Имам нешто да те прашам

Андријана Јаневска: Јас сум едно големо дете! (Фото+Видео)

Од денес, од кога и официјално повторно го стартуваме ре-брендираниот музички портал Музика24, воведуваме нова пред новогодишна рубрика која што е всушност новогодишна анкета поставена на најпознатите македонски музички имиња. Во наредните 20-на дена, секојдневено ќе имате можност да ги читате одговорите на нашите мак музички ѕвезди, кој, како, на кој начин, со кого, каде ја прославува Новата година… и многу повеќе од тоа. Оваа наша нова пред новогодишна рубрика, ја започнуваме со девојката која што иако извесно време ја паузираше својата музичка кариера, таа на овогодинешното издание на “Скопскиот фестивал 2012” сите не изненади со својата песна и својот нов стајлинг. Станува збор за Андријана Јаневска, мајка, сопруга и музички изведувач на македонската сцена.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата Година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува дочекот на Новата година?

Андријана: Го сакам периодот пред и по Нова година, ме потсетува на времето кога бев дете, кога со татко ми купивме жива елка, кога Дедо Мраз ми оставаше подароци кои ги посакував, кога спиев спокојно додека го слушав звукот на термо печката… Се‘ уште оставам новогодишен чорап и го чекам Дедо Мраз да го наполни со чоколади… Инфантилна сум по природа и иако пред неколку дена наполнив 31 година, тоа за мене е само теорија (се смее). Јас сум едно големо дете!

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Андријана: Немам некој посебен ритуал, оставам да ме водат чувствата во моментот. Дури и да не купам нешто, задолжително шетам и уживам во разгледувањето на накитениот град и светкавите излози.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Андријана: Сакам да слушам божиќни песни, да китам елка, да украсувам низ домот, да слушам Виенски валцери на 1-ви јануари, да се санкам со син ми и се разбира, да одморам од тековните обврски.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Андријана: На 31-ви декември ќе настапувам на градскиот плоштад, но мојот настап би завршил околу 22 часот, така што ќе имам доволно време да се вратам дома и да уживам на топло покрај синот и сопругот и така да ја дочекам Новата година.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Андријана: Никогаш не сум била наклонета кон фактографија, па така е и овјопат. Секоја песна оставила некаков белег, па така 2012-та има белези од сите песни кои биле испеани.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакала да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?

Андријана: Најмногу се поврзани со професијата, со оглед на тоа што минатата 2011-та беше година на домот и семејството. Имам план да го официјализираме студиото со сопругот и да го снимам мојот трет студиски албум, да продолжи проектот со детски песнички “Кога си среќен” со нова серија – затоа што се покажа како одличен и успешен проект, да работам на нови песни со моите ученици и да им помогнам во отворање на естрадниот пат, да се запишам на докторски студии. На приватен план, доволно е 2013-та да биде како 2012-та, исполнета со многу гушкање (се смее)

Музика24: Што би им посакала во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Андријана: Да ги отворат срцата за да примат музика. Тогаш ќе нема место за ниту една лоша мисла!

Интервјуто го подготви: Виолета Трајкоска

Можеби ќе ве интересира: