Симеон Коруноски: Слушајте македонска музика, бидете среќни и полни со љубов (Фото)

Има само 16 години, македонската јавност за прв пат го запозна како учесник, а потоа и финалист во првиот “Casting Talent Show”, а одтогаш натаму неговата музичка кариера се движи во нагорна линија. Зад себе има две прекрасни певливи песни, а малку е ако се каже дека дури одсега ги крши женските срца кои се повеќе и повеќе го сакаат, обожуваат и праќаат пораки на социјалните мрежи каде тој има свои фан страници.

Тој е Симеон Коруноски, младо, талентирано, симпатично, срамежливо момче, но сепак мил и одличен соговорник со нашата екипа која во еден од скопските кафулиња се сретна да ги дознае и разбере оние работи кои веруваме дека многумина од вас ги интересира, а не сте имале можност, храброст или привилегија да го прашате и истите да ги дознате токму и лично од него. Во продолжение, интервјуто кои со задоволство ви го препорачуваме, нешта кои веруваме читајќи ќе се пронајдете себе си и ќе дознаете нешто повеќе за ова младо и страшно музички талентирано момче.

Музика24.мк: Македонската јавност за прв пат воопшто те запозна на првиот “Casting Talent Show” кој што се емитуваше во Македонија. Дали претходно, пред ова шоу, имаше некакво јавно искуство досега?

Симеон Коруноски: Па не баш искуство, ама имам неколку настапи во мојот роден град Кичево каде порано живеев. На 12-13 години имав сопствен бенд и имавме неколку настапи на извидничките забави, бидејќи јас сум извидник, исто така ако може да се вброи и настапот на 60 годишнината од извидничкото друштво во Кичево каде заедно со мојот бенд имавме настап.

Музика24.мк: Која беше мотивацијата и желбата да се пријавиш на “Casting Talent Show”, знаејќи дека во истото бараа искуство и добар млад музичар, а истовремено и актер?

Симеон Коруноски: За моето учество во ова шоу можам слободно да кажам дека е “виновна” моја другарка која ме натера да се пријавам. Сето тоа беше како последица од оние дружби кои ги имавме и имаме со извидниците, ќе појдеме на плажа, оган со гитара, пеење, дружење со деца како од Македонија, така и од Балканот и светот. Мислам дека тоа беше она што ме натера да се пријавам на натпреварувањето и да ја засакам музиката. Бидејќи тоа се едни од најубавите моменти во мојот живот, тие дружби и музиката.

Музика24.мк: Пред да се пријавиш на “Casting Talent Show”, дали претходно си имал можност да настапиш на некое јавно место, освен оние кои што веќе ги спомена?

Симеон Коруноски: Да, бев дел од “Синалко-Караванко”, тие правеа турнеја низ сите градови од Македонија и се сеќавам собираа деца од училиштата и јас и едно девојче кое што учевме во исто школо ја пеевме песната “За нас”, тоа беше во 2012-та година тогаш бев многу мал и прв пат се соочив со голема публика. Исто така и патронатите кои беа во училиштето каде што учев, често настапував на тие прослави, како и она, на неколку пати учествував на доделување на благодарници од Црвен крст и повеќе невладини организации, бидејќи и јас сум дел од нив па на тие доделувања пеев одредени македонски и странски песни. Тоа се моите почетоци.

Музика24.мк: Дали се надеваше и воопшто очекуваше дека за време на “Casting Talent Show” и по неговото завршување ќе добиеш одредена популарност, дека ќе станеш познат, дека девојчиња ќе ти ѕвонат, ќе те бараат… едноставно ќе бидеш тој кој што ќе биде нивни идол?

Симеон Коруноски: Никогаш не сум размислувал за тоа баш така и тоа пред се го гледам како поддршка која што ми ја даваат. Не сум размислувал многу за тоа, само така за тоа чувство на сцена, пеењето и свирењето, само на тоа сум мислил и ништо друго. Тоа е она што секогаш ми е во главата, бидејќи кога сум на сцена тогаш не мислам на никој и на ништо, освен на пеењето и музиката, односно на настапот. И небитно кој и да е во публика јас сум исклучен, не сум тука.

Музика24.мк: Чии беше изборот на песни со кои се претставуваше од емисија во емисија во “Casting Talent Show”?

