Фестивали

Александар Гаџиев – млад пијанист со врвен артизам

Младиот пијанист Александар Гаџиев со своето маестрално музицирање ја воодушеви публиката на фестивалот “Охридско лето” синоќа во црквата “Света Софија”, покажувајќи врвен пијанистички артизам. Уметникот чии родители се професори по пијано, со брилјантната техника на музицирање, нагласениот музички сенс, како и со својата креативна фантазија го освои концертниот аудиториум уште на почетокот од вчерашната програма.

“Охридско лето” е фестивал со долга традиција каде настапуваат големи имиња од светот на музиката. Затоа сум почестен што настапувам овде. Инаку доаѓам првпат во Македонија. Мојот концерт во кој се надевам уживаше публиката го започнав со сонатата “Валдштајн” од Лудвиг Ван Бетовен, а потоа следуваше сонатата “Данте” од Франц Лист”, вели младиот виртуоз на пијано Гаџиев.

Во прекрасниот амбиент во црквата “Света Софија”, во вториот дел од концертот тој долови композиции од руски композитори. Публиката уживаше во фасцинантната изведба на “Варијациите” од Петар Илич Чајковски, како и во Сонатата број 6 оп.82 во А-дур од Сергеј Прокофјев.

“Ме чека реализација на многу проекти, особено во Велика Британија каде што сум избран во новата генерација млади уметници од страна на Би Би Си. Живеам во Германија, па така, ќе одржам концерти и таму. Планирано е да музицирам и во Париз, Лондон, Братислава, Љубљана”, најавува младиот уметник Александар Гаџиев кој синоќа приреди прекрасно музичко патување за публиката на “Охридско лето”.

Александар Гаџиев е роден во Гориција, Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор и првиот настап со оркестар го има на деветгодишна возраст, а солистички рецитал остварува на 10 години. Во 2013-та година настапува на 30-от јубилеен натпревар “Премио Венеција”, на кој се натпреваруваат најдобрите млади пијанисти од Италија и го освојува првото место. Оваа победа му овозможува бројни рецитали низ Италија но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин.

Можеби ќе ве интересира: