Има само 15 години, а за себе вели дека е многу скромна и дека сака само да биде позната и популарна како што се нејзините музички идоли. Љубовта и желбата да пее за прв и се родила додека била основно училиште, додека била дел од училишниот хор. А денес учи во Државното музичко училиште “Илија Николовски – Луј” каде е прва година и каде за прв пат посериозно осознава нови нешта за музиката. Најмногу сака да ги пее песните од Ријана, Адел, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Елена Ристевска…
Нејзиниот најнов ковер го привлече нашето внимание, па токму денес во рубриката 24 Covers Ви ја претставуваме Андријана Петрушовска.
https://www.youtube.com/watch?v=3yreqzYi7Nw
Нејзиниот ментор и продуцент познатиот музичар, композитор и пејач Горан Милошески кој стои зад оваа млада и надежна девојка вели дека допрва ќе се слушне и види која е Андријана. На големо се подготвува нејзиниот прв сингл за кој не откриваат ништо повеќе, освен тоа дека станува збор за преубава емотивна балада, која веруваме и воопшто не се сомневаме со оглед на нејзиниот прекрасен глас дека младата Андријана Петрушовска ќе ја донесе токму како што треба, а публиката секако ќе ја прифати.
Освен коверот кој што веќе можевте да го слушнете, Андријана зад себе има мноштво снимени ковери за познати светски и македонски песни.
Андријана за Музика24 вели дека за првиот сингл кој ќе излезе наскоро ќе се снима и видео спот со позната продуценска куќа, а во план е и дует со познато музичко име од македонската забава поп сцена, но сега засега не сака ништо повеќе да открива.
Скромноста на оваа млада девојка не потикна да ја запрашаме каде се гледа за година, две… а таа скромно, како и за цело време на нашиот разговор, ни одговори дека најпрво сака да го извади првиот сингл, истиот да го дознае и слушне македонската публика и јавност, а веднаш потоа ќе започне со учество на неколку реномирани македонски фестивали каде се натпреваруваат познати музички имиња.
И за самиот крај на нашиот интересен и релативно долг разговор, младата Андријана ги поздрави сите читатели на специјализираниот македонски музички портал Музика24 и истовремено им посака да слушаат македонска музика во било кој дел од денот.
Подготви: Иван Јосимовски