Симеон Коруноски: Во првиот круг се претставив со песната “За нас” и со “Here without you”, во вториот круг ја пеев “Лебедот бел” каде што тогаш Игор Џамбазов ме понуди да пеам со нив, со “Нокаут” и Игор Џамбазов на турнејата која што ја имаа. И успеав, летово имав можност да пеам заедно со “Нокаут” на нивниот 20-ти роденден во летниот клуб Кадмо бич и дефинитивно тие ми се најомилениот бенд кој што го имаме денеска во Македонија и пошироко. Многу ми беше мило што ја имав баш таа можност да успеам со нив да бидам на иста сцена и да ги запознаам. Потоа дојде полуфиналето каде што од шоуто ми одбраа песна, “Bed of Roses” тоа беше дуел заедно со Јовче Пандев и ние бевме единствените двајца кои не испаднавме туку заедно продолживме во финале. А потоа во финалето ја пеев “Thinking out loud” од Ed Sheeran.

Музика24.мк: Велиш дека уште од мали нозе свириш и пееш, дури зад себе имаш и бенд. Кажи ни на што се должи твојот музички талент, дали станува збор за секојдневно неколкучасовно вежбање, училиштето си го направи своето, преголема љубов кон она што го сакаш… или едноставо се се тоа гени од твоите родители, баби и дедовци?

Симеон Коруноски: Навистина, тоа никој незнае (се смее), бидејќи ниту мајка ми ниту татко ми не се занимаваат со музика. Мислам дека можно е да има нешто од мојот дедо кој што да не беше тој немаше ништо да постигнам од сево ова, немаше да знам ниту гитара… Тој исто како млад имал бенд настапувале и биле познати во Кичево. Тој е дефинитивно најзадолжен што јас денес сум денеска и мислам дека… да вежбав многу напорно на гитара порано. Талентот е само мала помош, во ред е да се има потенцијалот, но ако не се развие, се е џабе.

Музика24.мк: Имаш само 16 години и уште одсега си познат и популарен кај девојките на твоја возраст и оние нешто постарите од тебе. Сигурно те загледуваат, на многумина од нив си им симпатија или тајна љубов, но дали Симеон е заљубен и во кого?

Симеон Коруноски: Дали сум заљубен? Во моменотот не, бидејќи имам навистина многу обврски, навистина немам време за такви работи. Одам во две школи во моментов и не можам баш да постигнам да се заљубам.

Музика24.мк: Тоа значи дека си моментално слободен?

Симеон Коруноски: Па може да се каже (се смее).

Музика24.мк: Кога не си на училиште, кога ги немаш твоите секојдневни обврски, не пееш и си слободен, како го поминуваш своето слободно време?

Симеон Коруноски: Слободно време имам се помалку. Но и она што го работам го сакам, бидејќи ако може така да се рече имам многу хоби-а. Едно од тие е пливањето, откако се преселив од Кичево во Охрид знам и сакам редовно да пливам и да се опуштам, ги сакам оние дружби со извидниците, а и многу сакам да дебатирам бев и на дебата на почетнички дебатен турнир пред две години во ФОН Универзитетот, а најомилено нешто ми е кога, ако може ова да се нарече хоби, кога има разни грицки, лап топ и добра серија… едноставно уживам во тоа.

Музика24.мк: Досега имаш настапено на “Охрид фест”, дали во идниот период ќе се насочиш и посветиш кон настапи на фестивалите во Македонија каде најдобро може да се промовира нова песна, или сепак промоцијата и секоја нова песна ќе биде приказна сама за себе?

Симеон Коруноски: Во план ни е да настапам следната година на фестивалот “Макфест”, но приоритет следниот период е мојата нова песна која што ја работам со холандскиот композитор Ксандер. Песната е одлична, тој ми ја напиша. Истата има англиска верзија која ќе се вика “Call for you”, и македонска верзија “Ајде јави се” чии текст е на познатиот текстописец Огнен Неделковски. Песната ќе биде во стилот на светски популарниот Ed Sheeran и може да се каже дека е балада. За кратко време по излегувањето на песната ќе снимаме и видео спот и едвај чекам да излезе. Инаку со композиторот заедно работиме во “Креатив”, тој предава во приватното музичко училиште каде што одам, а и многу други професионалци како што се Ана Дурловски, Дејан Лилиќ, така да кој има можност дефинитивно да се запише зошто нема да згреши. Исто така, со Ксандер одам на часови по компонирање и се надевам а и верувам дека за брзо време ќе можам и јас нешто да создадам, бидејќи и тоа ми е целта. Реално, никој не може да напише песна за тебе како што можеш ти самиот. Многу е поразлично кога го пееш она што ти си го напишал, создал, тогаш и чувствата се вистински.

