Новогодишна анкета – Елена Петреска Толевска: Ви посакувам позитивни мисли, оти какви ни се мислите таков ни е животот!

Подолго време ја нема на македонската музичка сцена, ја паметиме по многубројните фестивалски хитови и одлични спотови. Таа некогаш беше Петреска, а денес е и Толевска. Денес работи во Македонската Опера и Балет. Драги наши, Елена на Музика24 во нашата новогодишна анкета… Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата Година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот омилен подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш, се чувствуваш посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува и е Нова Година? Елена: Секогаш ме фаќа претпразнична еуфорија, се чувствувам убаво и во домот и надвор од него. Почнувајќи од китењето на елката, новогодишните подароци, предновогодишните забави по кафулињата, сето тоа ме прави позитивна. Не е тоа некое очекување за Новата Година, едноставно ме исполнува енергијата која зрачи позитивно од секој агол каде што се наоѓам. Многу ги почитувам верските празници Коледе, Бадник и Божиќ, тие неколку денови сум секогаш дома со моето семејство, како што вели изреката кај и да си, на Бадник и Божиќ дома да си. Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за најлудата ноќ? Купуваш храна во изобилство, некоја убава книга за слободните моменти, подароци за најблиските… си купуваш нешто за себе? Елена: Купувам подароци за блиските, а и за себе. Некогаш книга, некогаш нешто симболично и новогодишно, некогаш гардероба, немам правила зависи од моментот, најбитно ми е да го погодам вистинскиот подарок за личноста за која е наменет. Дома секако дека обожавам да има многу храна, руска салата, кифлички, многу колачи, десерти и црвено вино. Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува пречекот на Новата Година и како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, те фаќа она новогодишното? Елена: Како што кажав, празниците некако се создадени за да не зближуваат, во ова време на динамичен и стресен живот со многу обврски, тие ме потсетуваат на преубавата новогодишна атмосфера, на руската салата и кифличките на мајка ми, на почетокот на Нова Година со нови желби и цели. Секоја Нова Година започнува со нов и поголем елан за се што посакуваме, можеби навистина постои таа магија со замислувањето на желби, не се знае (се смее).

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Елена: Новата Година ќе ја дочекам на плоштадот во Прилеп каде и ќе настапувам. Многу ми е драго што оваа година ќе пам таму, зошто ќе бидам дома со моето семејство.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Елена: Еве би го издвоила Таксират како еден од подобрите музички настани кои што се случуваат во Македонија, посебно за концертот на моите “Nouvelle Vag”, а за песна на годината “Црно и бело” на Калиопи, поради тоа што ја претставуваше Македонија на Евровизија. Музика24: Кои се твоите планови, цели и замисли кои што би сакала да ти се остварат во текот на идната нова година, нешто што досега не ти се случило на приватен и професионален план? Елена: Имам многу планови кои сакам да ми се остварат во Новата Година, ќе ми треба цела страна за да ги напишам… Еве одамна имам желба за unplugt концерт, па си посакувам тоа да ми се оствари во Новата Година и што повеќе да патувам надвор од државата, многу повеќе него ли оваа година.

Музика24: Што би им посакала во новата 2013-та на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Елена: Би им посакала да им се оствари желбата што ќе ја замислат во 00 часот. Им посакувам многу здравје и многу позитивни мисли, зошто какви ни се мислите таков ни е животот!

Подготви: Марија Поповска

Повеќе на Музика24...