Дамјан Стојановски и Лепа Лана добитници на Гран При награди на “Филиграни 2019” (Фото)

Вчера вечер во Домот на АРМ во Скопје се одржа 26-то издание на музичкиот фестивал “Филиграни” кој оваа година помина со голем број на познати музички имиња, полна сала и се надеваме хитови кои што долго време ќе се пејат и паметат. Како што веќе беше најавено, фестивалската вечер ја отвори Благица Павловска, а после неа се редеа пејачите и песните кои според жири-комисијата и претходната селекција, заслужија да се најдат на овој музички фестивал.

Полната сала уште на почетокот на фестивалот најавуваше интересна и возбудлива вечер исполнета со голем број на певливи и лесни рефрени. Посебно внимание привлече композицијата на Хако Обич, пејач кој доаѓа од Босна и Херцеговина а својата песна посветена на Кралицата на ромската музика Есма ја отпеа на македонски јазик. Тој и за време на песната и по нејзиното завршување доби громогласен аплаус.

Во ревијалниот дел на фестивалот на сцената се појавија Вики Среброва, Смиља Митревска, како и Катерина Таневска овој пат без групата “Нели ти реков”. Во меѓувреме беа доделени наградите за животно дело, а истите ги добија Блага Петревска и Лепа Лана.

По завршувањето на ревијалниот дел, започна и доделувањето на наградите, а истите беа доделени на следниов начин:

  • Награда за најдобар дебитант доби Христијан Ивчев
  • Награда за сценски настап доби Орде Ристески
  • Награда за најдобар аранжман добри Ристо Краповски за песната “Дојде и тој ден”, наградата за аранжман е во спомен сеќавање на Јанко Узунов
  • Награда за најдобар текст добива Огнен Неделковски за песната “Симка на Даскалови”
  • Најсвадбарска песна на “Филиграни 2019” Влатко Алексовски кој отпеа песна за свекорот
  • Награда за интерпретација отиде во рацете на Блага Петревска
  • Третата награда од публика ја доби Васко Форти
  • Втората награда од публика отиде кај гостинот од Босна и Херцеговина, Хако Обич кој испеа песна посветена на Есма Реџепова Теодсиевска
  • Првата награда од публика ја доби Блага Петревска, која навистина беше изненадена кога го прочитаа нејзиното име.
  • Трета награда од жири доби Орце Стефковски
  • Втората награда им припадна на Маестро Ристе и Јадранка Тушевски и
  • Првата награда од жири ја доби Серафина Фантаузо

На крајот на фестивалот беше доделен Гран При во спомен на пејачот Војо Стојановски кој го доби неговиот син Дамјан Стојановски, како и Гран При во спомен на Гоце Арнаудов кој го доби пејачката Лепа Лана.

Muzika24.mk

Се надеваме дека повеќето од композициите кои беа изведени на вчерашниот музички фестивал “Филиграни” до следното издание ќе бидат слушани и од истото ќе излезат голем број на хит рефрени. А екипата на музичкиот портал Музика24 која што и беше присутна на вчерашниот музички фестивал, во следните денови ќе ви претстави и ексклузивно ќе презентира неколку ексклузивни интервјуа и изјави кои имаше прилика да ги добие од повеќето од изведувачите на фестивалот.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24

Повеќе на Музика24...