Музика24.мк: Дали си емотивна личност?

Симеон Коруноски: Да, многу. Тоа не се гледа по мене, многумина мислат дека сум ладна личност, но обично многу сум емотивен што ретко кој го знае тоа. Дупла водолија (се смее).

Музика24.мк: Дали тоа што си емотивна личност би значело дека се почесто ќе пееш само балади, или во иднина ќе има и некоја побрза песна?

Симеон Коруноски: Не мора да значи. Не знам што се ќе донесе животот. Не знам, ќе видиме.

Музика24.мк: Што може да те направи среќен во текот на еден ден?

Симеон Коруноски: Дефинитивно мнооогу пеење и свирење, мнооогу музика, само на училиште кога сум тогаш не слушам толку многу музика. Во автобус, додека патувам до саканото место… потоа свирење на гитара и пеење и после тоа гледање омилени серии и мнооогу грицки.

Музика24.мк: Доколку имаш можност и прилика, дали некогаш би настапаил на некои од веќе познатите тв шоу-а што долго време се емитуваат кај нас, на пример: “Ѕвезде Гранда”, “Пинкови ѕвезди”…?

Симеон Коруноски: Па незнам дали тоа е баш добро за мене, тие се сосема друг стил на музика, јас се пронаожам во сосема друг сил на музика, додека сите овие кои ги споменувате се турбо фолк и воопшто не се пронаожам во тој стил на музика. Така да не верувам дека некогаш ќе го направам тој чекор да се пријавам на такво или слично натпреварување.

Музика24.мк: Дали Симеон спортува?

Симеон Коруноски: Па досега на неколку наврати имам посетено теретана/фитнес. Уште како мал спортував, односно, тренирав фудбал и во 2012-та ја скршив клучната коска на натпревар и за жал сето тоа мораше да престане. Потоа четири дена, точно четири дена вежбав кошарка, ама ете небидна ништо ни од тоа. За жал немам многу време за спортување. Неодамна почнав да тренирам хип-хоп танцување, па и тоа може да го споменам како некој вид на спорт.

Музика24.мк: Дали откако ќе станеш доволно подготвен и ќе измине доволно време тренирајќи хип-хоп, истото ќе го вметнеш и во твоите идни нови спотови? 

Симеон Коруноски: Да, да се надевам дека тоа ќе биде. Па тоа е и всушност и целта, затоа и почнав да одам на хип-хоп часови. Инаку многу е интересно иако досега имав само еден час досега.

Музика24.мк: Каква музика слушаш додека патуваш, се движиш… воопшто во текот на целиот ден?

Симеон Коруноски: Јас најпрво бев рокер, мојот бенд беше рокерски (се смее), и ден денеска можам да кажам дека тоа ми е една од омилените музички жанрови, но не би сакал да се ограничувам бидејќи слушам и поп музика, познатите светски хитови, но рок музиката е она што секогаш ќе биде тука длабоко во мене. Имам голем број на омилени рок групи, ако почнам за тоа да ви зборувам можам до утре да разговараме (се смее).

Музика24.мк: Што е она што е ново и што ексклузивно може да го најавиш преку нашиот музички портал Музика24.мк?

Симеон Коруноски: Во подготовка сме на голем број на песни кој пополека, но сигурно ги важбаме. Заедно со мои пријатели, другари и соработници во текот на идниот период ќе направиме концерт на Фејсбук кој ќе биде во живо, не верувам дека тоа досега некој го направил кај нас онака професионално, сепак тоа го гледам како одлична промоција и претставување, бидејќи веќе одамна и нема место за македонската музика на тв станиците, па со концертот во живо ќе се претставиме што и како умееме и можеме.

Музика24.мк: Како за крај на ова прво интервју за музичкиот портал Музика24.мк, како и на кој начин ќе ги поздравиш нашите читатели, а воедно и твои верни фанови и обожаватели?

Симеон Коруноски: Да слушаат мнооогу, мнооогу, мнооогу македонска музика и во себе да имаат мнооогу, мнооогу, мнооогу љубов што е еднакво на среќен живот.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...