Фестивали

Голем интерес за првaта берза на винили во Битола

На младинскиот арт фестивал Битола Отворен Град, кој започна пред два дена, за прв пат се организираше „Берза на винили“. Десеттина излагачи им понудија на музичките познавачи и љубители на плочи, стотици плочи, избрани со рафиниран вкус и по цена за сечиј џеб.

„Ја прифативме со радост иницијативата во Битола да се одржи Берза на винили. Плочите се вратија на голема врата, иако за нас како почитувачи на овој носач на звук, никогаш не излегле од мода. Плочите денес стануваат и работа на престиж. И кај повозрасните генерации кои веќе можат да зборуваат за свои богати колекции. А младата генерација винилите ги сака, па сметавме дека со доаѓањето во Битола ја направивме вистинската работа.“ – изјави Марко Стојковски кој е еден од двигателите на вакви настани во поширокиот регион и е дел од мрежата на винил берзи на Балканот.
На денешниот настан меѓу посетителите имаше познати колекционери на плочи од Битола, личности кои се во музичките води како артисти и диџеи, пасионирани почитувачи на квалитетна музика кои денешниот настан го искористија и за дружење и размена на размислувања на тема винили.
„За прв пат во Битола може да се купат плочи, изложени организирано на едно место, а тоа да не е онлајн купување. Знаете, има посебен шарм кога плоча се купува “на лице место“, друго е чувството…продавачот е вљубеник во винили и одличен познавач на музика, оттука купувањето не е само обична трансакција, туку е доживување. Битола има пасионирани колекционери на винили, знам многумина….но, ни недостигаше едно вакво неформално собирање со цел да си ги обновиме колекциите, а и да се дружиме.“- изјави еден од посетителите.

Винилите, по една долга пауза се вратија на убав начин, грамофоните се повторно важен сегмент од домашна хај-фај опрема, а некогаш беа ставени во заборав. Една од причините за ренесанса на винилите се и ваквите настани кои се случуваат во големите градови низ светот.

„Искрено, не знаев што прво да разгледам. Можеа да се купат и нови и стари плочи. Синглови имаше исто. Денес Битола доживеа музичка библиотека на Широк Сокак, што е за почит. Како идеја и како реализација. Првата плоча сум ја купил во 80-те. И во децениите по нив не престанав на купувам плочи, кога сум имал шанса, а тоа биле најчесто патувањата во светот. Оваа слика денес од Битола ми го наполна срцето.“- изјави уште еден посетител.

Цените беа различни и зависеа од изданијата, кај новите изданија имаше и ретки албуми кои веднаш ги препознаа колекционерите а цените се движеа од 400 ден па се до 3.000 ден за одредени ретки изданија.

Можеби ќе ве интересира: