20-то јубилејно издание на “Роса Фолк Фест” во знакот на лауреатите за животно дело (Фото)

Во преполната сала на Македонската опера и балет, вчера вечер се одржа 20-то јубилејно издание на прославениот “Роса Фолк Фест”, за кој и оваа година се бараше карта повеќе. До последниот ден дел од новинарите беа во неизвеснот дали ќе можат да присуствуваат на овој настан затоа што директорот на фестивалот и сопственик на радио и продукција Роса познат како Аце Роса, немаше предвидено влезници за седмата сила, па благодарение на водителката Ирена Спировска влеговме и бевме сместени.

На свечено уредената сцена за оваа пригода продефилираа доста познати и афирмирани пејачи, но исто така имаше прилеичен број на неафирмирани пејачи и групи кои допрва треба да се изборат за свое место под естрадното сонце.

Од оние докажаните настапија: Миле Кузмановски, Групата “Академци”, Мишко Крстевски, Душко Ѓеоргиевски, Милица Кузмановска, Коики и Маијан Коцев, Анета Наковска, Анастасија Петревска, Сања Сани, Кате и Групата “Соната”, Далибор Ѓошиќ, Јовица Мицевски, Дамјан Стојановски, Стојне Николова, Елена Јовческа… и други.

Интересно е што стилски овој фестивал досега важел за промоција на модерниот звук во новосоздадените фолк рефрени, а оваа година се чини како жанровски да беше поделен во две категории и тоа, поп мелодии кои комплетно можеа да конкурираат на “Макфест” и на традиционални ритмови кои на голема сцена го вратија изворниот мелос во кој доминираа тапаните и зурлите.

Публиката со одушевување ги проследи настапите на пејачите кои се одважија да изведат нумери во македонски народен мелос и кои имаа придружба-играорци на сцената, како што тоа го направија Дамјан Стојановски и Стојне Николова и Далибор Ѓошиќ. А посебно интересна беше и Елена Јовческа која во гламурозна тоалета посегна по гајдата и песната ја заврши со музицирањето на овој традиционален инструмент. Публиката исто така одлично реагираше и на заедничката дуетска нумера на браќата Коки и Маријан Коцев, на боемскиот настап на групата “Академци” кои на сцената ја доловија кафанската атмосфера, на атрактивниот настап на Сања Сани, на камбекот на Анастасија Петреска, на појавата на Анета Наковска која сите ги збуни како русокоса, на забавната мелодија на Кате и групата “Соната”, а посебно убава балада имаше кралот на баладите веќе докажаниот Миле Кузмановски.

Гламурозната пак појава на убавата и секогаш прекрасна водителка Ирена Спирковска дополнително ја облагодари сцената на која најсилен печат оставија добитниците на наградите за животно дело кои овој пат отидоа во рацете на докажаните легендарни уметници.

Најпрво на сцената беше повикан музичарот Суад Усеин Цуле кој своевремено беше дел од многу популарната група “Кода” за да ја прими наградата за животно дело. Подоцна, во текот на фестивалот со музичка најава на нејзините големи хитови на сцената беше поканета и фолк дивата Сузана Спасовска на која публиката долготрајно и аплаудираше, а таа во нејзин стил преку песна и пригоден говор се заблагодари за добивањето на престижната награда за животно дело за која како што рече дополнително ја мотивира да продолжи и во иднина да ја негува македонската песна. И како трет лауреат на сцената беше најавен нашиот најрепрезентативен машки вокал Наум Петрески кој исто така доби награда за животно дело и упати симболична порака со која ја нагласи важноста на македонската музика. Наградените уметници од сцената порачаа дека во овие времиња невремиња е особено важно да се зачува македонската песна во автентичниот нејзин облик и да се почитуваат корените и симболите на се она што ја преставува македонштината.

После фестивалот, уметниците, авторите, соработниците и новинарите беа поканети на коктел забавата која беше организирана во фоајето на Македонската опера и балет, каде уште еднаш се наздрави за големиот 20 годишен јубилеј на “Роса Фолк Фест”.

Автор на текстот: Билјана Крнческа/Свет Аустралија

Фото: Музика24.мк

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.