Фестивали

„Фолк фест Валандово” годинава со богата музичка програма (Фото)

Како што дознава музичкиот портал Музика24 од нашите соработници во општина Валандово, на големо се подготвува 36-то издание на традиционалниот фестивал на новокомпонирани фолк песни „Фолк фест Валандово” кое годинава е најавено со богата музичка програма.

Фестивалот оваа година ќе се одржи од 26-ти до 28-ми мај, три дена, од кои првите две вечери ќе бидат неофицијални или таканаречени OFF вечери каде на валандовскиот градски плоштад на сцената ќе се појават голем број на познати музички имиња, како од Македонија, така и од Балканот. Трета вечер е планирана да биде онаа официјалната кога и ќе се одржи музичкиот фестивал „Фолк фест Валандово”.

Па така, првата вечер, односно на 26-ти мај на сцената на градскиот плоштад ќе настапат: „Распеани валандовчани”, Јоце Панов, како и познатиот и популарен пејач од Србија, Жељко Самарџиќ. Втората вечер пак, на истата сцена на градскиот плоштад ќе настапат: Ефто Пупиновски, познатата српска пејачка Ана Бекута која своевремено има настапено на овој познат македонски фолк фестивал, како и познатата македонска група „Куку Леле”.

На 28-ми мај ќе се одржи натпреварувачката и официјална вечер кога во Фестивалската сала „Јанко Узунов” ќе настапат голем број на познати македонски музички имиња со свои новокомпонирани песни.

Инаку, „Фолк фест Валандово” стана препознатлив симбол на градот, за прв пат се одржа во 1985 година од кога и голем број на музички македонски и балкански ѕвезди ја започнаа својата музичка кариера и оставија богата музичка ризница која и ден-денес се слуша.

Можеби ќе ве интересира: