Фестивали

Фестивалот на монодрама ќе има музички дел во OFF програмата

На 14 мај, ќе светнат сцените на Центарот за култура, и Битолскиот Народен Театар и под мотото ПОМЕЃУ ќе започне 23-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, на кој ќе биде пречекана верната театарска публика која знае како да ги дочека и испрати со аплаузи професионалните актери кои овој пат доаѓаат од 11 држави, а ќе изведат вкупно 13 монодрами. Годинава новина е дневната офф-програма која од 12.00 до 15.00 часот ќе се случува на делови и од Широк Сокак со учество на актери од Статуа Фест, а централна точка на оваа придружна програма ќе биде „Јагода“ на крајот од оваа пешачка позната зона на Битола, каде актерите живи статуи и познатите артисти од битолската електронска сцена ќе имаат своја програма.

Градот Битола до 21 мај ќе биде вистински фестивалски град, место на средба на актери кои ја слават монодрамата како модерна театарска форма на “one man show”. Овој фестивал е толку многу посебен и надвор од рамките на програмските насоки на било кој друг театарски фестивал во нашата држава. Со светски контекст кој го потврдува гостувањето на монодрами од Велика Британија, Ерменија, Хрватска, Шпанија, Азербејџан, Полска, Израел, Бугарија, Молдавија и Романија, со уметнички сензибилитет на новодефинираните театарски тенденции. Свеченото отварање на фестивалот ќе биде на 14 мај со претставата „Само глас„ на МНТ Скопје, додека затворањето е на 21 мај со претставата „Странци„ на Драмски театар Скопје.

Директорката на Центар за култура, Маја Андоновска -Илијевски и селекторот Петар Мирчевски (Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски)

„Скапоцено е што мојот град Битола е запишан на светската мапа на фестивали на монодрама. Оваа година растеретени од ковид протоколите, со храбра одлука од наша страна да направиме повторно светски фестивал, зошто пред сe како актер, а потоа како директор на оваа национална институција од културата, знам колку овој проект е посебен, зошто не станува збор за никаква комерцијална, туку за сериозна и квалитетна уметничка продукција. Со поддршка на Министерството за култура, Општина Битола и на неколку спонзори, на кои сме им бескрајно благодарни работевме повеќе месеци на овој проект, кој бара и одлична мрежа на контакти низ светот, за што во ЦК имаме одличен тим кој стои позади фестивалот и селекција која тука, оваа година ќе го донесе најдоброто„ – истакна Маја Андоновски Илијевски на вчерашниот прес.

 

Можеби ќе ве интересира: