Славка Младеновска: Во 2020-та посакувам повеќе меѓусебна слога и меѓусебно почитување помеѓу македонците (Фото+Видео)

Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Славка Младеновска: Новогодишните и најнапред Божикните празници за мене се најубавите празници во годината, воопшто земено. Така било и така ке остане, бидејќи еуфоријата и празничната атмосфера се една заедничка радост на луѓето на земјината топка. А секако дека одморот и тоа што се јаде и пие се е во склоп на заедничката радост од сјајот и возбудата за дочекот на Новата година и мојот најсакан празник Божик со кого е означено раѓањето на нашиот Бог Исус Христос.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Славка Младеновска: Верувам во Бог Исус Христос, а Дедо Мраз е приказна која ги грее срцата на најмилите и наискрените суштества на човештвото, а тоа се децата, зашто легендата за Дедо Мраз, мислам дека е и убава замисла за да се подгреат позитивните мисли и потикне радоста и фантазијата кај децата. Да верувам во убавите легенди.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале во текот на годината. Дали можеби како дете си оставала празни новогодишни чорапчиња и си го чекала подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Славка Младеновска: Не сум од тие деца кое толку многу мислеле на Дедо Мраз како дете, искрено кажано, но сум слушала и премногу приказни за актуелниот Дедо Мраз на крајот од секоја Нова година и имало моменти кога сум доживувала изненадувања со мали поклони кои наводно Дедо Мраз ми ги донел, иако јас ја немав таа чест да го запознаам лично, но постоеше во моите фантазии… велам ко инспирација… онаа која создава радост кај децата.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за саканите…?

Славка Младеновска: Сосема јасно специјалитетите за Нова година, како и Божикните подароци за најмилите и најблиските не изостануваат, затоа што тоа е мојата радост и потик за се што ме прави среќна.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе најважно ти е добро друштво, забава и добра музика… или пак онака домакински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, смеа и потоа секако некој новогодишен филм?

Славка Младеновска: Дочекот за Новата година зависи од околностите кои ни се нудат во најлудата ноќ во годината. Но како и да е музиката и доброто друштво не изостануваат, а пак за песната да не зборуваме таа е мојот животен правец без која не може да се замисли ни во тага, а пак за радост да не зборуваме.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Славка Младеновска: Мојот најголем подарок за моите сакани и најмили е мојата љубов кон нив изразена на секаков начин за кој јас знам дека ќе ги направам успешно среќни и задоволни.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Славка Младеновска: Сета оваа новогодишна атмосфера прво преставува одмор од секојдневните обврски кои неуморно преку годината ги извршуваме. А оваквата празнична атмосфера допринесува за намалување на стресот кој во денешницава е многу честа појава и одморов новогодишен преставува еден празник, кој што сите на некој начин не облагородува.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Славка Младеновска: Бидејки живеам во Шведска, желба ми е да одпатувам во родниот крај и Новата година да ја дочекам во мојата сакана Македонија и таму со моите најдраги роднини заедно ја дочекаме Новата година, а ја испратиме старата. Тоа е мојата желба и тоа се вика носталгија.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Славка Младеновска: Морам да забележам дека песната “Велат не нема” од Влатко Миладиновски која се испеа на “Гоце Фест 2018”.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видеоспотот кој што тебе ти остави најголем впечаток изминатата година?

Славка Младеновска: Ви кажав дека не сум во Македонија, но како и да е веќе кажав која песна ми остави впечаток, но јас сакам да слушам се што преставува според мене убава песна без разлика дали јас ја пејам или некој од моите колеги. За мене е важен квалитетот на песната и желбата кога еднаш ќе слушнеме убава песна и посакаме да ја слушнеме уште еднаш што е патоказ дека тоа е веќе хит песна.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакала да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Славка Младеновска: Би сакала да снимам песна која ќе ми лежи прво мене на душата и срцето и ќе ја испејам со вистински жар, а со тоа ќе го разбудам интересот кон народната музика и желба да се слуша македонската песна со поголема љубов и задоволство. Тоа е мојата желба, а што ќе се случи ќе видиме.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на Вашите фанови, поддржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Славка Младеновска: На сите мои фанови или подобро кажано на мојот македонски народ му посакувам повеќе меѓусебна слога и меѓусебно почитување ко македонци… Ќе ме израдува ако сме повеќе сложни, отколку тоа што во моментот се случува. Велат таму каде што има Бога има и слога. Посакувам Бог да не благослови ко македонци со многу љубов и радост. Ви благодарам на поканата за учеството и го поздравувам мојот народ македонски како и вас од срце.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...