Фестивали

Фестивалот „Ех, таа серенада” ја возобнови традицијата на староградската песна

Вчера вечер во Битола се оддржа првото издание на возобневениот фестивал на староградска музика „Ех, таа серенада“.
16 новокомпонирани серенади беа изведени во живо со придружба на оркестар и хор од солистите: Никола Зацески, Игор Илиевски, Раде Стаматов, Софија Кочовска, Христијан Тоневски, Катерина Таневска, Сефедин Бајрамов, Билјана Дамјановска – Јанчевска, Елена Георгиева, Мишко Крстевски, Перо Христов, Ламбе Алабакоски, Димитар Андоновски, Драган Мијалковски, Трио Џентлмен и Боеми.

Временските услови на неколку часа пред фестивалот беа причина да се промени локацијата но организаторот Културен и информативен центар – Битола експресно се прилагоди и успешно одговори на предизвикот и испорача перфектно музичко сценско доживување. Па и големата сала на Центарот за култура беше претесна да ги прими сите заинтересирани. Низ вечерта на водеше актерскиот двоец Васко Мавровски и Јулијана Мирчевска а Камерниот оркестар на Битола под диригентската палка на Владимир Димовски веќе е неизоставен дел од секоја музички приказна во градот.

Ризницата на најопеаниот град и градот на серенадите од вчера е побогата за 16 новокомпонирани нумери од истакнати автори како: Григор Копров, Борче Нечовски, Петар Георгиевски – Калица, Милан и Тодор Завкови, Огнен Неделковски, Орце Зафировски, Љупчо Трајковски – Фис, Давор Неќак, Николче Мицевски итн. кои со својата музика, аранжман и текст носталгично не вратија во времето но и ја возобновија традицијата и љубовта на битолчани кон староградската песна.

КИЦ Битола со својот тим покажаа дека на македонска музичка сцена и се потребни сериозни фестивали, нова продукција и професионални организатори.

Можеби ќе ве интересира: