Имам нешто да те прашам

Симеон Коруноски: За мене нема поубав подарок од тоа да бидам дома со најблиските (Фото+Видео)

Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш на целата празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Симеон Коруноски: Па со оглед на тоа што ова ми е омилен период од годината, дефинитивно јас сум тој што се радува како мало дете. Се чуствувам прекрасно. Ја обожавам целата атмосфера, целата еуфорија, новогодишните украси и светилки, а секако и јадењето и пиењето.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Симеон Коруноски: Па не верував, ама неколку пати го здогледав во град и сега сум во дилема хахаха (се смее).

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете, а зошто да не и денес, оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Симеон Коруноски: Не сум оставал празни новогодишни чорапчиња, само сум пишувал писмо до Дедо Мраз и сум се надевал дека следното утро ќе видам подарок пред нашата елка.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година?

Симеон Коруноски: Секогаш дочекот на Новата година е нешто посебно за мене. Тоа е ден кога јас гледам различно на сите работи во мојот живот и си поставувам најразлична цел, а тоа го одделува од останатите денови. Расположен сум, кажувам многу вицеви, насмеан и тоа е според мене најдобрата подготовка.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се ти е битно добро друштво, забава, добра музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шали, смеа и потоа секако некој добар филм?

Симеон Коруноски: На моите години поинтересно ми е кога одам некаде во клуб, а кога друштвото е добро, верувам дека местото е ирелевантно. Таа домашна атмосфера со некој добар филм и храна на некој начин веќе е дел од моето секојдневие.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што очекуваш и најмногу би те изнанадило како подарок?

Симеон Коруноски: Не сум некој што купува премногу подароци. Поради тоа што учам во Скопје, а моето семејство живее во Охрид, за мене нема поубав подарок од тоа да бидам дома со своите најблиски.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична новогодишна еуфорија? Дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Симеон Коруноски: Претставува една блискост, љубов и топлина, некое зближување со фамилијата и пријателите. Тоа е она што за мене го одвојува овој новогодишен период од останатите, на некој начин сите повеќе се сакаат и шират љубов меѓу себе.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш старата и дочекаш новата 2019та година?

Симеон Коруноски: Најверојатно во некој клуб со моите најблиски пријатели.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ќе ја одбележи 2019-та?

Симеон Коруноски: Не сум сигурен хахаха (се смее), можеби настапот на VMA на Camila Cabello и Shawn Mendes.

Музика24: А кој е пак според твоето размислување хитот за 2019-та и видеоспотот кој што ти остави најголем впечеток изминатата година?

Симеон Коруноски: Shawn Mendes, Camila Cabello – “Señorita”, дефинитивно хит број 1.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли за твојата музичка кариера и што е она што би сакал да ти се случи на професионално и приватно поле во Новата 2020-та година?

Симеон Коруноски: Целта ми е да се едуцирам и изградам што повеќе како еден артист, да научам да продуцирам музика, да пишувам што повеќе песни, да работам на својот вокал. Исто така да работам повеќе на себе си како индивидуа, како личност, на својот карактер, да бидам посигурен во тоа кој сум, што сум и што сакам да постигнам во својот живот и да се опкружам само со личности со кои ќе напредувам заедно.
Би сакал и на професионално и на приватно поле да ми се отвори можност и опција за да студирам музика некаде во странство. По можност Лондон 😁.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Симеон Коруноски: Пред се да се здрави и живи, да си поминат најубаво за празниците, да не пијат многу алкохол, повеќе да се сакаат и секако повеќе добра музика.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: