Вили Котовски: Ќе славам за животот и се она што тој ми го подарил (Фото+Видео)

Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Вили Котовски: Секогаш Новата година и празниците после тоа носат со себе огромен адреналин. Јас не сум исклучок и секако од 15 години со задоволство се полнам себе си со тој адреналин – се чувствувам посебно. Новата година во главно со години наназад ја дочекувам работно, но Божик е приказна за себе. Ден кога навистина се чувствувам благословено и се трудам тој ден да бидам со најблиските и сето свое внимание ним и на Бога да им го подарам.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Вили Котовски: Легенди ако не постојат нема ни живот. Дедо Мраз секако постои барем во нашите души, во нашите срца, во нашата младост и апсурд е од тоа да се откажеме нели?!

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале во текот на годината. Дали можеби како дете си оставал празни новогодишни чорапчиња и си го чекал подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Вили Котовски: Секако, сите ние сме верувале и сме чекале дека Дедо Мраз ќе дојде и ќе ни донесе подарок, и верувам нема исклучоци. Животот е таков, а Дедо Мраз како идеја или реалност и не е лоша ситуација, да нешто што се посакува и чека. Да живее Дедо Мраз (до душа во оваа возраст повеќе ме привлекува неговата придруќничка), но сепак, Дедо Мраз е неповторлив.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за саканите…?

Вили Котовски: Подароци секако мора да има за најблиските, а земајќи во предвид дека најчесто работно ја дочекувам Новата година, вообичаено се подготвувам со нешто ново, интересно, со својот музички репертоар.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе најважно ти е добро друштво, забава и добра музика… или пак онака домакински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, смеа и потоа секако некој новогодишен филм?

Вили Котовски: Дружење до зори – како поинаку без разлика дали јас лично создавам забава или некој друг ме забавува. Сепак традицијата не смее да се нарушува, та нели еден живот имаме.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Вили Котовски: Секогаш сум бил склон кон подароци за најблиските. Тоа не значи драгоцени подароци, но важно е секогаш вниманието кон нив. Јас лично сум многу среќен кога во Новата година некој ќе ми подари чесен, убав и топол збор – тоа ми е душевна храна и повредно од милиони подароци.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Вили Котовски: Традиција – почитување, дружење со најблиските, малку повеќе забава, малку повеќе слобода и изобилие од разни кулинарски специјалитети (сакам да готвам за вака убави празници и поводи).

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Вили Котовски: На жалост оваа година (2019-та) е најлоша во мојот живот. ПС: Поради сериозноста на болеста ќе бидам изолиран од се, но ќе славам за животот и се она што тој ми го подарил.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Вили Котовски: Многу би сакал на оваа тема да премолчам, но сепак, еве живеејќи далеку од Македонија не сум во тек за се ново што се случува, но се што е македонско е прекрасно. Јас лично ги слушам “Next Time”, и тоа душевно ме исполнува.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видеоспотот кој што тебе ти остави најголем впечаток изминатата година?

Вили Котовски: Можеби Тамара со евровизиската песна, вистински, зрело, прекрасно… иако ме боли што таму не се пее на македонски, но сепак, не сум јас тој кој околу тоа имам право да решавам. Да, Тамара во секој случај.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакал да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Вили Котовски: Во секој случај во сладната година ако Бог ми даде здравје, би сакал да го завршам вториот албум овде во Русија, првиот беше во 1990-та година со Ленинградската мелодија “Ruski dim cigarete”, и секако да стигнам до финалето во големиот проект наречен “Pracoslavie”. Но најважно во оваа 2020-та година ми е да застанам на нозе, без болка, без страдање и никогаш повеќе да не ми се повтори 2019-та.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, поддржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Вили Котовски: За музичкиот портал Музика24 честитки пред се за опстојувањето во овие тешки времиња, за добрината која им ја дарувате на многумина луѓе, дури и на оние кои воопшто ги нема во Македонија. Меѓудругото и мене ме нема, но вие ми посветувате внимание за што сум ви посебно благодарен. А за сите оние кои ја сакале мојата музика им благодарам и секако, уште некое време сигурно ќе можам да им храна за душата и срцето. Вечна да ни е Македонија и сите оние кои творат во неа и далеку од неа. Среќна нова 2020-та година драги колеги и мои мили македонци насекаде низ светот. Бог да ве чува од зло. Поздрав од Вили Котовски.

*песна која своевремено беше голем хит, а истата и денес се пее, препејува и се снимаат кавери со истата

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...