Емилија, Роксана, нашите пејачки Сања Ристеска, Џесика Палашоска, Татијана Стефановска, Елена Јовческа и Елена Велевска, српската пејачка Катарина Живковиќ, па дури и во моментов најпозната поп сензација Маја Беровиќ. Тие се луѓе, како нас и дел од нив ми се и пријатели мене лично, ова професија ми донесе доста поволности, пред се можности за нови соработки и пријателства. Затоа што светот е лицемерен и секој гледа само за свој интерес, но кога си чесен и нештото го правиш од љубов, тоа го гледаат другите и ти дозволуваат да им станеш дел од нивниот круг.

Музика24: Кое е твоето најдраго и најомилено интервју кое што си го имала за изминатите 5 години?

Наташа Секуловска: Едноставно кажано сите до овој момент. Секое интервју кое сум го направила, сум го правела од срце. Но, посебно ми е драго можеби првото интервју со Тина Ивановиќ, која сите ја знаеме по хитотот “Bunda od nerca”, затоа што ми го донесе “првото” пријателство во музичките води. И ден денес, после 5 години ние се слушаме и контактираме. Таа за мене е една прекрасна личност.

Музика24: Живееш во еден од можеби најеколошкиот дел од нашата Македонија, Демир Хисар. Кажи ни и откри им на читателите како успеваш да најдеш време да бидеш успешна како адвокатка, и успешна во она што го работиш, новинарството и информирањето за што и како се случува на музичката сцена?

Наташа Секуловска: Искрено, не знам и сама (се смее). Но, кога се сака нешто, се се постигнува и се наоѓа време, па така и јас.

Музика24: Дали откако работиш на Estrada World имаш добиено некоја непристојна понуда, предлог или пак закана за некој одреден текст или интервју?

Наташа Секуловска: Немам добиено никакви закани, освен тоа што минатата година точно на прославата на 4-от роденден на сајтот беше избришан нашиот Инстаграм профил. Но, секое лошо за добро. Секогаш вестите ги пишувам сама, не преземам од други места и тоа ми дава предност. Нормално, не сакам и не дозволувам мои вести да се пласираат на другите сајтови без да биде наведен изворот од каде им се преземени истите, затоа што постои закон кој ги штити моите права.

Музика24: Освен Македонија и Бугарија со кои музички ѕвезди и соработуваш, дали досега имаш добено писмо, маил, пофални зборови или критика надвор од овие граници?

Наташа Секуловска: Секако дека да. Соработувам и со нашиот омилен српски пејач Саша Ковачевиќ, кој кога има можност ми објавува мои вести на неговите страници, за Тина Ивановиќ ви спомнав дека сме доста блиски, потоа тука се Катарина Живковиќ, Драгана Мирковиќ, Милица Павловиќ, Радмила Манојловиќ, Маја Беровиќ и многу други. Да не ги заборавам Преслава, Джена, Румина, Тања Боева, Бриана, Теодора од Бугарија кои ми се доста блиски и имам добиено доста албуми со автограми, календари, билети за концерти, но најмногу ме радуваат нивните пофални зборови за мојата работа.

Музика24: Што мислиш за моменталната состојба на македонската музичка сцена и кога истата би ја споредила со нашите соседи – бугарите, србите… каде сме ние во целата таа приказна?

Наташа Секуловска: Ние за жал, сме многу назад спрема целиот Балкан. Во нашата држава се издвојуваат пари за секакви глупости, само не за музика. Реалноста е таа. Немаме телевизија, ни пак печатен медиум, која би ги рекламирал нашите изведувачи, да имаат каде да се претставаат, да се мотивираат за работа, сега не би ја набројувала тука ИН ТВ, која не е ни составен дел од нашите македонски тв оператори и ние лично немаме можност да ја следиме. Затоа што нашите пејачи, не ни праваат повеќе песни, освен една песна на година и толку. Тоа не е тоа. Да го земиме во предвид – Влатко Лозаноски Лозано, кој со два незаборавни концерти оваа година ни покажа дека после Тоше Проески ние имаме талент во Македонија.

Музика24: Музичкиот сајт Estrada World прославува 5 години од своето постоење, но за овие 5 изминати години можеш ли да се сетиш кои во се проекти, соработки, настани се имете вклучено како медиум кој што ја следи музиката и музичките случувања на Балканот и пошироко.

Наташа Секуловска: Многубројни се. Пред се редовно ги следиме сите медиумски случувања во нашата држава, но редовно се вклучуваме во прославувањето на родендените на телевизија Планета во Бугарија, каде што сме почесни гости. Ја имам таа можност да присуствувам зад сцената на најголемиот музички настан кај нашиот сосед, кој прославите ги прави со отмени концерти на кои присуствуваат илјадници луѓе. Чуството е незаборавно.

Музика24: И после прославата која веруваме ќе биде голема, кажете ни што понатаму? Планирате да се ширите, да создавате нови и интересни рубрики, интервјуа со светски познати музичари… кои се Вашите идни планови како редакција и сопственик на медиумот?

Наташа Секуловска: Се разбира. Ниедна работа не треба да тапка во место, затоа што почнува да се губи инересот за неа. Екслузивно ви откривам дека денес ќе излезе мое роденденско интервју со новата музичка ѕвезда Тања Маринова од Бугарија, но очекувајте наскоро нови рубрики и анкети.

Музика24: И за самиот крај, со што би ги поздравиле читателите на ова интервју и што би им посакале во идниот период?

Наташа Секуловска: Пред се им посакувам да бидат живи и здрави, да ги прати среќа и да не се плашаат да си ги остварат своите соништа. Вреди да се бориш за она, за што си мечател, само да имаш смелост да го направиш првиот чекор. Следете не и понатаму на www. Estardaworld.blogspot.mk и на нашите профили на социјалните мрежи и не заборавајте да слушате добра музика.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.