Фестивали

МРТ ја избра евровизиската песна

Македонската радио телевизија пресече. На Евровизија 2013 во Малме, Шведска ќе не претставува композицијата со работен наслов “Опсесија”, чиј автор (музика) е Симеон Атанасов (син на Есма Реџепова), а текстот го напиша Борче Нечовски.

Информацијата за избор на песната со која ќе се натпреваруваме на 58-то издание на изборот за Песна на Евровизија што ќе се одржи од 14-ти до 16-ти мај во Малме, Шведска, се уште официјално не е потврдена.

Неофицијално, нашите претставници Влатко Лозаноски-Лозано и Есма Реџепова-Теодосиевска веќе се подготвуваат за нејзино што поуспешно изведување и претставување пред пошироката јавност. Песната, која е во етно поп стил, моментално се доработува, а наскоро ќе ја имаме и финалната верзија што премиерно ќе ја слушнеме во специјалната емисија на МТВ, закажана за 27-ми февруари. Во нејзини рамки ќе настапат нашите евровизиски претставници кои во придружба на “Биг бенд” и Народниот оркестар на МРТВ ќе изведат дел од своите композиции во живо.

Шлаг на вечерта, секако ќе биде премиерно претставување на евровизиската песна со работен наслов “Опсесија”. Како што дознаваме, песната ќе биде снимена и на англиски јазик, поради подобра промоција во светот и лобирање на гласови, а Есма и Лозано во Шведска ќе настапат на македонски јазик.

Подготви: Редакција Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: