Цеца, Тамара, “Фрајле” и “Нови Фосили” на “Пиво фест 2019” (Фото + Видео)

Оваа година по 17-ти пат од 18-ти до 21-ви јули во Прилеп ќе се одржи познатиот Фестивал на пивото и скарата – “Пивофест”.

“Четирите фестивалски дена ќе донесат голем број посетители и новини со што ќе се збогатат содржините на една од најголемите летни манифестации, препознатлива на Балканот”, соопштија денеска на прес-конференција организаторите: Општина Прилеп и агенцијата “Баги комуникации” од Скопје. Иако се шпекулираше со промена на локацијата, “Пивофест” повторно ќе се одржува во центарот на градот.

Програмата започнува на 18-ти јули (четврток) со настапите на: “Прилепски еснаф”, дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид, Ивана Негатив и рок-групата “Галија”. Во петок, 19-ти јули, на програмата се: Ален Хасановиќ, Миле Кузманоски, Кантурови и балкански познатата фолк пејачка Светлана Ражњатовиќ – Цеца. Првиот ден од викендот на 20-ти јули термините се резервирани за: “The Hounds”, Влатко Стефановски – Трио, “Фрајле” и Тамара Тодевска. И последната вечер, односно на 21-ви јули недела, на сцената ќе настапат: “Бен Хур”, “Кал Бенд” како и Сања, Маринко и Зец од групата “Нови Фосили”. Програмата ќе заврши со “Cyrilic”.

На Фестивалот ќе има преку 20 штандови на површина од 4.131 метар квадратен.

“Голем предизвик е да се организира ваков фестивал кој има 16-годишна традиција и до Белград е регионално најголем, а е и во врвот на најголемите македонски фестивали. Програмата е конципирана за сите генерации, со посебен акцент на локални и наши групи и изведувачи. Направен е избор на различен вид музика со гости од целиот регион”, изјави Владимир Мандичевски од агенцијата “Баги комуникации” која со години организира настани и манифестации во и надвор од Македонија.

Јана Јанеска од Општина Прилеп, пак најави,  богата алтернативна програма во сите денови на фестивалот.

“Ставаме акцент на алтернативните настани како можност да се издигне фестивалот на повисоко ниво за да се развијат креативниот туризам и креативните индустрии. Ќе има и сервис за посетителите за информации за сите достапни институции, како хотелите, хостелите, рестораните, службите на Итна помош, на полицијата, ќе има штанд за “изгубено-најдено”, ќе има “Пејн-бол – арена” достапни 24 часа, се воведува игра “Пивопол” во вечерните часови пред почетокот на главната програма, за прв пат ќе има активна детска зона, преку денот ќе има летна забава во “Аквапаркот”, а во паркот на Револуцијата пак ќе биде активна “кампинг-зоната” за сите кои ќе кампуваат на фестивалот, а за младите во ноќите до раните утрниски часови ќе има алтернативна програма на камената бина на плоштадот “Александрија”. За време на фестивалот, со познатото “Вовче” ќе има презентација на културните знаменитости на Прилеп”, рече Јанеска.

Мотото на Фестивалот е: “За добра мисла”. Буџетотот кој го одвојува локалната самоупорава за “Пивофест” е 2,5 милиона денари за покривање на авторските хонорари на учесниците. Како и лани цената за паринг-простор ќе биде 50 денари. Годинава водители на Фестивалот на скарата и пивото – “Пивофест” ќе бидат преубавата водителка Јана Серафимова од Телевизија24 и познатиот македонски актер Жарко Димоски кој е дел од Театарот Комедија.

Специјализираниот македонски музички портал Музика 24 и оваа година е еден од медиумските покровители на фестивалот. Следете не за уште нови информации и ексклузивни содржини.

Пиво Фест 2019 18-21 Јули

Пиво Фест 2019 18-21 Јули

Gepostet von Pivofestival.mk am Freitag, 14. Juni 2019

Повеќе на Музика24...