Симеон Коруноски: Освен пејач, сакам да бидам и продуцент (Видео)

На неодамна одржаниот интернационален музички фестивал “Охрид фест – Охридски трубадури”, кој што и годинава се оддржа на кејот од Охридското езеро, настапи младиот, симпатичен и веќе докажан македонски поп пејач, Симон Коруноски. Ова младо момче за кое во изминатите години Музика24 на многу наврати пишуваше за него, за време на фестивалот во Охрид настапи со интересната композиција “Дел од мене”. Што ни кажа Симеон во врска со оваа композиција, сегашните, но и идни планови и замисли… прочитајте во продолжение.

Музика24: Не се појавуваш прв пат на македонските фестивали, поточно, на “Охрид фест”. Имаше интересна, убава композиција која остави интересен впечаток. Кој е “виновникот” за оваа композиција која што во текот на фестивалот имавме можност да ја слушнеме?

Симеон Коруноски: Ова беше лично моја песна. “Дел од мене” песна за која што јас ја подготвив музиката, продукцијата и аранжманот се на Иле Спасев, додека текстот го напиша Огнен Неделковски.

Музика24: За разлика од оваа песна, во минатото имаш исполнувано балади, љубовни песни… зошто годинава се одлучи токму за оваа песна која иако е интересна, сепак на моменти е и чудна и да не речам мрачна. Чија беше идејата за снимањето на “Дел од мене”?

Симеон Коруноски: Цело време јас овие години експериментирам, повеќе и повеќе пробувам да го пронајдам својот стил и затоа јас одлучив дека мора да отидам на повеќе жанрови да видам како тоа ќе испадне. Засега, оваа песна доби многу добар фидбек, на многу луѓе им се допадна, па можно е повеќе вакви или слични песни да направам во иднина.

Музика24: Дали би сакал за дел од читателите кои го читаат ова интервју и не те познаваат или допрва ќе те запознаат, да ни се претставиш, да ни кажеш кој си и од каде ни доаѓаш?

Симеон Коруноски: Јас доаѓам од Кичево, пред неколку години се преселивме во Охрид. Учам во музичкото училиште “Илија Николовски-Луј” во Скопје.

Музика24: Огнен Неделковски е голема препорака за текстописец, како стигна да соработуваш со него за оваа композиција?

Симеон Коруноски: Огромна чест ми е. Ова не ми е прва соработка со него. Ние имаме и неколку песни кои што сеуште не се промовирани во јавност, но верувам дека во иднина ќе бидат. Така испадна, се договоривме и за овој фестивал да соработуваме заедно и огромна ми е честа што овој текст го носи неговото име, односно, тој се потпишува како текстописец.

Музика24: Кои се твоите амбиции, со оглед на тоа дека доста си млад, колку години имаш, кои се твоите интересни сфери… кажи ни нешто повеќе за себе.

Симеон Коруноски: Јас имам 18 години и со тоа што го учам во музичкото училиште мислам дека тоа кажува многу за мене. Јас навистина премногу се пронаоѓам во музиката и многу сакам да пишувам. Имам и многу други песни кои досега не ги има слушнато публиката, на кои моментално работам. Имам и доста песни и со Иле Спасев кои досега не се преставени на пошироката јавност. Тоа ми е целта, за неколку години јас се надевам дека емоциите кои што јас ги имам да ги пренесам на другите луѓе преку своите песни. Мојата цел не е само да бидам пејач, туку јас сакам и да пишувам песни, а свирам гитара и пијано, инаку сакам да учам да бидам и продуцент. Се надевам дека тоа ќе биде.

Музика24: Големи амбиции. На сцената на “Охрид фест” беше самоуверен. За почеток, кој фестивал или пак музичар ти се предизвик да соработуваш во иднина? 

Симеон Коруноски: Дефинитивно Shawn Mendes, Justin Bieber… многу има музичари со кои што би сакал да соработувам, а што се однесува кај нас во Македонија, секако Влатко Лозановски мојот сограѓанин од Кичево. Дефинитивно тој е најдобар.

Музика24: Од она што имаше прилика да го слушнеш на “Охрид фест”, што е она што тебе лично ти се допадна и можеш да го издвоиш?

Симеон Коруноски: Мене ми се допаднаа премногу песни, нема да издвојам една најубава бидејки секоја песна е песебно убава на свој начин.

Музика24: Што очекуваш од твојот настап. Можеби награда, или…?

Симеон Коруноски: Тоа ќе видиме како ќе испадне, се надевам на најдоброто.

Музика24: Дали годинава ќе те видиме на фестивалот на забавни мелодии “Макфест” кој ќе се оддржи речиси за еден месец одсега?

Симеон Коруноски: Оваа година за жал не.Музика24: Дали додека свириш гитара досега не си добил идеја да снимиш некој кавер кој што е типично македонски, но со некои примеси од Европа, Америка…?

Симеон Коруноски: Одсекогаш сум се стремел моите кавери да се повеќе накај запад, европа… нештото повеќе да наликува на странско. Мислам дека мене ми се допаѓа што во последно време има се повеќе и повеќе нова македонска музика. Јас мислам дека сеуште треба да има промени и дека можеме ние многу повеќе, ние како македонски народ да имаме многу подобра музичка естрада, него што имаме во моментов. И подобра музика.

Музика24: Своевремено беше многу активен со каверите. Дали и во иднина планираш да продолжиш со снимање на истите како поблиска комуникација, контакт, пристап и претставување пред публиката и фановите.

Симеон Коруноски: Па незнам, незнам сеуште. Сакам за краток период да почнам да снимам по некој кавер за на YouTube, но сепак тоа засега се само планови.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски/”Охридфест 2019″

Повеќе на Музика24...