Фестивали

Ексклузивно: “Охрид фест” годинава на 11-ти и 12-ти септември на сцената на “Долни Сарај” (Фото)

Како и секоја година, и оваа, почетокот на месец септември е резервиран за еден од најпознатите интернационални летни музички фестивали во Република Македонија, “Охрид фест”. За разлика од останатите музички настани кои за жал се одложија за следната година, “Охрид фест” ќе се оддржи од 11-ти септември до 12-ти септември на сцената на “Долни Сарај”, кога Охрид ќе биде местото каде ќе се слуша македонска и балканска музика.

По повод одржувањето на овој познат летен музички фестивал го контактиравме идејниот творец на истиот Г-нот Глигор Копров кој што ексклузивно за музичкиот портал Музика24 го изјави следното:

“Фестивалот оваа година ќе се оддржи на 11-ти и 12-ти септември, поради пандемијата со оглед на тоа дека можеме сите протоколи да се спроведеме кои се пропишани, фестивалот ќе се оддржи на сцената “Долни Сарај”. Таа сцена на Балканот е една од најубавите, со тоа што Министерството за култура поради тоа што таа беше прилично несредена, ја подготви и сега реално на сцената може да се оддржат големи музичко-забавни настани. На 11-ти септември ќе се оддржи фолк вечерта, а следниот ден, 12-ти септември ќе се оддржи интернационалната вечер за која има најавено голем број на гости од соседните земји и од регионот. За жал не може да се предвиди дали сите учесници ќе може да дојдат и присуствуваат поради состојбата во која што се наоѓаме моментално, но се надеваме дека се ќе биде во наша полза.

Од Хрватска во интернационалната вечер своја шоу програма треба да има познатиот пејач Жак Хоудек, извесно е дека треба да дојде и добитникот на наградата за промоција на музиката на Балканите – Ненад Нинќевиќ член на сплитската група “Тути фрути Бенд”, треба да дојде и Индира Левак од групата “Колонија”, а треба да дојдат и познати пејачи од Албанија, Бугарија, Србија, Словенија, Грција…

Оваа за разлика од изминатите години ќе има многу поголема гледаност на Балканот. Годинава преносот ќе го превземат и пренесуваат три српски телевизии како и БК телевизија, CMC телевизија ќе го пренесува во Хрватска, во Бугарија фестивалот ќе го пренесуваат познатите Фен тв и Балканика, во Албанија Визион плус, додека пак националните телевизии во Црна Гора и Словенија ќе го пренесуваат на еден од своите канали”, изјави Копров за Музика24.

Традиционално фестивалот ќе започне со пет минутната културно-туристичка репортажа за градот Охрид и неговите убавини, што е пред се значајно за културно-забавниот живот, туризмот и запознавање на се она што досега не сме го знаеле, како ние, така и сите оние кои ќе го следат преносот од многуте земји низ Балканот и регионот.

Како што вели Г-нот Копров, оваа година ќе се издвојува од претходните. Ќе има строга селекција на композициите, а истовремено ќе се даде акцент на фолк вечерта.

“Поголем акцент ќе дадеме на фолк вечерта каде што би сакале наместо класичен фолк како што беше досега, да ја потенцираме токму онаа старградска урбана охридска песна која да речеме во некое догледно време таа би претставувала наша изворна поп музика. Има досега успешни такви композиции, и тука би сакал малку да се насочиме и да се издвоиме од “Фолк Фест Валандово”, да има разлика која реално постои. Една манифестација покрај тој квалитет кој што треба да го има, е толку голема колку луѓе ќе ја видат”, додава Копров.

Маријана Станојковска и актерот Васил Зафирчев и оваа година во текот на двете фестивалски вечери ќе бидат тие кои ќе го насочуваат фестивалот, ќе најавуваат и забавуваат и ќе бидат тие со кои ќе започне и заврши “Охрид фест 2020”. Музичкиот портал Музика24 како и годините наназад, и оваа, медиумски ќе го поддржи и покрива и ова 27-мо издание.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: