Братот на Џими Хендрикс ќе настапи на “Блуз и соул” фестивалот (Фото)

Леон Хендрикс, братот на иконата на американскиот рок, Џими Хендрикс, на гитара ќе настапи утревечер (12 септември) во “Станица 26”, на првата вечер од дводневниот “Блуз и соул” фестивал кој е во организација на Дирекцијата за култура и уметност. Тој првпат гостува во Скопје и на Балканот и настапува со италијанскиот Fulvio Feliciano Band во проектот “Fulvio Feliciano Band in name of Jimi”, за да ја свири музиката и да го пренесе искуството од животот покрај неговиот брат.

Леон, кој моментално е на турнеја со овој проект е уметник, текстописец и гитарист кој започнува да се занимава со музиката подоцна во животот. Има издадено неколку албуми, а најдобро е познат по неговите оригинални илустрации. Во 2012 година ја издава својата книга насловена “A brother’s story”.

“Фулвио Феличиано, пак, е еден од најпочитуваните блуз и рок гитаристи во Италија и од сите проекти, неговиот проект посветен на музиката на Џими Хендрикс е особено популарна кај љубителите на музиката. Покрај неговиот сопствен материјал и класични блуз песни, неговиот сет вклучува и песни на Хендрикс. Репертоарот кој Феличиано може да го понуди на неговите настапи во живо е огромен и вклучува 40 песни кои ја опфаќаат дискографијата на Хендрикс, со цел повторно да ја креираат таа атмосфера, тој звук, нудејќи психоделично шоу длабоко вкоренато во блузот и фанкот, кои ја карактеризираат музиката на Џими, оставајќи простор за инстинкт и импровизација”, стои во најавата за концертот на кој покрај Феличиано, како вокал и гитара и Леон Хендрикс, на гитара ќе им се придружат и Марко Д’Анџело на бас и вокал и Лука Мартини тапани и вокал, двајца експерти во областа на хендриксовата музика.

“Фулвио има свирено на сцени низ Европа и сега е на третата турнеја заедно со Леон Хендрикс. Има учествувано на настапи и фестивали посветени на Хендрикс, самостојно, но и како дел од бенд со Ули Џон Рот (Scorpions), Греам Оливер (Saxon) и Стен Скиби (Billy Cox)… Има реализирано стотици соработки со уметници како Eric Martin (Mr.Big), TmStevens (James Brown), Cheryl Nikerson (Ray Charles), Andrea Braido (Vasco Rossi), Eric Daniel (Zucchero, Joe Coker), Mike Applebaum (Moricone, Joe Coker), Rick Latham (BBKing, Edgar Winter), Mario Schillirò (Zucchero), Vince Pastano and Stef Burns (Vasco)…:, додаваат од Дирекцијата за култура и уметност.

Претходно, од 21 часот на истата локација (“Станица 26”), ќе се претстави грчкиот состав “Zippy Nappers” кој постои неколку години под водството на Спирос Мисокефалос. Во својот репертоар, негуваат претежно американски блуз-рок, а на нивните настапи најчесто изведуваат композиции од различни блуз уметници.

На “Блуз и соул фестивалот” кој ќе се одржува на 12 и 13 септември во “Станица 26”, со почеток од 21 часот ќе има по два концерта на вечер – три со странски изведувачи и еден домашен бенд.

Повеќе на Музика24...